|
м-р по фармација Горан Ристовски
Уринарните инфекции се едни од најчестите и најупорни бактериски инфекции на бубрезите, мочните канали и мочниот меур. Примарен пат на ширење на инфекцијата (90 %) е со навлегување на бактериите од ректумот и гениталиите кон мочниот меур. Најчесто инфекцијата се задржува во долниот уринарен тракт, односно во мочниот меур (циститис) и уретрата (уретритис).
Причинители на уринарни инфекции се грам негативните бактерии, како што се:
Escherichia coli, Proteus, Klebsiella, Enterobacter, Pseudomonas. Водечки причинител забележан кај 90 % од пациентите со уринарна инфекција е
Escherichia coli. Уринарните инфекции најчесто се јавуваат кај жените но и кај мажите, во одреден период од животот предизвикувајќи воспаление кое може да биде акутно или доколку не се третира правилно да премине во хронично заболување. Уринарните инфекции знаат да бидат доста „здодевни“ и болни, затоа треба да се сфатат сериозно и навремено да се пристапи кон нивна превенција и третман. Симптомите кои ќе ве предупредат и сами да препознаете дека имате можна уринарна инфекција се следните:
- Силна, неодложна потреба од мокрење
- Печење при мокрење
- Силен мирис на урината
- Болка при мокрење
- Заматен изглед на урината која може да содржи и крв
- Болка во карлица, кај жени – најчесто во централниот дел.
Доколку веќе е дијагностицирана уринарна инфекција, започнува фазата на третман. Третманот најчесто опфаќа употреба на антибиотици, но доколку имаме поблага форма на воспаление антибиотиците можат да се исклучат од употреба. Алтернативниот начин на третман на уринарни инфекции веќе е познат кај поголем број од пациентите што некогаш искусиле ваков проблем, а тоа опфаќа употреба на добро познатата брусница и внес на зголемена количина течности. Но, што, всушност, го прави сокот од брусница толку ефикасен во третман на уринарни инфекции? Ефикасноста на сокот од брусница се должи на простиот шеќер кој го содржи, односно Д–манозата.
Д–манозата се покажала за 10-50 пати поефективна за разлика од сокот од брусница. Таа функционира така што формира коагрегати со бактеријата
Escherichia coli кои потоа се исфрлаат преку мокрење, при што добрите бактерии остануваат недопрени, а притоа оставаат и заштитен слој кој спречува повторно населување на штетни бактерии.
Најновите студии покажуваат значителни резултати кај препарати кои содржат Д–маноза во комбинација со пробиотици. Студија направена врз 45 жени со просечна возраст од 40 години со уринарна инфекција покажала дека употребата на Д–маноза во концентрација од 2 грама на ден во комбинација со пробиотик и пребиотик кај
30,3 % од жените се намалиле голем дел од симптомите во првите 15 дена, а за 30 дена тој процент пораснал на
90,9 %. Исто така, Д– манозата влијае и на времето на појава на рецидив, односно повторна инфекција. Нов рецидив кај пациенти кои при третманот на уринарната инфекција користат Д – маноза во просек е по 200 дена, за разлика од класичните антибиотици, кај кои просекот на појава на рецидив е само 53 дена!
Употребата на пробиотик како што е
Saccharomyces boulardii освен што делува за подобрување на интестиналната флора и намалување на негативните последици од антибиотиците, има и директно дејство врз
Escherichia coli. Студија извршена врз 24 деца на возраст помеѓу 3 и 16 години покажала намалување на концентрацијата на
Escherichia coli од 445,74 g/ml на 62,83 g/ml, што е значително намалување. Исто така, не би требало да заборавиме, бидејќи се работи за природен препарат, дека Д–манозата е безбедна за користење и може да се користи кај деца, бремени жени и дијабетичари. Доколку е потребно, може да се користи и заедно со антибиотици, но и самата Д–маноза е ефикасна и при акутни, некомплицирани уринарни инфекции, а како што напоменав спречува и повторување на уринарните инфекции.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (СЕПТЕМВРИ 2020).