Фармацевти
Контакт

<< Назад

Фибромиалгија – едно поинакво чувство и болка низ целото тело

февруари 1, 2022

д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промеика Медикал Центар

|

фев-2022

Фибромијалгија (ФМ) е здравствена состојба која предизвикува распространета болка и чувствителност на допир во цело тело. Болката се појавува и исчезнува, шета по телото. Болеста е хронична, долготрајна, заморна, исцрпувачка, создава емоционална и ментална вознемиреност. Го намалува квалитетот на живот, но генерално се смета за бенигна состојба.

Фибромијалгијата е резултат на промена на начинот на кој телото „комуницира“ со ʼрбетниот мозок и мозокот. Лицата се почувствителни на болка отколку другите луѓе; состојбата се нарекува  абнормална обработка на перцепцијата за болка. Опишана е како нарушување на централно засилување на болката, болната сензација во мозокот многу се зголемува.

Лицата  може да имаат и други хронични болести или хронична болка: ендометриоза, дигестивни проблеми, синдром на иритабилни црева, интерстицијален циститис, дисфункција на темпоромандибуларниот зглоб, вулводинија.

Причините зошто се развива фибромијалгијата се нејасни, различни се причините кај различни лица. Се претпоставува дека постои комбинација на генетски и фактори од околината, само генетиката не е доволна.

Инволвиран  е нервниот систем, мозокот, ʼрбетниот мозок и нервите кои пренесуваат информации. Лицата имаат промени во начинот на кој централниот нервен систем ги обработува пораките за болка.

Лицата со фибромијалгија имаат хемиска нерамнотежа, ниско е нивото на серотонин, норадреналин и допамин во мозокот. Овие хормони се важни во процесирање на пораката за болка од различни делови на телото, во регулација на расположението, апетитот, спиењето, однесувањето, одговорот на стрес. Промени во нивото на хормонот кортизол кој се ослободува кога телото е под стрес, исто така, придонесуваат за појава на ФМ.

Фибромијалгијата има тенденција да оди по фамилии. Гените се одговорни некои луѓе побурно да реагираат на болни сензации и да се подложни и на други здравствени проблеми кои се јавуваат со ФМ.

Се смета дека пореметувањето во спиењето поверојатно е причина за фибромијалгија, а не нејзин симптом. Фибромијалгијата попречува да се има длабок сон, се јавува екстремен замор и повисоко ниво на болка и кругот се затвора.

Најчесто има некој предизвикувачки фактор за да се јави ФМ – стресен или трауматски настан, сообраќајна незгода, повторувачка повреда, повторувачки стрес на зглоб, операција, вирусна инфекција, обезност, емоционален стрес, породување, прекин на врска, смрт на сакана личност.

Најчести симптоми се болка и вкочанетост (утринска) по цело тело, осетливост на кожата и  мускулите на допир и притисок, истоштеност, депресија, вознемиреност, проблеми со спиење (личноста се буди уморна), проблеми со мислење, помнење и концентрација, тензиска  главоболка, мигрена.

Други симптоми: пецкање или вкочанетост во раце и нозе, дигестивни проблеми, болка во стомак, надуеност, иритабилни црева, гастроезофагеален рефлукс, болни менструации, пелвична болка, иритабилен мочен меур.

Синдром на темпоромандибуларен зглоб – болка во лице и вилица, зуење во уши, кликање на вилицата.

Фибромијалгијата е тешка за третман, не постои лек. Третманот, лековите, промената на животниот стил и комплементарната терапија  се насочени кон ублажување на симптомите, подобрување на квалитетот на живот и секојдневното функционирање.

Личноста  треба да научи како да балансира помеѓу активностите и потребниот одмор, да го слуша телото, да не претерува и да не оди над границите на можностите. Претерување со активностите и стресот ги влошуваат симптомите и го зголемуваат ризикот за развој на депресија. Секој ден да се издвои време за релаксација, медитација, вежби за дишење. Промените на животниот стил треба да станат дел од секојдневната рутина.

Лекови – за болка, антидепресиви.

Физичка активност – аеробични вежби, пливање, одење, возење велосипед, вежби за истегнување, вежби за сила. Може да се започне со таи чи, јога, пилатес. Се почнува бавно и со лесен напор, постепено се зголемува активноста. Вежбите ја зголемуваат издржливоста, ја подобруваат силата на мускулите, физичката подготвеност и депресијата. Луѓето се помалку уморни, порасположени, подобро функционираат, се подобрува квалитетот на живот.

Навики за здраво спиење – легнување и станување во исто време, избегнување кофеин, никотин и обилни оброци пред спиење, мирна и темна просторија.

Психолошка помош.

Акупунктура, криопрактика.

За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>