д-р спец. Артан Рушај, хирург - уролог
ЈЗУ Универзитетска Клиника за урологија – Скопје и консултант во Општа болница ONE HOSPITAL Тетово
1. Што претставува еректилната дисфункција?
Еректилната дисфункција е кога мажот има потешкотии да постигне или одржува ерекција. Иако еректилната дисфункција не е фатална, таа предизвикува многу стрес, срам и може да ја оптоварува врската. Најдобар план за лекување е преку лекови или замена на тестостерон. Некои други препораки вклучуваат хирургија, психолошко советување и здрави промени во животниот стил.
Имено, анализирајќи ја оваа појава преку пациентите кои доаѓаат на редовни и вонредни контролни прегледи, можам да образложам дека достигнувањето на ерекција е доста комплексен процес кој вклучува активност на мозокот, хормоните, нервниот систем, мускулите и кардиоваскуларниот систем. Ако било кој од овие фактори ,,затаи”, за резултат ќе имаме еректилна дисфункција.
2. Причини за еректилна дисфункција
Како причини за импотентност може да се наведат следните состојби: постара возраст, висок крвен притисок, дијабетес, пушење, атеросклероза со високи нивоа на масти во крвта, депресија, невролошки нарушувања, хормонален дисбаланс, несакани ефекти на медикаменти, злоупотреба со алкохол и наркотични средства, ниски нивоа на тестостерон во крвта и сл.
Од студиите кои што сум ги следeл последните години, од моето секојдневно работење можам да констатирам дека застапеноста на еректилната дисфункција по возраст е следната: 20-30 години 5-10%; 40-50 години 20-40 % и над 50 години 50-70%.
Понатаму, како други причини за еректилната дисфункција се наведуваат лековите како што се антидепресиви, лекови за висок крвен притисок и лекови за простата исто така можат да влијаат на ерекцијата. Исто така, одредени хируршки процедури како што се операција на простата, 'рбетниот мозок или карлицата може да предизвикаат еректилна дисфункција.
3. Дијагностицирање на еректилната дисфункција
Анализирајќи ја оваа тема, многу е важно да се најде начин како да се превенира и како да се реши овој проблем кој делува психички врз пациентите и создава непријатна ситуација која резултира и со губење на самодоверба.
Како прв чекор кој треба да се направи е дијагностицирање на еректилната дисфункција, а тоа во себе содржува анамнеза на пациентот кој има сексуални проблеми, физикален преглед, лабораториски анализи, одредување на ризик-факторите, проценка на психосоцијален статус, преглед и откривање на деформитетите на пенисот, заболување на простатата, хормонален недостаток и невролошки преглед.
4. Лекување на еректилна дисфункција
Лекувањето на еректилната дисфункција ги вклучува: избор на медикаменти за хронични заболувања кои не предизвикуваат еректилна дисфункција; подобрување на начинот на живот; ординирање медикаменти за лекување на еректилна дисфункција или примена на локални медикаменти; употреба на помагала како вакуум-пумпи и други; хируршко лекување пенилни протези и психотерапија.
Во медикаментозна терапија на еректилната дисфункција спаѓаат следните: тестостерон; инхибитори на фосфодиестераза тип 5(PDE 5) Sıldenafıl, Tadalafıl и Vardenafıl; интракавернозни инјекции; Prostaglandın E1 и интрауретрални медикаменти.
5. Како дејствува Tadalafil?
Tadalafil помага мазните мускули во кавернозното тело да се релаксираат што води до зголемен доток на крв во пенисот и постигнување и одржување на ерекција.
Како индикација на Таdalafil може да ги наведуваме следните: лекување на еректилна дисфункција, т.е. неспособност за постигнување и/или одржување на ерекција доволна за задоволителна сексуална активност, претходна сексуална стимулација е неопходна за почеток на делување на лекот; и не е индициран за употреба кај жени.
6. Што треба да знае пациентот за Tadalafil?
Индикација-лекување од користење на лекот: таблети od 5,10 или 20 mg ; препорачаната дневна доза е 10 mg (по потреба се зголемува до максимална доза од 20 mg) еднаш на ден; се зема по потреба, околу 1 час пред половата активност и сексуална стимулација е неопходна
Контраиндикации и нуспојави од користење на лекот: истовремена примена на средства кои отпуштаат азотен оксид или нитрати во било кој облик; нестабилна ангина пекторис, тешка срцева инсуфициенција, хипотензија (TA помала од 90/50mmHg), неодамнешен мозочен или срцев удар; пречувствителност на силденафил или било која помошна состојка; лица помлади од 18 години, жени; најчести несакани дејства се главоболка, диспепсија, болки во грбот и мускулите.
7. Како да се реши проблемот со еректилна дисфункција?
Еректилната дисфункција може да влијае на секојдневниот живот и да предизвика стрес, депресија и лоши односи со партнерот/партнерката. Затоа е важно да посетите лекар и да направите тестови за да ја откриете вистинската причина за проблемот и потоа да го лекувате.
Ќе биде потребно да се направи ултразвук на пенисот, крвни тестови, да се измерат нивото на тестостерон и да се направи уринарен тест и уролошки физички преглед. Исто така, потребно е да се изврши тест за ноќна тумесценција, односно тест што го мери постоењето на ноќни ерекции.
Како добра препорака за решавање на проблемот би сакал да го истакнам разговорот со психотерапевт или терапија за намалување на нивото на стрес или депресија понекогаш ќе помогне во третманот. Понекогаш ќе помогнат лекови за ублажување на симптомите на дисфункција и стимулирање на проток на крв во гениталиите, кои се користат околу 30 минути пред сексуалниот однос. Важно е да се нагласи дека овие лекови имаат одредени несакани ефекти и не треба да ги користат мажи кои имаат срцеви проблеми или оние кои користат лекови базирани на нитрати. Сличен ефект ќе има инјекција на простагландин што мажот, со претходна консултација со лекар, си ја става во пенисот 15 минути пред сексуалниот однос, а овој лек не е опасен за срцевите пациенти.
Подеднакво со горенаведени препораки за решавање на проблемот, мажот може да се обиде да промени одредени навики и да види дали состојбата се подобрува. На пример, намалете го стресот, но исто така и времето на сексуален однос. Престанувањето со пушење и консумација на алкохол исто така може да помогне.
8. Заклучок
Во оваа смисла, земајќи ги предвид сите фактори и причини, вклучувајќи го и дијагностицирањето, може да констатираме дека еректилната дисфункција може да се појави повремено и во тој случај не е причина за паника. Кога овој феномен трае долго време, потребно е да се посети лекар. Причините за неможноста да се постигне ерекција се различни и важно е да се открие вистинската причина и да се лекува.
За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Октомври 2022).