Фармацевти
Контакт

<< Назад

Синдром на прекумерно активен мочен меур (спам)

декември 1, 2021

д-р Ивица Стојановски
спец. уролог ГОБ „8 Септември“, Скопје

|



Синдромот на прекумерно активен мочен меур (СПАМ)  е дефиниран како „нагон за ненадејна, неодложна потреба за мокрење со или без ургентна инконтиненција, обично проследен со зачестено дневно и ноќно мокрење  во отсуство на инфекција на уринарниот тракт (УТИ) или друга очигледна патологија“. Ова е состојба со која сè повеќе се среќаваме во нашата секојдневна пракса. Најчести симптоми на  (СПАМ) се често мокрење кое  е поврзано  со зголемена фреквенција на  дневно и ноќно мокрење  и опфаќа повеќе од осум мокрења за 24 часа или 2 или повеќе посети на тоалет за време на спиење, ургентно мокрење што претставува ненадејна  силна желба за мокрење која е тешко да се одложи и ургентната инконтиненција што претставува ненадејно неволево губење на урина. Овие симптоми сугерираат на  прекумерна активност на мочниот меур, но може да резултираат од задржување на урина и други форми на  дисфункција на мочниот меур и уретрата.

Причините за хиперактивноста на  мочниот меур не се добро  дефинирани, но се смета дека има повеќе фактори коипридонесуваат за оваа состојба. Различни невролошки,  уринарни анатомски абнормалности на долниот уринарен тракт и други нарушувања можат да предизвикаат и/или да ја влошат прекумерна активност на мускулот на мочниот меур.

Синдромот на прекумерно активен мочен меур (СПАМ)  значително влијае на животот на милиони луѓе. Симптомите поврзани со СПАМ можат  да доведат до ограничување на  социјалните активности  поради избегнување на друштво и избегнување на патувања поради недостапност на тоалети,  потоа психолошки ограничувања вклучително депресија, чувство на вина, страв, недостиг на самодоверба и  професионални ограничувања, како отсуство од работа, намалена продуктивност и прерано пензионирање. Исто така, можат значително да влијаат на   домашните, физичките и сексуалните аспекти на оние кои страдаат од него. За жал, многу  од луѓето не сакаат  отворено да разговараат за нивната состојба со членовите на семејството или да побараат медицинска помош.

Фактори на ризик

Постојат  повеќе фактори на ризик за синдромот на прекумерно активен мочен меур како: a)постара возраст; б) жени мултипари или со тешки породувања; в) жени во менопауза или  со хормонални промени; г) шеќерна болест; д) прекумерна телесна тежина; ѓ) опструктивни болести на респираторниот систем; е) покачен крвен притисок; ж) хронична бубрежна инсуфициенција;  з) воспаление на мочниот меур;  ѕ) нарушувања на централниот и периферниот нервен систем;  и) бременост;  ј) зголемена простата. Исто така, мажите кои биле подложени на операција на простата може да имаат поголем ризик за СПАМ како резултат на оштетување на нервната контрола на мускулите на мочниот меур или карлицата или директна механичка траума на карличното дно.

Дијагноза

Синдромот на прекумерно активен мочен меур (СПАМ) е честа состојба, а проценката на пациентот треба да започне со проценка на степенот  на влијание на оваа состојба на  неговиот секојдневен живот.  Темелната анамнеза за историјата на болеста, присуството на чести инфекции на уринарниот тракт, неврогени и хируршки  болести, како  и целосниот преглед на медикаментозната терапија  се од клучно значење за разбирањето на  индивидуалното искуство на пациентот со СПАМ.

Физикалниот преглед може да ги разјасни основните медицински состојби кои придонесуваат за појава и развој на симптомите. Испитувањето треба да вклучува општ физикален преглед, со посебно внимание на невролошкиот преглед и прегледот на  карличното дно. Сегментите на ʼрбетниот мозок од S2 до S4,  каде е сместен моторниот центар за мокрење,   исто така, треба соодветно да се проценат. Со прегледот на карличното дно треба да се  процени дали има знаци на атрофија, пролапс на карличните органи, проценка на мускулната сила на карличното дно  и какви било анатомски абнормалности, вклучително и  дивертикулум на уретрата.

Лабораториското  тестирање вклучува анализа на  седимент на урина,  уринокултура  и евентуално цитологија на урината доколку иритативните  симптоми на мочниот меур и значителна микрохематурија се присутни при анализа на урината. Уринарните инфекции  и хроничните иритирачки состојби на мочниот меур може да се презентираат  како СПАМ. Мерењето на резидуална  урина  при ултрасонографскиот преглед   може да помогне да се исклучи преливна инконтиненција кај мажите.

Уродинамските  испитувања може да бидат индицирани за понатамошно испитување на прекумерно активниот мочен меур кај пациенти со рефракторни симптоми, претходна карлична реконструктивна хирургија, вклучувајќи операции против инконтиненција, невролошки заболувања или  дисфункција на мокрењето. Од другите методи може и електромиографија –ЕМГ, уретроцистоскопија и цистографија, КТ  и МР урографија се прават во исклучителни случаи.

Третман

Третманот на  СПАМ и уринарната инконтиненција  вклучува промена на животниот стил, физикална терапија, лекови или хируршка интервенција.

Промената на животниот стил и диететските мерки  вклучуваат намалување на внес на алкохол и кофеин кој го иритираат мочниот меур, намалена употреба на лекови антихипертензиви, диуретици, седативи и антидепресиви, намалување на телесната тежина, намален внес на течности пред спиење, намалување на тешка физичка активност и тренинг на мочниот меур кој вклучува планирано мокрење на секој 2-3 часа.

Физикалната терапија се однесува на редовно практикување на Кегелови вежби кои ги контрахираат пубококцигеалните и паравагиналните мускули наместо стомачните и електростимулација  која се изведува во високоспецијализирани центри  сo вградување на  т.н.  пејсмејкер.

Медикаментозната терапија опфаќа  третман со антихолинергични лекови  кои се најпосакувани фармацевтски агенси  и прва линија  за  третман на ургентна  инконтиненција и СПАМ.  Антимускаринските  препарати  селективно ги блокираат мускаринските рецептори М2 и  М3  во мочниот меур, а со тоа   ја намалуваат  неговата  прекумерна активност  и го зголемуваат капацитетот на мочниот меур со што се намалува чувството на ургентност.

Бета-адренергичните  агонисти, како што е мирабегрон, кој дејствува  на бета-3 адренергичните  рецептори од  мускулот на мочниот меур  за негова релаксација, исто така, е опција за фармаколошки третман.

И, на крај, секако и хируршкото лекување во решавањето на уринарната инконтиненција кое е  реституција на нормалната позиција на поддршка на везикоуретралниот сегмент и се користи, пред сè, кај стрес уринарната инконтиненција.

Целта на сите овие методи е да се намали иритабилноста на мочниот меур со релаксација на мускулот или зајакнување на свинктерите и мускулите на урогениталната дијафрагма.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>