Фармацевти
Контакт

<< Назад

Уникатноста на бубрегот

март 1, 2022

д-р Катерина Ристоска
специјалист по интерна медицина
ПЗУ Нефро плус, Скопје

|



Децении наназад придавајќи голема важност на кардиоваскуларните и малигните заболувања, а сега во време на пандемија кога целокупната јавност е свртена кон заболените од SARS CoV-2 и неговите компликации, некако бубрежните заболувања како да се неправедно потиснати и како да е подзаборавена нивната комплексна и совршено важна улога во одржувањето на хомеостатските, метаболистичките, ендокринолошките и регулаторните механизми и потреби на организмот.

Ако се има предвид дека повеќе од 850 милиони луѓе во светот имаат некоја форма на бубрежна болест, односно едно од 10 возрасни лица се лекува од различна форма на бубрежна болест, што ако се спореди со останатите хронични заболувања е двапати повеќе од оние што живеат со дијабетес мелитус (422 милиони), дваесет пати повеќе од светската преваленца со малигни заболувања (42 милиони) и приближно исто толку со AIDS/SIDA (36,7 милиони), станува многу појасно колку е важно што почесто да мислиме за здравјето на наште бубрези. Фактот дека едно од три возрасни лица кои се лекуваат од дијабетес мелитус и едно од пет возрасни лица со покачен крвен притисок може да развие бубрежна болест, која  во најголемиот број на случаи доведува до хронична бубрежна болест и до терминална бубрежна слабост, го надополнува мозаикот за важноста од рана детекција и превенција на болестите на овој уникатен орган.

Уринарниот (мочен) систем се состои од органи кои учествуваат во регулацијата на волуменот и составот на телесните течности: бубрези, мочоводи, бешика и мочен канал. Централен орган на уринарниот систем се бубрезите, кои се сместени во задниот дел на стомакот, по еден од секоја страна на ʼрбетниот столб, при што левиот бубрег е нешто повисоко поставен за разлика од десниот. Комплексната градба на бубрегот во кој се врши регулација на волуменот на течности, електролити, витамини и хормони, претставена од околу милион микроскопски филтри наречени нефрони, зборува за уникатноста на бубрегот во одржувањето на нашето здравје. Дури и при само 10 % функционално ткиво на бубрезите тие можат непречено да ја одржуваат хомеостазата и сè уште да не презентираат симптоми на нивна болест или да бидат неспецифични. Ако еден бубрег или еден негов дел не може добро да ја извршува својата функција, тогаш другиот бубрег или остаточниот дел од бубрегот ја презема неговата функција за да го одржи нормалното функционирање на организмот. На тој начин важните физиолошки параметри (крвен притисок, крвен волумен) остануваат нормални, сè до моментот кога бубрезите повеќе не можат да ја компензираат загубената функција.

Во бубрезите се создава урината што  претставува производ настанат со филтрација на крвта во бубрезите. Нејзиниот состав зависи од способноста на бубрезите да ги задржат материите  што му се неопходни на организмот за правилно функционирање (јаглехидрати, протеини, електролити), а да ги излачат токсините, вишокот на супстанции внесени со храната, заедно со крајните продукти од метаболизмот.

Покрај оваа екскреторна функција на бубрезите, тие имаат и ендокрина функција, преку производство, активација и деградација на хормони, како што е еритропоетинот, со чие дејство бубрезите учествуваат во создавањето на еритроцитите (црвените крвни зрнца) во коскената срцевина, додека со производството и регулацијата на нивото на ренин и простагландини бубрезите влијаат и на васкуларниот систем и регулацијата на крвниот притисок. Во бубрезите се создава и активната форма на витаминот Д, наречена калцитриол, кој е важен за регулација на калциумот и фосфатите во организмот, основни минерали кои се клучни во минерализацијата на коските. Бубрезите ја регулираат и количината на вода во организмот, преку поттикнување на лачење на одредени хормони кои при дехидратација ја задржуваат водата во организмот, а го намалуваат волуменот на урината (антидиуретски хормон и алдостерон), чиешто лачење е намалено во услови кога постои преоптовареност на организмот со вода и тогаш е зголемен волуменот на урината.

