Фармацевти
Контакт

<< Назад

ТИРОИДНАTA ЖЛЕЗДА И НЕЈЗИНИTE ЗАБОЛУВАЊА

јуни 1, 2024



Тироидната жлезда е дел од ендокриниот систем, сместена на предниот дел од вратот. Има облик на пеперутка, составена од два лобуси, поврзани со тенко тироидно ткиво наречено истмус. Тироидната жлезда лачи хормони кои имаат улога во регулирање на метаболизамот и ја регулираат функцијата на речиси сите ткива во телото.

Тироидните хормони се важни за растот и нормалниот развој, тие ја зголемуваат стапката на раст на младите луѓе. Тироидните хормони играат особено клучна улога во созревањето на мозокот за време на феталниот развој и првите неколку години од постнаталниот живот. Создавањето тироксин примарно е регулирано со тиростимулирачкиот хормон (ТSH), кој се ослободува од хипофизата. Регулацијата оди по пат на повратна спрега, што значи кога има намалена функција на тироидната жлезда се лачи повеќе ТСХ, со цел да се зголеми стимулацијата на тироидното ткиво да ја создаде потребната количина тироксин и обратно, во случај на зголемена функција на тироидната жлезда, високото ниво на тироксин во крвта го намалува нивото на ТСХ.

ЗАБОЛУВАЊА НА ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА

1. Гушавост                                                            

Зголемувањето на тироидната жлезда се нарекува гушавост. Недостигот на јод во исхраната е најчеста причина за гушавост, особено во областите каде што почвата е сиромашна со јод. Ако во исхраната има недостиг на јод, хипофизата испраќа пораки до тироидната жлезда да создаде тироксин, но без ефект. Во обидот да создаде повеќе тироиден хормон, жлездата станува се поголема и резултира со видлива гушавост кај пациентите.

2. Зголемена активност на тиоридната жлезда – хипертироза, тиротоксикоза

Ова е состојба кога тироидната жлезда ослободува премногу тироидни хормони во крвотокот. Најчеста причина е Грејвсовата болест, автоимуна состојба во која се создаваат антитела кои предизвикуваат неконтролирана стимулација на тироидната жлезда. Покрај тоа, тиротоксикоза моше да предизвика и токсичната мултинодуларна гушавост, единечен аденом на тироидната жлезда кој независно, неконтролирано, сам лачи голема количина на тироидни хормони, субакутно воспаление на тироидната шлезда и аденом на хипофизата кој лачи вишок ТСХ. Симптомите на тиротоксикоза вклучуваат забрзан пулс, тремор (тресење) на рацете, потење. чувстvo на топлина, губење на тежината (и покрај зголемен апетит), нервоза, вознемиреност, анксиозност, замор, дијареа, испакнати очи-егзофталмус. Тиротоксикозата се третира со тиросупресивни лекови чија цел е да се намали создавањето на тироидни хормони. Ако болеста се повтори, се препорачува третман со радиојод (кај мали, незголемени жлезди) или хируршко отстранување на жлездата (кај зголемена тироидна жлезда–токсична струма).

3. Хипотироза


Хипотироза е состојба кога тироидната жлезда има намалена функција, а тоа води до намалено ниво на тироидни хормони во крвотокот и забавување на метаболизмот. Најчеста причина е Хашимото тироидит, автоимуна состојба во која антителата ја напаѓаат тироидната жлезда. Покрај автоимуното заболување, хипотироза имаме и кај пациенти кај кои оперативно е отстранета тироидната жлезда од различни причини: токсична мултинодозна струма, тироиден карцином, Грејвсова болест. Симптомите на хипотироза се: летаргија и замор, чувство на студ (дури и во топли денови), невообичаено зголемување на телесната тежина, депресија, намалена концентрација, подуеност на лицето, опаѓање на косата, сува кожа, запек. Карактеристична појава на хипотироидизамот е микседем- оток на меките ткива. Најтешките случаи може да резултираат со микседематозна кома. Терапија - хипотироидизмот се третира со супституција на тироидните хормони, се започнува со мала доза на левотироксин и постепено се титрира до потребната доза, се дава секојдневно на гладно и обично поминуваат неколку недели додека се манифестира ефектот на лекот.

4. Тироидни јазли


Тироидните јазли се чест наод на ехо на тироидната жлезда, почести се кај жените. Поголемиот дел од  нив не предизвикуваат никакви симптоми, нивото на тироидните хормони во крвта е нормално. Најчесто станува збор за цисти, колоидни јазли и бенигни аденоми на тироидната жлезда. Малигните јазли, кои се јавуваат само кај околу 5% од случаите, може да бидат фоликуларни, папиларни, медуларни карциноми или метастази од други карциноми. За да се диференцира дали станува збор за бенигни или малигни јазли, потребно е да се направи тенкоиглена биопсија (FNAB – fine needle aspiration biopsy), материјалот од истата е подложен на цитолошка анализа со која се утврдува дали клетките добиени со биопсијата имаат бенигни или малигни карактеристики. Присуството на повеќе јазли се нарекува мултинодуларна гушавост (детектирани 2 или повеќе јазли) и ако е поврзан со хипертироидизам, се нарекува токсична мултинодуларна гушавост. Малигните јазли (тироидни карциноми) се третираат хируршки, со целосно отстранување на тироидната жлезда, по што во најглоем број случаи се дава радиоактивен јод за тотална аблација на тироидното ткиво. Пацинтите по оперативниот третман практично остануваат без тироидна жлезда, потребно е постоперативно да се почне со супституциона терапија со тироксин, во дози кои ќе го одржуваат нивото на ТСХ на долна граница, затоа што повисокото ниво на ТСХ може да стимулира рецидив на болеста. Повеќето карциноми на тироидната жлезда имаат одлична прогноза и во најголем број се сметаат за излекувани по третманот.

5. Воспаление на тироидната жлезда – субакутен тироидитис De Querva
in

Субакутен тироидитис е ретка состојба, која се јавува како резултат на претходна вирусна инфекција на увото, синусите или грлото, грип или вирусна настинка. Се манифестира со болка во грлото и предниот дел од вратот, покачена телесна температура, изнемоштеност и слабост. Најчесто се јавува кај жени помеѓу 40-50 години и трае од 1до 3 месеци. Во почетокот на болеста може да има знаци на тиротоксикоза, по што следи фаза на хипотироза и најчесто завршува без последици. Се лекува со нестероидни антиреуматици и антипиретици, а во потешките случаи и со кортикоиди. Како последица ретко може да остане хипотироза, која се третира со супституција со тироксин.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јуни 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>