Фармацевти
Контакт

<< Назад

Хуман херпес вирус – Причина за чести дерматози

април 1, 2024



Пишува: Д-р Емилија Минова - Специјалист Дерматовенеролог

Херпес симплекс претставува вирусна инфекција која ја предизвикува хуманиот херпес симплекс вирус. Досега се познати осум типови хумани херпес вируси, и секој од нив може да даде кутани манифестации. Херпес вирусите перзистираат засекогаш во нивните домаќини, без разлика на развојот на клеточниот и хуморалниот имунитет на индивидуата.

Заедничка карактеристика за оваа фамилија вируси е реактивноста по извесен латентен период. Херпесвирусите може да предизвикаат животозагрозувачки инфекции кај лицата со присутни конгенитални, стекнати или јатрогени имунодефициенции. Херпесвирусите се поделени во субфамилии врз основа на ПСР-анализата на виралната ДНА, клеточно култивирање и имунофлуосцентни тестови.

Херпес симплекс вируси
Херпес симплекс вирусите (ХСВ) се неуротропна и епидермотропна група на вируси. Тие предизвикуваат широка палета на клинички нарушувања, во зависност од возраста и имунолошкиот статус на индивидуата, како и од тоа дали вирусната инфекција е примарна или секундарна.

Кај новороденчиња, ХСВ може да предизвика сепса и енцефалит, кај децата – тешка форма на примарен херпетичен гингивостаматит, кај возрасните – рекурентни орални или генитални инфекции, кај старите лица или имунокомпомитирани – дисеминирани инфекции. Честопати постои тригер, како треска, траума, изложување на интензивна сончева светлина или емотивен стрес, кој е инволвиран во рекурентната атака.

Два типа на ХСВ се идентификувани. ХСВ тип1 (ХСВ-1) типично присутен на линијата на половината на телото (струкот), вообичаено на усните, оралната слузница, главата и вратот.

ХСВ тип2 (ХСВ-2) се јавува најчесто во гениталната регија.
Значајно е да се напомене дека гениталните инфекции се предизвикани многу почесто од ХСВ-1, како резултат на орално-генитални сексуални контакти. ХСВ-2 многу ретко е одговорен за појава на орофацијални лезии.

Епидемиологија
Двата типа на ХСВ се доста распространети така што речиси секоја индивидуа има историја за еден или двата типови на вирусот.

Секој од типовите може да се манифестира на која било регија од телото. Мали абразии или дефекти на кожата, конјуктивата, или оралната мукоза служат како влезна врата.

Примарната ХСВ-1 инфекција вообичаено се јавува во детството. По инкубациски период од приближно 1 недела, се презентира оралната клиничка слика. Извор е вообичаено инфициран родител или брат/сестра, многу често со супклиничка рекурентна асоцирана инфекција. Во последните години, примарните инфекции се во пораст кај млади адутлти, кои се манифестираат како гингивостоматитис или улцерирачки фарингитис, кој се пренесува хоризонтално. Околу 80% од возрасните имаат антитела за ХСВ-1 и може да манифестираат рекурентна инфекција.

За ХСВ-2 презентацијата е помалку јасна примарната инфекција вообичаено се јавува кај адултна популација, но инфекцијата е асимптоматска кај две третини од инфицираните индивидуи. Првата клиничка епизода на генитален херпес, која е причина пациентот да побара медицинска помош, вообичаено не претставува примарниот настан.
Многу пациенти се асимптоматски носители и пренесувачи на вирусот.

Асимптоматското пренесување се јавува кај 15-20%, и е почесто за ХСВ-2 вирусот отколку за ХСВ-1.

Тоа е почесто во првата година од инфекцијата и може да се манифестира на повеќе регии истовремено.
Процентот на возрасни лица со антитела за ХСВ-2 расте во последните години.

Се смета дека мултипли сексуални партнери и небезбеден сексуален однос се главни ризик-фактори.

Сознанието дека ризикот за трансмисија од маж на жена е дури пет пати повисок и е во корелација со почестата појава на инфекција кај женската популација.

Стекнувањето на инфекцијата во последниот триместар од бременоста е асоциран со неонатална херпес симплекс инфекција и перинатален морбидитет.

Примарната инфекција во напредна бременост е со повисок ризик за компликации по виталноста на плодот. Сероконверзијата спроведена пред породувањето носи понизок ризик. Гениталниот херпес го олеснува пренесувањето на ХИВ кај серопозитивните ХСВ-2 лица. Последователно, мерките кои превенираат трансмисија на ХСВ-2 можат да придонесат индиректно во превенција на ХИВ трансмисијата.

Етиологија и патогенеза
Клучна улога во ХСВ инфекција претставува состојбата на имуниот систем на поединецот. Оттука разликуваме примарни и рекурентни инфекции. Кај примарните инфекции, ХСВ навлегува во организмот преку локален дефект и се мултиплицира, продуцирајќи локални клинички промени и виремија. Антитела се создаваат, но тоа не доведува до елиминација на вирусот. Хепесвирусите се пренесуваат од клетка на клетка како и подолжина на нервните влакна, останувајќи во латентна форма во нервните ганглии сè до повторна реактивација.

Рекурентните состојби често пати настануваат поради дејство на познат тригер-фактор. Во регијата на главата и вратот, треска и експозиција на сончеви зраци се главни виновници. Во гениталната регија, траума (при сексуален однос), менструален циклус и стрес се вообичаено тригер-фактори.

Терпаија
Во третманот на ХСВ инфекциите се препорачуваат превентивни мерки, како и терапевтски модалитети во зависност од клиничката презентација. Се советува избегнување на контакт кожа со кожа на почетокот на кутаната ХСВ инфекција со цел да се спречи пренесувањето на инфектите. Топичната антивирусна терапија (acyclovir 5%, Penciclovir 1%) е избор кај локализираните клинички форми, додека кај примарните инфекции, гениталниот херпес, како и рецидивантните форми се практикува орална антивирусна терапија (Acyclovir, Valacyclovir, Ganciclovir, Penciclovir, Brivudin, Foscarnet).

За детално читање на овој текст, погледнете на 22-24 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Април 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>