|
прим. д-р Лидија Бисеркоска Атанасовска
Розацеа е честа кожна болест која се манифестира со црвенило, мoзолчиња и оток на кожата на лицето. За неа се зборува како за „акни кај возрасни“. Започнува ненадејно со вцрвенување на лицето, кое брзо поминува и се повторува. Развојот на болеста доведува до појава на постојано црвенило на кожата во центарот на лицето, кое може да се прошири на образите, челото, брадата и носот. Очите, ушите, градите и грбот, исто така, подоцна може да бидат зафатени. По некое време започнуваат да се појавуваат нежни крвни садови околу кожата која е црвена со мали мозолчиња. За разлика од акните овде нема присуство на комедони (црнки).
Кога првпат розацеата се појавува црвенилото брзо го снемува и одново се повторува. Не секој ги развива сите симптоми, проширените мали крвни садови може да се резултат и на дологотрајна експозиција на сонце. Како е и да е, ако кожата не ја враќа нормалната боја, а горенаведените промени се видливи, најдобро е да посетите дерматолог. Ваквата состојба може да трае со години, одвреме-навреме во целост да се санира, но без адекватен третман секако ќе се влошува. Околу 50 % од луѓето со розацеа имаат чувство на печење, чешање на очите, состојба која ја знаеме како конјунктивитис и ако не се лекува може да даде сериозни компликации на видот.
Како да ја препознаете розацеата?
На лицето се појавуваат мали црвени мозочиња од кои некои се со гној, придружени со црвенило и видливи тенки крвни садови на површината на кожата.
Во потешки случаи се развива состојба која се вика ринофима. Лојните жлезди се зголемуваат и прават оток, настанува разранување на носот со црвенило, ова се развива на долната половина од носот блиску до образите. Ринофимата најчесто се јавува кај мажи.
Кога најчесто се појавува?
Најчести пациенти се возрасни од 30-тата до 50-тата година со светла кожа, од двата пола. Понекогаш болеста е почеста во менопауза, па жените често се жалат на голема чувствителност на козметички препарати. Во ситуации кога е присутно чувство на срам, изложеност, притисок, стрес, црвенилото може да биде потенцирано.
Причини за појава
Причините сè уште не се јасни, се работи за воспаление на кожата придружено со проширување на крвните садови во кое улога може да игра инфективен причинител, како
Demodex и
Helicobacter pylori. Но, секако, влијание може да има вродениот имунитет, надворешните фактори, т.е факторите од околината.
Совети за пациентите со розацеа
- Избегнувајте сè што може да ја поттикне состојбата, како топли пијалаци, зачинета храна, кофеин и алкохол кои можат уште повеќе да го зацрвенат лицето. Треба да знаете дека пиењето алкохол може да ги потенцира симптомите. Но и кај луѓе кои воопшто не пијат алкохол може да се присутни овие симптоми.
- Штитете се од сонце. Бидете под сенка секогаш кога можете. Ограничете го движењето на сонце, носете капа и употребувајте креми со SPF од 15 нагоре и повторувајте го нанесувањето на кремот на секои два часа.
- Избегнувајте екстремно топли и ладни температури, затоа што симптомите може да се влошат.
- Бидете почесто на свеж воздух, не се претоплувајте. Немојте да се чешате, да го триете или да го масирате лицето.
- Избегнувајте козметика и производи за лице кои содржат алкохол. Лакот за коса употребувајте го во помали количини, притоа одбегнувајте директен контакт со кожата на лицето.
- Водете дневник на епизоди на црвенило кои се асоцирани со консумирање некоја храна, продукти, активности, лекови или сè останато што ја влошува состојбата.
Лекување
Розацеата најчесто во почетокот не се препознава како болест. Но многу е значајно да се распознае заради преземање први чекори во контролирање на состојбата. Немојте да се самодијагностицирате и да се лекувате на своја рака, затоа што голем број производи наменети за кожа може да го провоцираат црвенилото.
Дерматолозите препорачуваат комбинација на третмани за секој пациент посебно. Овие третмани треба да го спречат развојот на болеста.
Креми, лосиони, пени, гелови за миење се дел од локалната терапијата, антибиотици, метронидазол, бензоилпероксид, азелаична киселина, ретиноиди се дел од лековите. Подобрување на кожните симптоми се гледа по три до четири недели терапија. За поголем ефект терапијата треба да трае барем два месеца.
Пиењето антибиотици дава подобар резултат отколку локален третман. Препарати како кортизон може да го намалат црвенилото на лицето, но не смеат да се употребуваат повеќе од две недели, затоа што предизвикуваат истенчување на кожата и повторувачко зголемување на црвенилото. Најдобро е да се употребуваат препарати кои ќе ги препорача дерматолог.
Малите проширени крвни садови се третираат со ласер, а црвенилото може да биде покриено со зелено обоена пудра.
Посебни третмани
Ринофимата се третира хируршки. Ексцесот на ткиво треба да биде многу внимателно отстранет со дермабразија, ласер и други хируршки методи.
Клучот за успешен третман на розацеа е рана дијагноза и третман. Многу е важно да ги следите упатствата на дерматологот. Ако не се лекувате, розацеата се влошува, а тоа значи дека болеста тешко може да се контролира.
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2020).