Фармацевти
Контакт

<< Назад

Сè што треба да знаете за канабисот применуван во медицински цели

февруари 1, 2021

Гордана Трендовска Серафимовска
дипл. Фармацевт
спец. по контрола и испитување на лекови
советник за канабис
РЕПЛЕК ФАРМ ДООЕЛ, СКОПЈЕ

|



 По либерализацијата на употребата на канабис во медицински цели, од јуни 2016 година, во Македонија, еднакво како и во светски рамки, се наметна прашањето во која категорија да се вбројат производите од  канабис...

Од една страна, премногу се потентни за да бидат категоризирани како додатоци на исхраната/диететски додатоци, а, од друга страна, премногу се хербални за да бидат  категоризирани како стандардни, конвенционални лекови на современата медицина.

Кај нас преработките од канабис кои содржат деклариран состав на примарниот непсихотропен канабиноид, CBD, и отсуство/лимитирано присуство на психотропниот THC (со максимум 0,2 % THC и максимум 2 mg вкупен дневен внес TDI), се категоризирани како гранични  производи. Оваа категорија гранични производи се наоѓа во слободна продажба, односно се издава без лекарски рецепт.

Од друга страна, преработките и препаратите од медицински канабис кои содржат деклариран состав на психотропен THC, над 0,2 %, самостојно или во комбинација со примарниот непсихотропен канабиноид,  CBD, се категоризирани  како медицински препарати од канабис.

Овие медицински препарати се издаваат исклучиво со лекарски рецепт од специјалист.

 Во изминатиот период од околу 5 години, на домашниот пазар во слободна продажбa се најдоа голем број гранични производи (декларирана содржина на CBD и строго лимирано присуство од макс. 0,2 % THC), за внатрешна и надворешна употреба, со режим на издавање без лекарски рецепт.

Одобрените гранични производи од фармацевтско индустриско производство по правило се со висок, стандарден квалитет и зачуван богат биолошки состав, што се најзначајни предуслови  за нивниот изразен потенцијал при адјувантен третман на повеќе заболувања/состојби кај човекот.

Бројот на гранични производи од канабис континуирано расте. Станаа достапни сè повеќе маслени екстракти за перорална употреба, со повеќе концентрации на примарниот непсихотропен канабиноид  CBD, во широк опсег помеѓу 2 % CBD и 30 % CBD. Овие формулации се достапни со препорачан начин на адмистрирање, вообичаено во капки, со спреј дозер или дозирачки шприц и сл.

Паралелно, пуштени се во промет и гранични производи со повеќе концентрации на примарниот непсихотропен канабиноид,  CBD, наменети за ректална и вагинална примена.

Поради позитивните антиинфламаторни, антибактериски и антифунгицидни својства на екстрактот од канабис за медицински цели при локална употреба на кожа и слузокожа расположливи се и неколку концентрации на масти, со декларирана содржина на непсихотропниот CBD.

Од неодамна, на пазарот се наоѓа уште еден граничен производ; висококвалитетен производ, во форма на спреј за кожа, со докажана биоцидна активност на составните компоненти, дополнета со антимикробната активност на CBD, деклариран во составот на дезинфициенсот.  Наменет е за чувствителна кожа, склона кон иритации. 

 Во јуни 2016 година на домашниот пазар се појави и палета препарати од канабис со медицински цели, кои содржат декларирана содржина од над 0,2 % THC. Препаратите претставуваат соодветна мешавина од два природни екстракти од медицински канабис, екстракт со примарна содржина на CBD и екстракт со примарна содржина на THC.

Се започна со четири, а досега бројот се зголеми на 9 вакви (THC + CBD) медицински препарати, со тенденција за постојан пораст.

Соодносот на примарните декларирани канабиноиди во овие препарати, THC и CBD, е различен, како и нивната финална концентрација и се издаваат само со лекарски рецепт.

Примарно се наменети за адјувантен третман на четири сериозни медицински индикации: канцер, епилепсија, мултиплекс склероза и ХИВ/СИДА, едновремено со стандардната конвенционална медицина,  базирана на докази, со своите најнови достигнувања.

