Фармацевти
Контакт

<< Назад

Сезоната на алергиите кај децата почнува, а со тоа и стравот дали е КОВИД-19 или алергија?

мај 6, 2022

Др. Ангелчо Андоновски


Тема што во претстојниот период ќе ни биде многу важна кога станува збор за здравјето на нашите дечиња. Сега кога почнува сезоната на алергии, сигурно ќе се појават симптоми што ќе ги испла- шат родителите - кивање, течење на носот, кашли- ца. Кивање, кашлање, затнат нос - кога ќе забележиме такви симптоми, во денешно време често се сомневаме на Ковид-19. Сепак, постојат разлики помеѓу обичната настинка и алергиите во однос на инфекцијата со коронавирус. Поленот од дрвјата е веќе во ек и оној што има хроничен проблем треба да знае дека е време да почне со терапијата. Анализите на крвта се многу важен параметар за да се направи разлика помеѓу алергија и Ковид-19.
Кај вирусите покажува намален број на леукоцити и зголемен број на лимфоцити, а кај алергиите еозонофилите се во пораст.
Исто така, има и други симптоми - оние што имаат алергии не се чувствуваат премногу уморно како кај Ковид-19, а и при алергиски ринитис често може да се изгуби и сетилото за мирис. Ако детето почне да одбива храна, тоа е показател дека е во лоша општа состојба, има температура, почнува да кашла. Дијарејата е доста честа појава на таа возраст, може да има промени на кожата во вид на уртикарија, забележани се и инфекции на увото кај малите пациенти позитивни на коронавирус.

Важно е да знаете како да ги разликувате симптомите предизвикани од коронавирусот од оние типичните за настинки или алергии. Тоа разграничување во сезоната на алергии, гастро и респираторни инфекции е доста тешко. Короната кај децата има разни симптоми - од општи манифестации, треска, до респираторни тешкотии, понекогаш и дигестивни растројства. Она што основно треба да го направиме е епидемиолошка анкета - позитивни родители, позитивна средина, а потоа да се обрне внимание токму на детето, кое е со треска, малаксаност, болки во зглобовите, главоболка, кашлица, повраќање, дијареја, но сите овие симптоми не се присутни кај алергиите.

Кај алергиите обично нема температура, но се присутни кивањето и кашлањето. И алергиите секако имаат своја определена сезона. Како месеците напредуваат и се движиме кон периодот на пролетта, проблеми во тој момент може да создадат јаворот, брезата, врбата, тревата и многу други.

Напредното цветање им создава проблеми на луѓето со алергии.
Во принцип сите растенија се со зголемени концентрации на полен. Онаму каде што климата е поостра, концентрацијата на полен е помала.



Падот на температурата благо ќе ги намали концентрациите на полен, но со подобрување на времето тие повторно ќе се разгорат. Ако некој развие алергија на полен, ќе ја препознае по карактеристичниот силен секрет од носот и чешање во грлото, носот или ушите, дури и отекување на ларингсот и отежнато голтање. Кај многу пациенти проблемите се потенцираа поради топлото време и присуството на висока концентрација на полен од дрвјата во воздухот, што почна практично од крајот на јануари. Оние пациенти што од претходно знаат за својата болест и кои се консултирале со педијатар алерголог, знаат како да ја користат својата редовна терапија во текот на сезоната, како и да ја интензивираат доколку е потребно. Оваа терапија за алергиски проблеми се состои од земање неседативни антихистаминици и назални спрејови со кортикоиди. Доколку има и бронхијална астма, потребно е редовно користење спрејови, професионално кажано – инхалациска терапија со кортикоидни пумпи. Некои пациенти со астма земаат комбинација од кортикоиди (кортикостероиди) и лекови што моментно ги прошируваат дишните патишта (бронходилататори) во истата пумпа, заедничка комбинација за подобра апсорпција.

Што е со оние деца што имаат симптоми на респираторна алергија првпат оваа сезона? Родителите треба да знаат дека симптомите на таа првична алергија се чешање на носот и очите, кивање во серија, лачење чиста течност од носот, понекогаш и целосна назална конгестија поради што дишат на уста, а симптомите на алергиски бронхијалната астма се, пред сè, напади на задушување: отежнато дишење, со чујно свирење и отежнато дишење во градите.
Значи, симптомите на алергија значително се разликуваат од симптомите на вирусна инфекција, кои вклучуваат: треска, малаксаност, болки во мускулите и кашлица. Децата со вакви симптоми мора задолжително да се јават во педијатриска служба. Секако, можно е и детенце со респираторна алергија да добие вирусна инфекција и во тој случај симптомите се комбинираат и се третираат комбинирано, во зависност од општата состојба и степенот на респираторните проблеми.

Оние што првпат ќе почнат да покажуваат алергиски манифестации, може да користат антихистаминик. Како најважна информација за родителите е дека, особено во овој период, кога инфекцијата со омикрон-сојот е присутна кај 95 % од случаите, кој е поагресивен и контагиозен, не треба да има место за паника воопшто бидејќи симптомите се само неколку дена и поминуваат многу лесно, дури можам и да потврдам од сопствено искуство, кај децата траат од 4 до 6 дена. Обично се манифестира со благо покачена температура и сува кашлица, слаби болки во мускулите и зглобовите. Веќе и притисокот во педијатриските амбуланти е сведен на минимум.

Само како битна забелешка е дека особено внимание треба да им се обрне на децата со многу коморбидитети, односно со многу други заболувања, од типот на кардиоваскуларни, имуносупресивни, онко- лошки, системски, дијабетес, дебелина и сите оние што имаат некоја ретка болест, кај тие дечиња родителите, доколку забележат какво било влошување, веднаш треба да се јават кај нивниот педијатар, па дури и ако е потребно, детето да биде хоспитализирано.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>