Ракот на грлото на матката се дефинира како навлегување на малигни клетки преку базалната мембрана и нивно зафаќање во стромата на грлото на матката. На глобално ниво, ракот на грлото на матката е на четврто место на најчест тип на рак и најчеста причина за смрт кај жените. Приближно 70% од сите случаи се јавуваат во земјите во развој, а во развиените земји распространетата програма за скрининг значајно ја редуцира инциденцата.
Ракот на грлото на матката се развива од претходни предракови состојби во временски период од 10 до 20 години. Постојат неколку типови на рак на грлото на матката. Околу 90% се од типот на сквамозен карцином, 10% од типот на аденокарцином. Дијагнозата се поставува вообичаено со скрининг процедури и биопсија. Имиџинг методи се користат за одредување на проширеноста на ракот. ХПВ инфекцијата е вклучена во 90% од случаите на рак на грлото на матката.
Ризик фактори:
Рана експозиција на ХПВ вирус (ран почеток со сексуални односи, мултипни сексуални партнери, машки партнер со повеќе сексуални партнерки);
Пушењето цигари го зголемува ризикот за развој на рак на грлото на матката. Кај жени кои се активни пушачи со ХПВ инфекција инциденцата за инвазивен канцер е поголема за 2 до 3 пати;
Инфекции со ХИВ, хламидија, херпес симплекс, гонореа;
Примена на контрацептивни средства;
Имуносупресивна терапија;
Автоимуни болести;
Рана возраст на прво породување, повеќе бремености;
Низок социјален статус;
Начин на исхрана.
Симпптоми :
Раните стадиуми се најчесто асимптоматски. Вагинално крварење, контактно крварење (најчесто после полов однос) или поретко вагинална туморозна маса може да сугерира постоење на малигнитет. Исто така симптомите вклучуваат и лесна болка за време на полов однос и вагинален исцедок. Во напредната фаза на болеста голема е веројатноста на присутни метастази најчесто во абдомен, бели дробови, мочен меур и ректум. Симптоми кои се јавуваат во напредна фаза се: вагинален сукрвичав исцедок со непријатен мирис, болки, губење на апетит, намалена телесна тежина, замор, карлична бока, болка во нозете, отекување на нозете, коскени фрактури и поретко протекување на урина или фецес од вагината.
ХПВ инфекција и рак на грлото на матката
Инфекцијата со одредени високо ризични типови на ХПВ вируси е најголемиот ризик фактор за појава на карцином на грлото на матката. ХПВ типовите 16 и 18 се причина за околу 75% од сите случаи на рак на грлото на матката на глобално ниво, а типовите 31и 45 за останатите 10%. Со зголемен ризик се жени кои имале поголем број на сексуални партнери или имале партнер кој претходно имал поголем број на сексуални партнери. Познати се 150-200 типови на ХПВ, од кои 15 се класифицирани како високотизични (16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58, 59, 68, 73 и 82), 3 како типови со среден ризик (26, 53, 66) и 12 како ниско ризични типови (6, 11, 40, 42, 43, 44, 54, 61, 70, 72, 81). Гениталните брадавици–кондиломи кои петставуваат форма на бенигна лезија од епителни клетки кои исто така се причинети од инфекција со одредени ХПВ типови на вирус, кои обично не се поврзани со развојот на цервикален канцер. Често постои истовремена инфекција со повеќе различни типови на ХПВ.
Превенција:
Како примарна превенција се смета вакцинацијата. Најновата поливалентна вакциа која содржи 9 високоризични типови кои предизвикуваат рак на различни делови од телото се дава кај девојчиња од 9 до 14 годишна возраст, но може да се дава кај жени до 45 години. Скринингот за карцином на грлото на матката преходно се изведуваше со употреба на ПАП тест, но денес се докажа дека ХПВ анализата во комбинација со ПАП тестот дава поверодостојни резултати и рана детекција на високоризични ХПВ типови.
Третман: Видот на третман на ракот на грлото на матката зависи од степенот на рашиеност на болеста. Тој може да биде:
За предракови промени: со конизација со ладен нож, ласерска аблација и конизација, широка ексцизија на трансформационата зона со вжарена омча (LLETZ), и друго.
За инвазивните форми на ракот: хируршка радикална операција, зрачење и евентуална хемотерапија.
Пишува
Проф. д-р Горан Димитров