|
д-р мед. сци. Маја Милованчева – Поповска
интернист-нефролог
(ПЗУ ПРОМЕДИКА МЕДИКАЛ ЦЕНТАР)
Лето е, а уринарните инфекции се сезонски. Се мисли на летен одмор, сонце, плажа, песок, вода, базен... За некого летото може да носи вознемиреност и страв од појава на уринарни инфекции. Ако не се внимава, мочниот меур често е „жртва“ на летото.
Циститис е инфекција на мочниот меур која почесто се јавува кај жените отколку кај мажите. Циститисот е почест во лето, инциденцата се зголемува за 10-20 % и тоа не зависи дали се летува во северните или во јужните краишта. Причините, симптомите и текот се исти. Најчести причинители се бактериите (ешерихија коли, ентеробактер, протеус, клебсиела), но инфекција може да предизвикаат и вируси и габички (кандида).
Иако инфекцијата се смета за „обична“, симптомите се непријатни и досадни и може да го расипат задоволството и опуштеноста на летниот одмор.
Симптомите лесно се препознаваатː непријатност и болка во долниот дел од стомакот (супрапубично), ректална болка кај мажи, болка за време на сексуален однос, чести нагони за мокрење мала количина урина, ургентност (мора да се мокри веднаш, „сега“), болка, жарење, печење во каналот при мокрење. Урината е матна, потемна, непријатно мириса. Непријатни сензации, бранови на топлина и студ, немир.
Ако симптомите не се подобруваат и се јави висока температура, треска, гадење и повраќање, болка во слабината, изнемоштеност можно е инфекцијата да е проширена во бубрегот. Воспалението на бубрегот, акутниот пиелонефритис е сериозна компликација која бара веднаш консултација со доктор.
Во лето симптомите може да се ублажат со лубеница, грозје, јогурт, чај од магдонос, слез, ѓумбир. Брусницата е богата со фитохемикалии, полифеноли, витамини и минерали кои помагаат во превенција и лекување на циститис.
Симптомите може да се влошат со внес на пржена, лута, кисела или прејако зачинета храна, алкохол, кафе, вештачки засладувачи, благи газирани пијалаци, сок од домати. Алкохолот и кафето може да доведат до дехидратација што не е добро за мочиот меур. Затоа треба да се внимава да не се консумираат прекумерно за да се избегне опасноста од дехидратација. Кофеинот има диуретски ефект ако се внесат повеќе од 4 шолји кафе или 8 шолји чај. За љубителите на кафе кои имаат повторувачки циститиси се препорачува декофеинизирано кафе.
Во лето температурите се повисоки, топло е и повеќе се потиме. Потењето е најефикасен начин за ладење на телото. Ако загубата на вода не се надомести со зголемен внес на течности, лесно може да се дехидрира. Организмот е чувствителен, веднаш реагира, детектира малку течност во телото и се намалува количината на излачена урина која е потемна и поретко се оди во тоалет. Дехидратацијата води до поконцентрирана урина која останува подолго време во мочниот меур. Оваа состојба создава поволни услови за размножување на микроорганизми.
Пливањето во загадена вода овозможува бактериите лесно да се закачат на кожата околу гениталиите и за костимот за капење. Костимот за капење кој е влажен и топол обезбедува одлични услови за размножување на бактериите. Откако ќе се размножат, бактериите патуваат преку мочниот канал и влегуваат во мочниот меур каде може да предизвикаат инфекција, циститис.
Базените се полни со мали, невидливи со голо око, микроорганизми кои потекнуваат од урина, фекални маси, желудочна содржина, и од децата и од возрасните. Затоа базените може да се ризик за здравјето. Најважно е да се плива во базен во кој регуларно се менува водата, се чисти и се дезинфицира со хлор.
„Ве молиме истуширајте се пред да влезете во базен“.
Туширањето под млаз вода пред да се влезе во базен и откако ќе се излезе од базен е неопходно за да се намали ризикот од развој на болести кои се поврзани со вода. Со туширањето пред да се влезе во базен се измива нечистотијата од телото која би можела да се остави во базенот и да се загрози здравјето на другите пливачи. Со туширање по излегување од базен се отстранува хлорот кој може да има негативен ефект на кожата и косата.
