Улогата на ацетилсалицилната киселина во превенцијата на срцевите заболувања
Митови и вистини поврзани со нејзината употреба
Ацетилсалицилната киселина, еден од најчесто употребуваните лекови, долго време игра значајна улога во превенцијата и третманот на кардиоваскуларните заболувања. Сепак, како и секој лек, така ни овој не е „стандарден за сите" и не е без ризици. Затоа е од суштинско значење при неговата употреба да се примени индивидуален пристап кон пациентите. Според препораките на Европското здружение за кардиологија, јасно е дефинирано кој треба, а кој не треба да го употребува овој лек, како за примарна така и за секундарна превенција.
Примарната превенција се однесува на пациенти кои сè уште немаат развиено кардиоваскуларно заболување, со цел да се спречи неговото настанување. Секундарната превенција, пак, е насочена кон пациенти кои веќе имаат кардиоваскуларно заболување, со цел да се спречат идни кардиоваскуларни настани.
Што е ацетилсалицилна киселина и која е нејзината улога?
Ацетилсалицилната киселина е еден од најпознатите лекови, чиешто генеричко име можеби нема веднаш да го препознаете, но постои многу голема веројатност да сте го слушнале под друго име, односно веќе да го користите или да го имате во вашата домашна аптека. Употребата на овој лек во превенција на кардиоваскуларните заболувања се должи на неговите антиагрегациони ефекти. Истите опфаќаат спречување на агрегацијата (слепувањето) на тромбоцитите еден со друг, со тоа намалувајќи го ризикот од формирање тромби во крвните садови. Овој механизам се постигнува преку инхибиција на ензимот циклооксигеназа, кој е неопходен за синтеза на прекурсорите на тромбоксан, кој пак е клучен за активација на тромбоцитите. Целиот овој процес резултира со инхибиција на агрегацијата и формирањето тромби, кои би предизвикале опструкција (зачепување) на крвните садови, а со тоа и срцеви и/или мозочни удари. Со години наназад, ниска доза на овој лек се користи за превенција на кардиоваскуларните заболувања, но неодамнешните промени во препорактите од страна на Европското здружение за кардиологија, точно дефинираат кај кои пациенти овој лек е корисен.
Кој треба да го зема овој лек?
Според најновите препораки на Европското здружение за кардиологија, рутинската употреба на ацетилсалицилната киселина со цел примарна превенција (превенција за појава на срцев или мозочен удар, кај индивидуи кои дотогаш немале ваков настан), веќе не е препорачлива, особено кај лица со низок или умерен ризик. Oттаму, истата треба да биде на основа на индивидуална проценка на здравствената состојба на пациентот. Додека овој лек може да биде значаен лек во третманот на лицата со висок ризик, истиот не е универзално препорачан кај секого, поради можните ризици од крварење.
Пациентите со историја за кардиоваскуларно заболување, како претходни срцеви или мозочни удари припаѓаат во групата на пациенти со висок или многу висок ризик од кардиоваскуларни заболувања. Кај овие пациенти најчесто е оправдана употребата на овој лек, бидејќи потенцијалниот бенефит од лекот ги надминува можните ризици од несакани ефекти и истиот се користи во секундарна превенција (спречување на појавата на нови срцеви или мозочни удари). Кај пациентите со умерен или низок ризик не е препорачлива употребата на ацетилсалицилна киселина со цел примарна превенција (спречување на можната појава на прв кардиоваскуларен настан), бидејќи можните ризици го надминуваат потенцијалниот бенефит. Односно, доколку се работи за генерално здрав пациент, или пациент без постоечки ризик-фактори за кардиоваскуларни заболувања, овој лек не само што нема да даде бенефит за пациентот туку може и да предизвика појава на несаканите ефекти, како крварења, најчесто од гастроинтестиналниот тракт. Како посебна група треба да се издвојат пациентите со дијабетес мелитус (шеќерна болест). Истиот, како единствен коморбидитет не претставува индикација за употреба на овој лек во примарна превенција. Исклучок се пациентите со дијабет кои имаат висок или многу висок ризик за кардиоваскуларни заболувања и кај нив може да се размисли за употреба на овој лек во превентивни цели.
