Пишува: Д-р Марија Јакимова – Спец. по ортопедија
Спондилозата, или уште поконкретно кажано спондилоартрозата, претставува една од најчестите дијагнози кај возрасната популација. Најчесто болеста зафаќа повеќе нивоа на ‘рбетот, па во зависност од тоа на кој дел се појавува може да имаме цервикална или вратна спондилоза, торакална спондилоза и лумбална спондиулоза. Најчести се лумбалната и вервикалната спондилоза. Торакалната спондилоза најчесто не предизвикува некои посериозни симптоми. Постојат неколку медицински термини кои звучат слично и често се мешаат со спондилозата, а тие ги вклучуваат следните состојби:
Спондилитис е воспаление на еден или повеќе прешлени, како што е кај анкилозирачки спондилитис, воспалителна форма на артритис на ‘рбетот. Ова е многу различен процес на спондилоза, бидејќи спондилозата е дегенеративна, додека спондилитисот е воспалителен.
Спондилолизата е нецелосен развој и формирање на поврзувачкиот дел од прешленот наречен pars interarticularis. Овој дефект предиспонира кон спондилолистеза поради спинална нестабилност.
Спондилолистезата е лизгање, изместување, т.е. движење нанапред или наназад на телото на еден прешлен во однос на соседниот прешлен. Како резултат на тоа, ‘рбетот обично не е усогласен, т.е. сите прешленски тела не се во нормална позиција во однос на другите. Ако поместените прешлени се поместуваат со движење на ‘рбетот, ова се нарекува динамична спондилолистеза. Динамично менувањето на прешлените се визуализира со Х-зраци на ‘рбетот, направени со пациент кој се свиткува (свиткување нанапред) и потоа се истегнува (се наведнува наназад) на грбот.
Деформантна спондилоза е раст на коскените боцки (остеофити) или коскени мостови околу дегенерираните интервертебралени дискуси во ‘рбетот.
Спинална стеноза е стеснување на ‘рбетниот канал.
Ова стеснување на ‘рбетниот канал го ограничува и го намалува просторот за ‘рбетниот мозок и нервите кои излегуваат од него.
Ишиалгија е болка како последица од страдање на ишијадичниот нерв, која се протега и се движи од назад кај слабината, над задникот, по должината на ногата, од едната страна или од двете страни. Ишиалгијата е специфичен тип на компресија или иритација на нервите кои излегуваат од ‘рбетниот мозок.
Кои се причините и ризик-факторите за појава на оваа состојба?
Спондилозата е феномен на стареење. Со возраста, коските и лигаментите во ‘рбетот се оштетуваат, што доведува до коскени боцки или шилци.
Исто така, интервертебралните дискови се дегенерираат и ослабуваат, што може да доведе до гернијација на дискусот или надув на дискусот. Спондилозата е многу честа на возраст од 20 до 50 години.
Кои се знаците на симптомите на спондилоза?
Кај некои луѓе спондилозата предизвикува болки во грбот и вратот поради нервна компресија, т.е. вклештување на нервите. Вклештените вратни нерви предизвикуваат болка во вратот, рамената, рацете, па дури и главоболка. Карактеристичните наоди за спондилоза најчесто може да се видат на рендгенграфија на конкретниот дел од ‘рбетниот столб.
Овие наоди вклучуваат намалување на просторот на дискусот помеѓу прешлените, формирање коскени шилци на горните или долните делови на прешлените и таложење калциум на местата каде што прешлените се најпогодени од дегенерацијата. Ако хернираниот диск од спондилоза предизвика вклештување на нерв, болката може да се прошири и во екстремитетите. Болката во грбот поради надув на дисковите обично се влошува со продолжено стоење, седење и свиткување напред, а често се ублажува со менување на положбата или со одење. Ако нервот е многу вклештен, тој трајно се оштетува и поради тоа може да доведе до слабост на зафатениот екстремитет.
Како да се дијагностицира спондилоза?
Дијагнозата на спондилоза се поставува со клинички преглед, со користење радиолошки тестови како рендгенснимање, МРИ или КТ.
Од клиничкото испитување значаен е тестот за цервикална компресија (Шурлинг тест), кој се изведува со странично свиткување на главата на пациентот и поставување притисок врз него. Болка во вратот или рамената на истата страна (т.е. страната од која е свиткана глава) укажува на позитивен резултат за овој тест. Се изведува и тестот со знакот на Лермит: чувство на електричен шок со флексија на вратот на пациентот.
Рендгенграфијата како дијагностичка метода може да ги покаже коскените шилци на ‘рбетните тела во ‘рбетот, стеснување на фасетните зглобови и стеснува на просторите на интервертебралните дискови.
КТ скенот на ‘рбетот е во можност да го визуализира ‘рбетот подетално и да го дијагностицира стеснувањето на ‘рбетниот канал (спинална стеноза) ако е присутно. МРИ-скенот е доста скап, но ги покажува и најситните детали во ‘рбетниот столб и се користи за визуелизација на сите стриктури во ‘рбетниот столб.
Каков е третманот при спондилоза?
Третманите за спондилоза се насочени кон третирање на болките во грбот и вратот што ги предизвикува спондилозата. Достапните третмани спаѓаат во неколку категории: лекови, самозаштита, вежбање и физикална терапија, дополнителна и алтернативна терапија.
Физикалната терапија може да биде ефективна за враќање на опсегот на движење, флексибилноста и зајакнување на тонусот на мускулатурата. Хирургијата се вклучува како изборна терапија кај пациенти со цервикална и лумбална радикулопатија кај кои има неподнослива болка, прогресивни симптоми или слабост што не се подобрува со конзервативна терапија.
Операција на декомпресија на ‘рбетниот столб може да се изведе од преден и од заден пристап. Пристапот варира во зависност од местото и причината за компресија на нервниот корен. Најчесто остеофитите и деловите на интервертебралниот диск се отстрануваат. Хирургија со фузија на прешенски тела: се изведува кога постојат докази за нестабилност на ‘рбетниот столб или неусогласеност на позицијата на прешленските тела.
За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Февруари 2024).