|
Храната како платно на кое гастрономите можат да насликаат бои? Да, зошто да не. Сервирано виножито на маса предизвикува експлозија на сетилата за вид, мирис и вкус. Боите се храна за душата. Стручните лица сè почесто препорачуваат дека треба да внесуваме разновидна и здрава храна. Но, што, всушност, значи разновидно? Тоа се производи кои освен тоа што имаат различно потекло и квалитет, се и со различни бои. Секоја боја на одреден производ си носи свои специфични и здравствени бенефити за човековото тело.
Храната е лек. Во нашиот организам секојдневно внесуваме намирници во разни форми, состав и боја. Внесувањето на храната во нашиот организам треба да биде балансирано. Рационално и паметно консумирање храна придонесува за одржување на телесната тежина и за нашето здравје. Што значи тоа? Внесување повеќе сезонско овошје и зеленчук со прекрасни и разновидни бои наместо индустриски преработена храна.
Внесувањето на „виножито“ храна во нашиот организам придонесува за спречување на заболувања, како што се: кардиоваскуларните заболувања, остеопорозата, дијабетот и малигните заболувања, кои се јавуваат како последица на современиот начин на живот и исхрана.
Природната боја на храната ни кажува какви хранливи материи и антиоксиданти содржи. Во науката постојат 6 главни групи обоена храна, кои задолжително треба да ги вклучиме во нашето неделно мени секогаш кога ќе имаме можност за тоа. Храната која дава многу енергија и дејствува стимулативно содржи црвена, портокалова и жолта боја, а храната со зелена, сина и виолетова имаат смирувачки ефект врз нашето тело.
Бела боја
Храната која содржи бела боја е синоним за чистота. Вo оваа група на храна ќе ги наведеме: кромидот, печурките, карфиолот, празот, лукот. Тие содржат флавоноиди, фолати, витамин Ц и К и бета глукан, кои се корисни на нашиот организам. Тие го зголемуваат имунитетот и се значајни за намалување на ризикот од карциноми на дебело црево, дојка и простата. Антиоксидантите што ги содржи оваа храна го забавуваат стареењето на нашето тело.
Црвена боја
Храната со црвена боја обезбедува енергија, виталност и брзина, затоа штета е да не биде дел од вашето секојдневно мени, особено во летниот период. Тука спаѓаат: јагодите, пиперките, вишните, доматите, јаболката, црешите, цвеклото, калинката, лубеницата, месото, рибизлата и многу други. Ликопенот кој е исклучителен детоксикатор е основниот дел од составот на овие намирници. Исто така, оваа храна содржи и бифлавоноиди, витамин А и Ц и манган. Придобивките од консумирањето на овие намирници се гледаат во намалување на ризикот од малигнитет на простата и дојка, го контролираат крвниот притисок и холестеролот, го подобруваат имунитетот и го одржуваат витален крвотокот. Влијаат и да не дојде до воспаленија на ткивата.
Жолта боја
Бојата на радоста и интелигенцијата го храни нашиот мозок и нервен систем, стимулирајќи ги менталните активности и меморијата. Во оваа група на храна спаѓаат бананата, дињата, лимонот, дуњата, пченката, путерот, кои содржат големо количесто манган, магнезиум, калиум, каротеноиди, бифлавоноиди и витамини А, Ц и Б. Храната со жолта боја го подобрува варењето на храната, ги намалува грчевите во мускулите, го подобрува видот и ги прави кожата и коските поздрави. Корисна е и за срцето, забите и одржувањето на имунолошкиот систем.
Зелена боја
Кога зборуваме за рамнотежа и хармонија во нашиот организам, зборуваме за храната со зелена боја. Оваа храна е доста распространета, особено како зеленолиснат зеленчук, кој е извор на целулоза и кој го алкализира човековото тело. Спанаќ, блитва, магдонос, грашок, брокула, зелена салата, тиквичка, авокадо, киви, тие му даваат на телото здрави материи како лутеин, хлорофил, калциум, железо, фолна киселина, калиум, витамин А и Б.
Виолетова боја
Имате лош сон или не можете да заспиете? Вашиот организам се соочува со недостиг на храна со виолетова боја, како што се: грозје, црвена зелка, модар патлиџан, капинка и некои видови риби. Овие намирници се богати со антиоксиданти, лутеин, антоцијани, елагинска киселина и витамин Ц. Оваа храна е корисна за кожата и е моќна за превенција и третман на малигнитети.
Портокалова боја
Добриот апетит и доброто варење на храната се на иста вага со храната со портокалова боја. Морковот, кајсијата, тиквата, слаткиот компир, праската, портокалот, мангото, мандарината, жолчката ја имаат оваа боја која е примарна во нив и потекнува главно од бета-криптоксантин, бета-каротин и зеаксантин (каротеноид). Оваа храна содржи и омега 3 масни киселини, ликопен, калиум и витамин Б и Ц. Храната со портокалова боја ја намалува киселоста на организмот, го намалува холестеролот, ја штити кожата од заболувања, го регулира притисокот и влијае врз видот.
Ние препорачуваме да јадете здраво и разновидно во боите на виножитото и секое ваше утро да го започнете со виножитно смуди.
Сервирајте му на вашето семејство здрава храна и виножито што ќе ги отвори апетитите.
Кажете „ДА“ на храната во боја!
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2020).