Најчести митови околу употребата на овој лек
Мит 1: Секој пациент над 50-годишна возраст секојдневно треба да го зема овој лек.
Вистина: Ова претставува честа заблуда помеѓу популацијата, но она што треба да се истакне е дека не секој во оваа старосна група ќе има потенцијален бенефит од употребата на истиот. Одлуката за употреба на лекот треба да се направи по соодветна ризик-стратификација, проценка на факторите на ризик, како и постоењето на претходни кардиоваскуларни заболувања, а не само врз основа на возраста.
Мит 2: Ацетилсалицилната киселина е безбедна, бидејќи не треба лекарски рецепт за да се купи.
Вистина: Иако овој лек е релативно безбеден во ниски дози, сепак претставува мошне потентен лек кој може да даден несакани ефекти, како што се крварења и алергиски реакции. Затоа истиот треба да се употребува само по препорака од страна на лекар, кој во услови на зголемен ризик за крварење ќе препише пониска доза на лекот и ќе препорача употреба на инхибитори на протонска пумпа со цел заштита на гастроинтестиналниот тракт.
Мит 3: Ацетилсалицилната киселина треба да се зема на гладно за најдобри резултати.
Вистина: Земањето на овој лек на гладно може да го зголеми ризикот од гастроинтестинална иритација и крварење. Генерално се препорачува лекот да се земе со храна или по оброк, со цел да се минимизираат овие ризици.
Мит 4: Повеќе ацетилсалицилна киселина значи поголема заштита.
Вистина: Повеќе не секогаш значи подобро кога станува збор за овој лек. Напротив повисоките дози може да ја зголемат честотата на појавување на несаканите ефекти, како што се ГИТ-крварењата. Студиите покажуваат дека пониските дози, се исто толку ефикасни во превенцијата на срцевите заболувања како и повисоките дози, притоа намалувајќи го ризикот од компликации.
Мит 5: Ако го земам овој лек не морам да се хранам здраво и да сум физички активен
Вистина: Иако овој лек може да го намали ризикот за срцев и мозочен удар, особено доколку се користи за секундарна превенција, сепак не е замена за здравиот начин на живот. Промената на животниот стил која вклучува медитеранска исхрана (намален внес на заситени масти и храна богата со холестерол, како и зголемен внес на овошје, зеленчук и протеини), физичка активност, прекин на пушење, намалување на телесната тежина, како и намален внес на алкохол, сè уште останува камен темелник во превенцијата на кардиоваскуларните заболувања.
Мит 6: Сите лекови кои содржат ацетилсалицилна киселина се исти.
Вистина: Додека сите овие лекови ја содржат истата активна компонената (acetylsalicylic acid), истите може да се разликуваат во дозата, формулацијата, дополнителните компоненти кои ги содржат и слично. Овие фактори значително може да влијаат врз апсорпцијата и толеранцијата на лекот, како и врз намалувањето на можните несакани ефекти. Оттаму, секогаш треба да се следат препораките од страна на лекарот кој го препишал овој лек.
Иако ацетилсалицилната киселина останува мошне значаен лек во борбата со кардиоваскуларните заболувања, истиот не е наменет за секого, односно не треба да се зема на своја рака. Употребата на истиот не треба да биде само обична препорака, туку одлуката за истата треба да се темели на индивидуален пристап за секој пациент, како и соодветна процена на индивидуалниот ризик за кардиоваскуларни заболувања. Токму поради ова, лекарот игра клучна улога во процеката на потенцијалната корист, како и можните ризици.
Преку информирање и соработка со вшиот лекар, можете да ја направите најдобрата одлука за вашето срцево здравје, без разлика дали таа опфаќа само промена на животниот стил или вклучува лекови како ацетилсалицилната киселина, статините и слично.
Зачувувањето на кардиоваскуларното здравје претставува деликатен процес кој бара внимателно интегрирање на повеќе чинители, како здрави животни навики, редовни медицински прегледи, а кога е неопходно и употреба на лекови. Иако ацетилсалицилната киселина е исклучително моќен сојузник во оваа борба, не секогаш е во прв план, туку претставува дел од целосната приказна.
Д-р Иле Кузманоски
Специјализант по кардиологија на Универзитетска Клиника за Кардиологија, Скопје