спец. д-р Николина Гроздановска
специјалист по медицинска биохемија
и лабораториска медицина
|
Што се антибиотици?
Името им доаѓа од грчката кованица
anti –
против и
bios –
живот!
Антибиотиците се лекови кои се користат за лекување или за спречување на некои видови
бактериска инфекција. Тие дејствуваат така што ги убиваат бактериите или го спречуваат нивното ширење.
Пред бактериите да се размножат и да предизвикаат симптоми, имунолошкиот систем обично може да ги убие. Белите крвни зрнца (WBCs) ги напаѓаат штетните бактерии и, дури и ако се појават симптоми, имунолошкиот систем обично може да се справи и да се избори со инфекцијата. Меѓутоа, понекогаш бројот на штетни бактерии е прекумерен и имунолошкиот систем не може да се бори со сите нив. Антибиотиците се корисни во овој случај.
Антибиотиците се меѓу најчесто препишуваните лекови во современата медицина. Иако антибиотиците се корисни за широк спектар на инфекции, важно е да се сфати дека антибиотиците лекуваат САМО
бактериски инфекции. Антибиотиците се бескорисни против вирусни инфекции (на пример, обична настинка) и габични инфекции (како кандидијаза). Вашиот лекар најдобро може да утврди дали антибиотикот е соодветен за вашата состојба според направените анализи на крвната слика (кај бактериски инфекции се покачуваат белите крвни зрнца) и според направен антибиограм од соодветен материјал (најчесто брис од нос или грло) се препишува антибиотик на кој изолираната бактерија е најосетлива.
Треба да го известите вашиот лекар доколку имате некој од следниве несакани ефекти: повраќање, тешка течна дијареја, стомачни грчеви, алергиска реакција, осип, вагинално чешање или исцедок и бели дамки на јазикот.
Кога се потребни антибиотици?
Антибиотиците може да се користат за лекување на
бактериски инфекции кои:
- не се сериозни, но веројатно нема да се исчистат без антибиотици, како што се акните;
- кои не се сериозни, но може да се пренесат на други луѓе ако не се лекуваат навремено, како што е инфекцијата на кожата импетиго или сексуално преносливата инфекција кламидија;
- каде што доказите сугерираат дека антибиотиците би можеле значително да го забрзаат закрепнувањето, како што е инфекција на бубрезите;
- кои носат ризик од посериозни компликации, како што се целулитис или пневмонија.
Лица изложени на ризик од бактериски инфекции
Антибиотиците може да се препорачаат и за лица кои се поранливи на штетните ефекти на инфекцијата. Тука спаѓаат:
- лица на возраст над 75 години;
- бебиња постари од 72 часа кои имаат бактериска инфекција или ризик поголем од просечниот да развијат таква инфекција;
- лица со срцева слабост;
- лица кои треба да земаат инсулин за дијабетес;
- лица со ослабен имунолошки систем – или поради основна здравствена состојба, како што е ХИВ или како несакан ефект на одредени третмани, како што е хемотерапија.
Антибиотици за да се спречи инфекција
Антибиотиците понекогаш се даваат како мерка на претпазливост за да се спречи инфекција. Ова се нарекува антибиотска профилакса. Ситуациите каде што се даваат антибиотици како превентивен третман вклучуваат:
- ако имате операција што носи висок ризик од инфекција, како, на пример: операција на катаракта или операција на глауком, операција за замена на зглобови, операција на имплант на дојка, операција на пејсмејкер, операција за отстранување на жолчно кесе, операција за отстранување на слепо црево;
- по каснување (на пример, од животно) или рана која дошла во контакт со земја или измет;
- ако имате здравствен проблем кој значи дека сте изложени на поголем ризик од инфекција, како, на пример, ако сте ја отстраниле слезината или имате третман со хемотерапија.
КОГА НЕ СЕ КОРИСТАТ АНТИБИОТИЦИ!
Антибиотиците повеќе не се користат рутински за лекување инфекции, бидејќи:
- многу инфекции се предизвикани од вируси, па затоа антибиотиците не се ефикасни;
- антибиотиците честопати веројатно нема да го забрзаат процесот на заздравување и може да предизвикаат несакани ефекти;
- колку повеќе антибиотици се користат за лекување тривијални состојби, толку е поголема веројатноста тие да станат неефикасни за лекување посериозни состојби.
Здравствените организации ширум светот се обидуваат да ја намалат употребата на антибиотици, особено за здравствени проблеми кои не се сериозни.
На пример, антибиотиците повеќе не се користат рутински за лекување: инфекции на градниот кош, инфекции на увото кај децата, болки во грлото...
Опасности од ЗЛОупотреба на антибиотици!
- Опасност од создавање резистенција (отпорност) на бактериите на антибиотици и создавање „суперсој“
Прекумерната употреба на антибиотици во последниве години значи дека тие стануваат помалку ефикасни и тоа доведе до појава на „супербактерии“. Ова се соеви на бактерии кои развиле отпорност на многу различни видови на антибиотици, вклучувајќи:
- MRSA (methicillin-resistant Staphylococcus aureus)
- Clostridium difficile (C. diff)
- бактериите кои предизвикуваат туберкулоза отпорна на повеќе лекови.
Овие типови на инфекции може да бидат сериозни и предизвикувачки за лекување и стануваат сè поголема причина за инвалидитет и смрт низ целиот свет.
Најголемата загриженост е тоа што може да се појават нови видови на бактерии кои не можат да се третираат со ниту еден од постоечките антибиотици!
- Опасност од уништување или пореметување на нормалната цревна флора
Сигурно сте забележале дека при пиење антибиотици кај некој од вас се појавила течен измет (пролив)!
Имено, нашите црева се колонизирани со „добри“ микроорганизми, таканаречен
микробиом, кој ни помага во:
- варењето на храната: направените студии укажуваат на причина за појава на обезност при пореметување на микробиомот,
- создаваат витамини: како витамин К,
- создаваат секреторни имуноглобулини кои учествуваат во одбраната на организмот и го подобруваат имунитетот,
- создаваат невротрансмитери (како серотонин) и ензими
кои учествуваат во имунолошките и метаболистичките функции.
Антибиотската терапија ги менува моделите на цревниот микробиом кој се создава рано во животот (раѓање и детство) и може да го помести бактерискиот профил кон оној што промовира дебелина, метаболистички абнормалности и/или автоимуни болести.
Скорешните студии за молекуларната основа на стареењето и комплексните заболувања укажуваат на клучната улога на цревниот микробиом во настанување на кардиометаболистички нарушувања.
ЗАКЛУЧОК!
- Антибиотиците дејствуваат само кај бактериски инфекции. Не земајте антибиотици на своја рака и „превентивно“.
- Антибиотик може да ви препише само вашиот лекар доколку има индикации за тоа и соодветно на вашата целокупна здравствена состојба.
- Грижете се за состојбата на вашата цревна флора, бидејќи таа ви помага во правилното варење на храната и одржување на вашиот имунитет.
- Бидејќи антибиотиците НЕ дејствуваат на вируси и габички, при вакви инфекции не го уништувате причинителот на инфекцијата, туку си го уништувате вашиот микробиом!
Останете во добро здравје и вашето тело нека биде вашиот храм!
За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2022).