Секое утро во нашите мисли ни се провртува прашањето - што да појадувам сега? Сите ние се бориме со овој проблем, но, за среќа, постојат многу решенија и може да се пронајдат секаде. Фантастични, брзи рецепти за вкусен појадок, а најдоброто од сѐ е што тие се подготвуваат пред спиење. Наутро ќе имате доволно време за да појадувате брзо, лесно, здраво, а притоа да добиете многу енергија и да бидете подготвени и насмеани за уште еден ден, кој, најверојатно, е полн со обврски, задачи и нови проблеми.
Појадок со боровинки
Боровинките се секогаш одлично решение за појадок не само поради совршениот вкус туку и поради нивните многубројни предности, почнувајќи од фактот дека се одлични за крвната слика, па сѐ до тоа дека се моќни антиоксиданси. Поради тоа, често се користат свежи во исхраната, па ова е појадок кој е многу вкусен и кој ќе ви даде доста енергија.
Ставете 3-4 лажици овесни снегулки во некој сад или подлабока чаша. Во друг сад измешајте 120 милилитри млеко (може да биде бадемово, кокосово...) со половина лажичка мед, а потоа ставете го во снегулките. Добро измешајте ги сите состојки и ставете ги во фрижидер до наредното утро. Кога ќе се разбудите, извадете го садот од фрижидер, додајте една лажичка бадемови листови или 2-3 бадеми, малку боровинки по вкус и малку павлака. Измешајте ги сите состојки и ќе добиете совршен појадок, кој е вкусен и здрав и кој ќе ви овозможи одлична енергија за целиот ден.
Здрав чиа-појадок
За чиа-семето во последните неколку години доста се зборува. Иако се ситни и речиси незабележливи, чиа-семките се доста здрави, одлични се во борбата против разни болести, но тие се и совршена превентива, поради што сѐ повеќе се вклучуваат во секојдневната исхрана. Иако ова семе нема вкус, тоа симпатично крцка под забите, па освен што е полезно за здравјето, интересно е и за јадење. Еве еден појадок што можете да си го подготвите уште денес.
Во блендер ставете една рака свежи или засладени малини, додајте 3 супени лажици кокосово брашно, малку екстракт од ванила, 3 лажици чиа-семки, па прелејте ги со 240 милилитри бадемово или кокосово млеко. Ставете ја изматената смеса во фрижидер околу половина час, но доколку немате време наутро, најдобро е наве- чер да го подготвите и да стои во текот на ноќта. Наутро ќе имате одличен чиа-пудинг. Измешајте го со малку путер од кикиритки, а можете да додадете и парчиња овошје. Уживајте!
Домашен јогурт во два слоја
Еве еден одличен појадок, кој изгледа доста интересно бидејќи има два дела, кои секако можете да ги измешате додека го јадете. Во помало тенџере ставете една рака свежо или замрзнато овошје, додајте 3 супени лажици чиа-семки, 2-3 лажички мед и 100 милилитри вода. Измешајте ги сите состојки и ставете ги на тивок оган да се сварат, а потоа оставете ги да се оладат. Кога ќе се олади смесата, ставете од неа една-две лажици во помала чаша, а врз неа додајте павлака. Пријатно јадење!
Појадокот е најважниот оброк во текот на денот, а за утрото да биде повеќе од добро, ви откриваме неколку производи за здрав појадок.
За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Мај 2022).