Фармацевти
Контакт

<< Назад

Стресот кај младите

јули 2, 2020

проф. д-р Слаѓана Ангелкоска
психолог



|

Возрасните често велат дека младоста е најубав и најбезгрижен период од животот. Кога тоа ќе го слушнете сигурно косата ви се дига и си велите дека тие ништо не разбираат. Особено колку често и самите сте под стрес и притисок. Да бидеме искрени, колку младоста со себе да носи волшепство (за кое  стануваме свесни откако ќе помине), сепак, со себе носи и многу тешкотии и предизвици со кои треба да се соочиме.

Многу промени во себе и околу себе бараат да се приспособите и да се снајдете во нив, а сето тоа предизвикува стрес. Чувството на стрес се јавува кога чувствуваме дека барањата со кои се соочуваме ги надминуваат нашите капацитети на соочување. Тогаш телото реагира така што  покренува дополнителна сила  и ресурси за да  можеме успешно да се справиме со стресната ситуација. Доколку стресната ситуација трае долго или се повторува често, во тој случај организмот се исцрпува и се чувствува незадоволно, уморно и преоптоварено.

Дали одредена ситуација ќе ја доживееме како стресна или не зависи од две проценки: „Колку оваа ситуација ме загорозува?“ и „Можам ли да се справам со оваа ситуација?“. А покрај тоа важно е што навистина преземаме во стресна ситуација.



Кои се стресни ситуации кај младите?

Како да се справиме со стресот?

За да се справиме со стресот, прво треба да препознаеме дека сме оптоварени.

Можеби секогаш сте нервозни, бесот го истурате врз другите, или сте плачливи или со променливо расположение... Би сакале сите проблеми да ги преспиете, ве боли стомакот, навечер не можете да заспиете (низ глава ви се вртат разни проблеми) или мечтаете, немате волја за ништо, гледате серии и едноставно не можете да работите нешто... Нема да стигнете ниту да јадете, лутате од една до друга обврска. Од проблемот бегате со тоа што долго време сте на интернет. Се повлекувате и се затворате пред другите и не кажувате што ве мачи, или сте агресивни. Секогаш ве мачи главоболка, болка во стомакот, а нема реален проблем.

Причина за сето ова може да биде чувство на напнатост и стрес.



Тајната на доброто справување со стресот

Да се зајакнете себеси и да имате повеќе сила да се справите со стресна ситуација јадете  и спијте доволно и здраво. Редовно вежбајте или занимавајте се со некое хоби. Одморајте, поминувајте одредено време на чист воздух во природа, правете одредени активности во кои ќе се чувствувате опуштени, насмеани. Стојте понастрана од проблемот.

Корисно е негативната енергија да ја исфрлите преку спорт, брзо пешачење... нешто што сакате да го  правите и низ кое можете да го исфрлите вишокот енергија.

Секој има свој начин на исполнување и важно е да го пронајде.

Смирете се и доколку мислите ви лутаат „100 на саат“ обидете се да се смирите со одредена активност пред нешто да преземете.

Поставете реални цели

Ако имате неколку активности кои ве привлекуваат, треба да се одлучите која цел ви е поважна. Да пораснеш значи и да направиш избор, а тоа значи добро да се грижиш за себе, да знаеш да ги слушнеш своите желби и потреби.

Планирање и организирање на своето време

Во ништо не треба да се претерува, треба да се запрашате како и во што ви поминува  времето. Треба да го ограничите времето поминато на интернет или гледање   телевизија. Планирајте го своето време, најдете време за обврските, за себе, за дружење. Можеби нема сè да постигнете во текот на денот, но сè ќе може да се заврши во текот на неделата.

Совесно и одговорно совладајте ги своите обврски

Доколку работите ги оставате за подоцна, во тој случај тие ќе се насоберат и  не ќе можете да ги решите. Доколку сте склони да ги одложувате работите, во тој момент речете: „Во ред сега ќе ја завршам оваа работа, така што за подоцна ќе ми остане помалку работа“.

Појасно да се согледаат тешкотиите

За полесно да се справите со проблемот, најпрвин треба јасно да се види проблемот. Тоа значи ниту да се намали неговото значење ниту да му се даде некое поголемо значење.

Набројте што најмногу  ве мачи. Напишете го тоа на лист хартија. Додека мислиме на проблемот тој ни се чини дека е многу голем, но кога ќе го напишеме на лист хартија можеме реално да го видиме неговото значење, а и поуспешно да се справиме со него.

Размислете што би можело да ви помогне да го решите проблемот? Што во моментот ви е најважно? Што најмногу ве мачи? Кои чекори би можеле да ги преземете за да го решите проблемот? Кои информации и вештини би ви помогнале? Како до сега сте го решавале  проблемот? А можеби и ќе се изненадите кога ќе откриете дека проблемот и не е така голем и страшен.

Промени го начинот на гледање на работите

Запрашајте се што е овде најлошо? Од што најмногу се плашите? Обидете се да размислувате како на овој проблем би гледале по неколку месеци или години? Дали ќе изгледа толку страшен? Што можете да научите од оваа ситуација? Доколку сте премногу заморни и вознемирени да размислувате за проблемот, тргнете  се настрана од него, слушајте ја омилената музика, одете на прошетка.

Охрабрете се – сетете се на искуствата кои ги имате од минатото, како успешно сте ги решавале проблемите. Кои се вашите  сили кои во тоа може да ви помогнат? Оптимизам? Брзо учење? Смиреност во стресна ситуација? Фантазија? Креативност? Подготвеност да го слушнете советот и искуството на другите луѓе од кои ќе добиете и идеја како да се справите со проблемот?

Побарајте поддршка

Разговарајте со пријателите, родителите, блиски роднини кои имаат разбирање. Понекогаш некој кој со разбирање нè слуша е доволно за да изнајдеме начин како да се справиме со конкретна ситуација.

Многу е важно да имаме поддршка во моменти кога ни е најтешко. Но, мора да знаеме и да препознаеме кои луѓе околу нас се подготвени да нè поддржат и да нè разберат во моментот. Важно е да не се откажувате и јасно да им дадете на знаење колку ви е тешко.

Учете од искуство

Тоа може да ви помогне да спречите настанување  некој нов проблем. Бидете искрени  пред себе. Можеби се доведувате во стресна ситуација со тоа што ги одлагате работите или го трошите времето на нешто што не е толку важно. Донесете одлука дека ќе преземете чекор да ги спречите таквите работи во иднина.

Помогнете им на другите

Иако звучи чудно, ова е добар начин пореално да го согледате својот проблем. Кога сме фокусирани на своите проблеми може да ни се чини како да е пропаст на светот. Но, кога ќе видиме какви сè проблеми имаат луѓето околу нас, во тој случај ќе можеме реално да гледаме на својот проблем.

Решавајте го проблемот

Не сте беспомошни. Доколку сметате дека професорот ве има на пик, тоа не е изговор ништо да не учите. Подобро е да размислите како ќе оставите подобар впечаток.

Треба да оцените што треба да направите и да преземете конкретни чекори – мечтаењето може да биде и корисно, но важно е и да се преземат конкретни чекори.

Добро да се грижите за себе значи и да побарате помош во моменти кога ви е најтешко и најпотребно.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУЛИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>