Една од почестите заблуди е дека девојките и жените кои се склони кон повторувачи уринарни инфекции не треба да се капат ниту во базени ниту во отворени води (река, езеро, море). Оваа препорака може единствено да се оправда со можноста за вулвоуретрален рефлукс на водата во мочниот меур. Но студии кои ја испитувале оваа можност тоа не го потврдиле, не е најдено дека таа вода ја има во урината во мочниот меур. Затоа препораката нè води до превенција на рекурентните уринарни инфекции. Одржувањето на хигиената е најважно, затоа што особено девојчињата имаат многу осетлива кожа во гениталната регија која лесно се иритира и на која лесно може да се населат бактерии.
Дали може да се патува ако се има циститис?
Воспалението на мочниот меур не е инфекција поради која би требало да се менува планот за патување, освен ако доктор не советувал поинаку. Важно е да се остане хидриран, со себе да се има секогаш доволно вода за пиење и редовно да се мокри (на 3-4 часа).
Дали со почесто измивање се намалува ризикот од циститис?
Во лето, на високи температури, почесто се потиме и почесто се измиваме. Но пречестото миење, особено со употреба на разни сапуни и купки, може да ја оштети чувствителната кожа на гениталната регија. Бактериите полесно се „лепат“ и се размножуваат на оштетена кожа. Важно е да се стекне навика, уште од детска возраст, по тоалет бришењето секогаш да е од напред кон назад. Повеќето бактерии кои предизвикуваат циститис (најчесто ешерихија коли) доаѓаат од цревата каде се дел од нормалната цревна флора.
Во лето кога е почест ризикот за појава на дехидратација може да се зголеми и ризикот за развој на циститис кај лицата со инконтиненција, неволно мокрење. Инконтиненцијата е чест проблем, се смета дека една на пет жени над 40 години има инконтиненција. Има повеќе видови на инконтиненција. Најчеста е стрес инконтиненцијата кога се зголемува притисокот во стомакот при кашлање, кивање, смеење, вежбање. При инконтиненција погрешно е да се намали внесот на течности за да се намали ризикот од неволно мокрење, од страв да не се случи „катастрофа“. Урината тогаш станува поконцентрирана, иритацијата на ѕидот на мочниот меур е поголема и поголема е веројатноста од неволно испуштање урина.
Повеќе фактори влијаат на појава на уринарна инфекција во лето, на одморː топлината, зголемениот внес на алкохол и зголемената сексуална активност.
Да не се случи циститисот да го расипе летото – мерки на претпазливост за намалување на ризикот од развој на уринарна инфекцијаː
- Повеќе вода, течности 10-12 чаши вода за да се задоволат потребите на телото и за да се исплават бактериите од мочниот меур. Телото може да се хидрира и со лубеница, краставица, кои содржат до 70 % вода.
- Туширање пред и по пливање – миење на рацете со сапун по употреба на тоалет.
- Да не се влегува во вода кога имате дијареја, бактериите од течните фекалии полесно влегуваат во уринарниот тракт кога сте во вода.
- По излегување од вода што поскоро да се замени влажниот костим за капење со сув. Влажниот костим за капење е поволна средина за опстанок на бактериите. Исперете го костимот по секоја употреба.
- Контрола на внесот на алкохол. На одмор се случува да се консумира повеќе алкохол кој може да води до дехидратација и да се иритира мочниот меур. Затоа се препорачува помеѓу секој алкохолен пијалак да се испие чаша вода, тоа помога да се остане хидриран и да се зачува здрав мочен меур.
- Внимание при сексуална активност. Жените се особено чувствителни на циститис по сексуален однос. Сексуалниот однос го олеснува движењето на бактериите во мочниот канал и мочниот меур. Се советува по сексуален однос да се испразни мочниот меур. Кај некои жени помага да се земе една доза антибиотик после секс.
За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2020).