Бубрежните заболувања може да бидат предизвикани од различни причини: инфекции, токсини, поради пореметен проток на крв низ бубрезите, поради неможност да се измокри урината (присуство на бубрежни камчиња, различни тумори, зголемена простата кај мажи, кои вршат притисок или комплетно ги  затвораат мочоводите), покачен крвен притисок, генетски и метаболистички заболувања (дијабетес мелитус), автоимуни заболувања. Како резултат на овие заболувања, ако навремено не се дијагностицираат и лекуваат, може да доведат до акутно бубрежно оштетување на бубрезите – АБО (нагло смалување на бубрежната функција и лачење на урината во тек на неколку часа или дена) или да доведат до хронична бубрежна болест – ХББ во која нарушувањето на бубрежната функција настанува бавно, најмалку во тек на три месеци. ХББ е причина за 2,4 милиони смртни случаи годишно, за зголемен кардиоваскуларен морталитет, како и за прерана смрт (пред 65 година од животот). Овој морталитет кој од година во година сè повеќе се зголемува, се предвидува дека до 2040 година ќе биде 5 водечка причина за смртност во светот.

Зависно од причината која довела до бубрежно заболување симптомите може да бидат неспецифични, долг временски период и да ги нема воопшто, може да се преклопуваат со симптомите и да бидат во склоп на одредено системско заболување што се лекува. Вообичаено први симптоми што укажуваат на проблеми со бубрежната функција се потешкотии со мокрењето (зачестено мокрење, неможност да се контролира мокрењето, болки при мокрење, намален млаз на урина, променета боја и миризба на урина, неможност да се измокри). Може да се јават болки во слабините, во стомакот, во висина на мочниот меур. Може да е покачена и телесната температура. Со ненавремено лекување и прогресија на болеста се јавуваат потешкотии во извршувањето на секојдневните активности, појава на гадење, мачнина, зголемено чувство на замор, пореметено спиење, намален апетит, чешање и жолта преобоеност на кожата, се јавуваат и отоци, кои можат да бидат првично на лицето и глуждовите, а потоа и генерализирани (со задршка на течност во стомакот, белите дробови, срцето). Може да доведат до пораст на крвниот притисок, развој на слабокрвност, пореметени електролити во крвта, со развој на срцеви аритмии, неправилна минерализација на коските и нивна слабост.

Многу е важно навременото препознавање на бубрежната болест, со што се зголемува можноста за лекување и се забавува понатамошното напредување на болеста.

Покрај добро земената анамнеза, клиничката слика на болеста и клиничкиот преглед, основно е да се направат лабораториски иследувања со целокупен преглед на крвта, особено на деградациските продукти на метаболизмот (креатининот, уреата, уричната киселина), електролитите во крвта, комплетен преглед на урината и особено за присуството на протеини во урината, кои  претставуваат еден од маркерите за бубрежно заболување. Потребно е и да се направи микробиолошки преглед на урината, да се пресмета клиренс на креатининот и да се направи ултрасонографски преглед на уринарниот систем и абдоменот.  Кај сомнеж за одредени заболувања на бубрегот е потребно и да се направи бубрежна биопсија.

Како што симптомите зависат од причината која довела до одредено бубрежно заболување, така и лекувањето зависи од неа  и опфаќа третман на основната болест, соодветен хигиено-диететски режим, намален внес на соли, доволен внес на течности, регулација на крвниот притисок, шеќерот во крвта, прекин на пушењето и внесот на алкохол, намалување на зголемената телесна тежина, редовно примање на пропишаната терапија, неземање на лекови без совет на доктор, како и редовна физичка активност. Додека ХББ во терминален стадиум се лекува со заместителна бубрежна терапија – хемодијализа и нејзини модалитети, перитонеална дијализа и трансплантација на бубрег.

Затоа е многу важно промовирањето на здравјето на луѓето преку овозможување   универзален и рамноправен пристап до висококвалитетна здравствена заштита, намалување на нееднаквата достапност на здравствена заштита и услуги меѓу одредени социо-економски групи на население.

Чувајте ги вашите чудесни бубрези за да го сочувате вашето општо здравје. Почесто мислете на овој уникатен орган во вашиот организам и посветете му поголема нега и грижа.

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>