Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY мамa – Стрептококни инфекции кај децата

октомври 1, 2021

спец. д-р Зорица Мартиноска Андонова
Ординација по општа и семејна медицина
ПЗУ Цитус

|

okt 2021

Стрептококите се грам позитивни бактерии, со сферичен облик, мал дијаметар и распоред во вид на синџири. Не се подвижни, немаат капсула, не создаваат спори и лесно се култивираат на основни подлоги. Постојат многу класификации на стрептококите, при што се поделени во групи и типови. Според условите кои им се неопходни за раст, стрептококите се делат на аеробни и анаеробни.

Во клиничката практика, најчести причинители за заболувања се:

За хуманата медицина најважни се бета хемолитичните стрептококи од групата А кои предизвикуваат околу 98 % од целокупниот број на стрептококни заболувања. Оваа група стрептококи создава цела низа од екстрацелуларни продукти и во организмот предизвикува пораст на соодветни антитела, кои се користат како еден од параметрите за поставување   дијагноза на стрептококни инфекции (AST -  антистрептолизински титар).

Извор на инфекција се главно болни лица или носители на стрептококните бактерии. Стрептококните бактерии се многу заразни и се пренесуваат брзо и лесно, особено во колективи како градинки и училишта. Освен по капковиден пат (кивање, кашлање), инфекцијата може да се пренесе и преку предмети (марамче, крпа и сл.). Малите деца се заразни за својата околина за време на болеста, околу  10 дена.

БОЛЕСТИ ПРЕДИЗВИКАНИ ОД СТРЕПТОКОКНИ ИНФЕКЦИИ

Најчеста болест е ангина, потоа скарлатина и еризипел. Освен ова, стрептококите предизвикуваат кожни болести, болести на ушите, синусите, а поретко пневмонија, сепса или гноен менингитис.

Стрептококна ангина е најчесто заболување кое го предизвикуваат стрептококите. Кај 15 – 30 % од сите воспаленија на грлото кај децата главен предизвикувач е стрептокок од групата А. Болеста  започнува по инкубација од 1 до 3 дена со покачена температура, главоболка, болка во грлото при голтање, црвенило и оток на лигавицата со гноен ексудат и зголемени и осетливи лимфни јазли на вратот. Кај  помалите деца постои тенденција на ширење  на инфекцијата во средното уво, мастоидите и менингите. Пневмонијата која ја предизвикува бета хемолитичниот стрептокок од групата А е опасно заболување, а најчесто настанува како  последица на вирусни инфекции кои веројатно ја зголемуваат осетливоста.

Скарлатината (шарлах) се карактеризира со општи симптоми на болест, ангина и осип и е предизвикана од стрептокок од групата А кој создава еритроген токсин. Болеста почнува нагло со треска, покачена телесна температура и болки во грлото. Осипот се јавува од 12 до 48  часа по почетокот на болеста, најчесто на градите, под пазувите, долниот дел на стомакот и внатрешните страни на натколениците. Осипот бледее по третиот ден, а околу седмиот ден настанува лупење на кожата, што е карактеристично за шарлахот.

Инфекциите на кожата кај децата (impetigo) настануваат на површинските слоеви на кожата со појава на чирчиња кои прскаат, а соголената површина се покрива со гној и красти. Доколку не се лекуваат навремено и соодветно, може да настане потешка форма на инфекција на кожата или еризипел.

Стрептококните  болести имаат големо социјално-медицинско значење поради тоа што компликаците од нив (ревматска треска и акутен гломерулонефрит) се јавуваат доцна и можат да остават трајни последици по здравјето на децата.

Акутниот гломерулонефритис се развива често по кожна инфекција со стрептококи. Болеста се карактеризира со појава на отоци, висок крвен притисок, појава на крв и протеини во урината и нарушена бубрежна функција. Најголем дел од болните деца заздравуваат целосно, додека кај мал број деца доаѓа  до развој на хроничен нефритис и бубрежна инсуфициенција.

Ревматската треска се јавува една до четири недели по инфекција со стрептококи од групата А, која дури може да остане и незабележана. Типични знаци на ревматска треска се висока температура, слабост,  мигрирачки артритис, кардитис. Ревматската треска покажува тенденција на реактивација во случај на рекурентни инфекции со стрептококи и затоа е важно таквите пациенти да се заштитат од  повторни инфекции со стрептококи од групата А со профилактична примена на пеницилин.

ЛАБОРАТОРИСКА ДИЈАГНОЗА

Дијагнозата на стрептококните инфекции се поставува со докажување  присуство на бактеријата во брисеви од грло или кожа, гној, хемокултура, цереброспинална течност, искашлок, брис од ректална регија или урина. Примерокот за испитување зависи од локацијата на инфекцијата. Покрај земањето материјал за микробиолошка анализа, неопходно е да се направи и основна биохемиска анализа на крвта и урината. За секој изолиран стрептокок се прави соодветен антибиограм, затоа не се препорачува започнување со антибиотска  терапија пред да се добие конечен резултат.

ЛЕКУВАЊЕ

Лекувањето на стрептококните инфекции се спроведува со антибиотици и прв лек на избор е пеницилинот. Кај деца преосетливи  на пеницилин се користи еритромицин или линкомицин. Лекувањето треба да трае 10 дена, со што се постигнува ерадикација на стрептококот и се спречува развој на постстрептококна болест.

Антибактериските лекови немаат влијание на развиената постстрептококна болест, меѓутоа корисни се за спречување на реинфекција со група А стрептококи кај пациенти со ревматска треска.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ОКТОМВРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>