Фармацевти
Контакт

<< Назад

Стареење на кожата

јуни 1, 2021

д-р Коста Цветковиќ
спец. по дерматовенерологија

|



Првите видливи знаци на стареење се појавуваат после 40 година. Кога ни е доволна употребата само на квалитетна козметика, а кои знаци упатуваат дека, доколку сакаме посвеж изглед, треба да контактираме лекар?

На ова прашање не може конкретно да се одговори, бидејќи секоја индивидуа различно се перцепира себеси и има очекувања за својот изглед. Но, ако мораме веќе на нешто да посочиме,  тогаш би рекол дека појавата на пасивни брчки на одредени регии на лицето е знак дека треба веќе да размислуваме за нешто поконкретно отколку само на козметика. Тие брчки се најчесто лоцирани на челото, околу очите, околу носот и меѓу веѓите.

Дали ботоксот е едно од најдобрите решенија за подмладување на кожата (и зошто е, или не е)?

Токму така, ботоксот е моментално (а и во иднина) златен стандард за санирање на брчките на лицето и добивање ефект на подмладување. Неговата улога е да ги „релаксира“ мускулите кои поради нивната нормална работа (гримаси) ја туткаат кожата и со тоа ги создаваат брчките. Безбеден, брз и долготраен, ботоксот ќе остане примат во естетската дерматологија уште долги години.

Постојат ли ефикасни неинвазивни и безболни антиејџинг интервенции, особено за оние кои имаат фобија од игли?

Секако, постојат и далеку по неинвазивни техники особено од областа на мезотерапијата, но ефектот што се добива не може баш да се спореди со тие техники кои побаруваат  боцкање. Брзината на постигнување на саканите резултати, долготрајноста и ефикасноста се сè уште на страната на инвазивните техники, за жал. Но, да појасниме, ова не значи дека неинвазивните методи се неефикасни, туку дека пристапот е поинаков кон постигнување една иста цел.

Кои се, според Вас, во моментов, најефикасните медицинско-естетски третмани и интервенции за подмладување на лицето?

Одговорот на ова прашање ќе варира во зависност од потребата на нашите пациенти. За брчките на лицето ботоксот е златен  стандард третман. Доколку бараме да надоместиме  волумен, тогаш хијалуронските филери ни се најдобра алатка. Доколку бараме да вратиме младешки сјај, еластичност и да го подобриме тенот, тогаш ензимските пилинзи се најдобриот начин да се постигне тој ефект. За флеки настанати од сонце или други причинители, тогаш ласерскиот третман во комбинација со некој од многуте типови на ензимски пилинзи ни дава најдобри резултати. Секој пациент е различен во поглед на желбите, очекувањата и потребите, но овие третмани иако не се единствени, сепак, се најдобри во своите категории и даваат најдобри резултати дефинитивно.

Кожата на вратот и на рацете секогаш е онаа што  ни ги открива годините. Како може да се интервенира за позатегнат изглед токму на овие чувствителни делови?  

Убавината на естетската дерматологија е што му дава слобода на дерматологот да користи различни методи за да ги постигне целите на своите пациенти. За конкретната проблематика би се искористиле неколку различни методи, почнувајќи од ботокс за да ги намалиме брчките на вратот, потоа може да се искористат и некои мезотераписки филери или ласерска фоторејувенација да ја затегне и да ја подмлади кожата. На ова дополнително препорачуваме и козметика за секојдневна употреба и за задржување на ефектот од третманите. Во однос на рацете, дермалните филери ни се најдобар избор, бидејќи го рамнат релјефот на анатомските структури на рацете и со тоа ги „враќаат“ годините наназад. По филерот, третманите со ензимски пилинг за дамките од сонце и липофусцин би биле најсоодветен пристап и на тоа препорачуваме соодветна козметика. Сепак, ова се почетните шеми, се разбира има варијации кои се договараат со самите пациенти,  но и според индикациите. Секој пациент е посебен со свои индивидуални потреби.

После терапиите, што им препорачувате на пациентите за да ги одржуваат добиените резултати од ден на ден, и колкава е нивната долготрајност?

Долготрајноста зависи од типот на препаратот и од организмот на секоја посебна индивидуа. Сепак,  зборуваме за месеци а не за денови во однос на долготрајноста. Ниеден од овие третмани не е траен вечно и бара повторен третман, но во меѓувреме препорачуваме соодветна козметика која ќе има за задача да ги подобри и да ги пролонгира резултатите од дерматолошките третмани кои се направени. Наша препорака е да се води грижа за целото тело, а не само за кожата. Тоа е така бидејќи здравјето на кожата ни е слика на здравјето на нашето тело – сите проблеми од внатре имаат манифестации на површината на кожата и на нејзината функција.

За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>