Фармацевти
Контакт

<< Назад

Што е психолошка отпорност?

август 1, 2020

|

Александра Прошева-Драгоманова
Клинички психолог / Гешталт психотерапевт
Психолошко советувалиште Мозаик-Скопје



Што е психолошка отпорност – резилиентност (отпорност на стрес и траума уште наречена и психолошки имунитет)?

Психолошката отпорност (или во психологијата прифатен како поим и конструкт психолошка резилиентност) подразбира процес на добро адаптирање во тешки животни околности и трауматски случувања, трагедии, несреќи, значајни извори на стрес – како периоди на семејни проблеми и несогласувања, сериозни здравствени проблеми, проблеми на работа, финансиски стрес и др. Психолошката отпорност е она што нè чува кога околностите се тешки, она во што луѓето се разликуваат  како и на кој начин ќе се справат со горенаведените животни предизвици. Иако сите сакаме да  балансираме на сите животни полиња, имаме кратки периоди на мир и среденост сè додека не дојде нова промена. Животниот циклус на промени е нешто што  постојано се случува и бара од нас да сме и постојани во реката на  животниот тек каде ни се случуваат ситуации на емоционална болка, страдање и справување кои се зеднички за сите луѓе/човештвото, но од психолошката отпорност зависи дали од тие ситуации поединци ќе научат како да пливаат и да  се развиваат или  таквите ситуации ќе   доведат  до психички застој и појава на  психолошки декомпензации.

Психолошката отпорност се учи и се развива, не е особина како биолошката даденост, односно луѓето  ја имаат или ја немаат од раѓање. Таа вклучува начин на размислување, однесување и акции на справување со проблемите кои се адаптивни и овозможуваат  поединецот да продолжи низ животот со искуството од кое научил нешто за себе и ги користи  за да се соочува со предизвиците,  стекнува самодоверба да оди напред, да ги избегнува проблемите и да преминува кон маладаптивни начини на справување со стрес (злоупотреба на алкохол, супстанции и сл.).

Кои фактори влијаат на психолошката отпорност?

Психолошка отпорност зависи од:

Градење блиски релации

Кога поминуваме низ тешки животни ситуации блискоста со семејството, кругот, односно мрежата на социјални контакти со кои можеме да споделиме низ што поминуваме е еден од клучните фактори на градење  емотивна поддршка и начин полесно да ги надминеме потешкотиите. Живееме во време на јакнење на пораките за градење  независност и индивидуализам, сè повеќе луѓе живеат во социјална изолација и осаменост, така што поминувањето низ тешки периоди и емотивност се гледа како слабост и нешто што треба поединецот да го помине сам и да се  справи  со сè/наспроти исконската потреба за повраност која создава конфликт и влијае негативно на психолошкиот имунитет.

Како  пристапуваме кон проблемите

Секоја тешка ситуација и проблем зависи од тоа на кој начин се соочуваме со нив, дали ги гледаме како нешто со сите опции и алтернативи да ги разрешиме  и ги гледаме како предизвик за соочување или ја фокусираме енергијата кон застрашување и преплавувачки страв,  негативни мисли и катастрофални фантазии од типот што би било кога би било,  градејќи црни сценарија за негативен исход на проблемот и сл.

Соочувањето и поставувањето  реалистични цели, исто така, е круцијално што ќе постигнеме,  свесни за своите човечки ограничувања.

Вежбање оптимизам

Тоа е позицијата во која или чашата ја гледаме полуполна или полупразна. Оптимистичкиот став кон нештата со кои се соочуваме ни дава доверба дека можеме и насоченост кон можностите а не кон нештата што нè ограничуваат. Оптимизмот не значи дека ги негираме и не сакаме да ги видиме сопките по патот, туку насочување кон она што може да биде позитивно разрешување на ситуацијата/проблемот.

Учење од претходните искуства и постапки

Наместо постојано да се самообвинуваме,  фокусот е на учење, стекнување  знаење што било добро а што не од минати слични ситуации, како да се спроведе тоа во иднина, свесност што сакаме да напуштиме како начин на однесување и постапување, избирање  нови начини и градење  здрави граници.

Прифаќање на промените како неизоставен дел од животот

Отпорот кон промена, држењето за конфорната зона и избегнување на проблемите и нивно ставање под тепих се само начин на кој си отежнуваме наспроти  процесот на прифаќање на промената како таква дека нема да трае тој болен процес вечно и дека сè има крај и по промената нема да бидеме исти, но тоа е единствен начин да пораснеме како личности.

Грижа за себе

Потребата на здрав контакт со своето тело и потреби, како соодветно време за одмор, здрава исхрана и сон,  движење и физичка активност се начини на кои зајакнувајќи го телото наспроти  сите негативни навики влијае на нашата отпорност на стрес и полесно соочување и пребродување на тешките животни околности.

Движењето, контактот со природата ни дава растоварување од кортизолот – главниот хормон на стрес, при што  растоварени полесно се справуваме со промените и донесуваме  поздрави и поадекватни одлуки.

Грижата за себе подразбира и негување на своите емоции и заземање за себе, прифаќање на својата ранливост и несовршеност, негување  мали моменти на животна радост и смеа, позитивни фантазии и креативност.

Негувањето внатрешен свет на духовни вредности како избор дали низ религиски аспект на молитва, медитација и друг тип на духовни практики, исто така, влијае на градење на психолошката опорност при соочување со тешки животни ситуациии кои животот постојано ни ги  приредува.

За детално читање на овој текст, погледнете на 20-21 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АВГУСТ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>