Законодавецот на оваа тема е дециден, но изразито селективен и дискриминирачки; само лекари од 3 специјалности, но и само за адјувантен третман на четири сериозни медицински индикации (канцер, мултиплекс склероза и ХИВ/ СИДА) може да го издадат популарно наречениот „дупли“ рецепт.

Со ова се изгуби основната смисла на либерализацијата на примена на канабис во медицински цели. Граѓаните го бараа канабисот за своите заболувања, кои беа бројни и различни, а тоа ни  случајно не се само за овие три медицински дијагнози...

Во овој контекст Америка го признава и го користи потенцијалот на канабис и неговите преработки за над 100 медицински индикации, а Европа засега за над 60, кој број од ден на ден расте.

Голем број од граѓаните кои ја инцираа и се изборија за легализацијата во медицински цели,  поради немањето каква било законска можност да го добијат посакуваниот „дупли“ рецепт,  со право реагираат дека се изманипулирани со ваквиот Закон, кој повторно ги враќа на илегалниот пазар, за кој „бројот на дијагнози никогаш не е ограничен“.

Се наметнува прашањето, зарем ова беше целта на либерализацијата на канабисот во медицински цели... Кому ваквата „нечиста игра“ му одговара, освен на илегалниот пазар?

Искуствата јасно покажуваат дека оваа состојба во најкус рок треба да се коригира, односно неопходни се целисходни измени на Законот во правец секој лекар специјалист, стоматолог, доктор по ветерина, па и матичен доктор да  добие право да препише препарат од канабис кој содржи THC.

Целисходно е целата здравствена фела да ги поддржи усилбите за вакви Измени и дополнувања на Законот, кои се во собраниска процедура, за либерализацијата конечно да ја оствари вистинската смисла.

На почетокот на 2020 година високиот потенцијал на канабис при надворешна примена во медицински, козметички и хигиенски цели е искористен во нова, иновативна линија, категоризирана како гранични производи.

Во неа се споени потенцијалот на природниот CBD екстракт со добро познати инградиенти против стареење (anti-aging ефект), со цел да ѝ се помогне на зрелата кожа.

Успешно забавувајќи ги процесите на стареење, едновремено, кожата се заштитува, детоксицира и ревитализира. Содржината на природни компоненти со антиоксидантни својства ја храни и ја збогатува кожата, обезбедувајќи превенција од оксидативен стрес и оштетување на клетките.

Значајно за потенцирање е дека, како и сите останати гранични производи од канабис, оваа иновативна козметичка линија на производи со висок квалитет содржи декларирано присуство на CBD како активен принцип, кој потекнува од присуството на природен, полновреден/пополн Full Spectrum екстракт од канабис, добиен со ладна постапка на суперкритична екстракција со јаглерод диоксид.

Токму затоа мора да се прави јасна дистинкција помеѓу оваа линија гранични производи  за хигиена, нега и разубавување и останатите т.н. козметички производи присутни на пазарот, главно од увозно потекло, кои сосема некоректно се именуваат како „Козметика од коноп“ или „Козметика со  масло од коноп“.

Вистината е една и недвосмислена...

Сите други засега присутни „Козметички производи од коноп“ или со „Масло од коноп“, воопшто НЕ содржат екстракт од канабис, туку само биолошки вредно „Масло од СЕМЕ на коноп“,  кое долги години се користи во козметички и во прехранбени цели.

Разликата е повеќе од сигнификантна...

 Но, бидејќи јасно не е презентирана, претставува груба манипулација на граѓаните.

Основната причина лежи во Законот од 2016 година, во кој канабисот е одобрен во медицински, но не и во козметички, прехранбени и други цели. И од тогаш е неизменет...

Измените на Законот се сега во собраниска процедура и секако се целисходни....

Одобрувањето на контролирано присуството на CBD во повеќе индустриски производи за широка потрошувачка ќе стимулира и ќе развие повеќе врзани индустриски гранки, со крајна цел поширока афирмација на потенцијалот на канабис од повеќе аспекти, поголем бенефит за системот и граѓаните... 

 За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2021).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>