Фармацевти
Контакт

<< Назад

Хиперхидроза – зголемено потење и лекување

март 1, 2022

Лидија Бисеркоска
спец. по дерматовенерологија

|



Хиперхидрозата означува зголемено потење повеќе отколку што е потребно за регулирање на температурата на телото. Најчесто зафатени се пазувите, дланките, стапалата и лицето.

Како појава е многу честа, се смета дека зголеменото потење  е особено изразено кај 2 – 3 % од популацијата, од нив 51 % ексцесивно  се потат под пазувите.  Обично започнува  зголемено потење на дланките и стапалата околу пубертетот,  на возраст од околу 13 години, додека под аксилите се јавува подоцна. Во однос на причината на појавувањето  изгледа дека има и генетска предиспозиција, затоа што пациентите,  30 – 65 % од нив, даваат податок дека и други членови од семејството се жалат на прекумерно потење.

Многу невролошки, метаболистички и други болести, како болести проследени со температура, употреба на некои лекови може да се причина за енормното потење. Во повеќето случаи се работи за здрави луѓе. Покачување на топлина или емоции може да го провоцираат потењето, но оние кај кои потењето е проблем обично се потат неконтролирано цело време, независно од надворешната температура или расположението.

Ексцесивното потење може да има сериозни практични последици:  тешкотии при ракување, при управување со автомобил, потреба од честа промена на обувки, облека, едноставно да носи низа ограничувања во креирањето на сопствениот стил. Секако, одлуката за примена на одредена тераписка процедура треба да биде со консултација со доктор, дерматолог во смисла на изведување и на одредени лабораториски анализи на крвта, гликемија, ниво на мочна киселина т.н. катехоламини, испитување на тироидната функција и сл. Тераписки можности за справување со овој проблем се следните:

Користење на антиперспиранти

Локална терапија со антиперспиранти кои содржат различна концентрација на алуминиум хлорид. Во дезодорансите количината на оваа состојка е 1 – 2 %, но за да дејствува како лек,  т.е.  да прави опструкција на потењето треба да биде во концентрација од 15 до 25 %. Ова се однесува за лесен и среден степен на хиперхидроза. Препаратите се со различна концентрација на алуминиум хлорид, апликацијата е секојдневна, а повисока концентрација може да доведе до иритација на кожата.

Употреба на лекови

Антихолинергични лекови (метантелиум бромид), бета-блокатори, трициклични антидепресиви.

Се однесува, пред сè, за оние случаи кога причина за потењето е некоја друга болест.

Јонтофореза

Хидрекс – терапија, пред сè, за зголемено потење на дланките и табаните. Потребни се 5-6 третмани, при што се воспоставува контрола на потењето за три месеци, а потоа постапката се повторува. Како споредни ефекти  се појавата на црвенило, непријатно пецкање по кожата, појава на меури и др.

Хируршки третман

Познат како ендоскопска торакална симпатектомија  може да биде многу ефективен третман. Ако се работи за потење како проблем, пред сè, под пазувите, можно е и отстранување на жлездите во таа регија со киретажа  и липосукција.

БОТОКС

Се однесува на ботолинум токсин тип А кој е многу чист протеински препарат што се употребува во медицината веќе 30 години, а е многу ефикасен и безбеден како лек. Во мали дози особено се употребува во козметологијата. Ботолинум токсин тип А инјекциите го блокираат преносот на нервните импулси од нервот до потната жлезда. Ботоксот важи за вредна тераписка процедура за третман на овие состојби. Овој третман е навистина соодветен за пациентите со ограничена хиперхидроза. Третманот започнува со анестезирање на регијата која ќе се третира (анестетик во форма на крем). Потоа се даваат локални инјекции на ботолинум токсин тип А со ултра фини игли интрадермално.  За ова се потребни околу дваесетина минути за една регија. Ефектот е видлив за една недела, односно намалување на потењето кај 95 % од пациентите кое трае 4 – 7 месеци. Потоа е дозволено повторување на постапката. Несаканите ефекти се незначајни и се однесуваат на можна болка на местото на убодот до евентуална појава на мала модринка.

Ботоксот за терапија на хиперхидроза се покажа како ефикасен со оглед на тоа дека другите можности се краткотрајни или се со одреден ризик. Студиите покажале дека 80 – 95 % од пациентите имаат резултат со еден третман. Несаканите ефекти се минимални, а повторување на инјекциите е безбедно. Во лекувањето на хиперхидрозата се препорачува да се оди чекор по чекор,  да се одреди дали е тоа генерализиран проблем или, пред сè, е ограничен. Според тоа се прави план за терапијата, кој, секако, треба да ги следи новите препораки. Секако, се препорачува да се искористат сите конзервативни можности во лекувањето пред  да се примени хируршкиот третман. Намалувањето на потењето го зголемува квалитетот на живеење.

За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (МАРТ 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>