Зорица Мартиноска Андонова
доктор по медицина
ПЗУ ЦИТУС - ШТИП
|
Што е алергија? Алергија е преосетливост на организмот кон некои супстанции што ги внесуваме од надвор, додека, пак, алергиска реакција е одговор на имунолошкиот систем на организмот кон внесените алергиски супстанции. Внесувањето туѓо тело (антиген) го сензибилизира (оптоварува) организмот, го стимулира да произведува антитела и ги стимулира клеточните имунолошки процеси, така што при повторно внесување на истиот антиген во организмот наместо заштитна реакција настанува реакција меѓу антигенот и хуморалниот и целуларниот имунолошки систем. Антителата кои се одговорни за настанување на алергиските реакции припаѓаат на групата на имуноглобулини Е (IgE). Кога IgE ќе се врзе за мастоцитите се ослободува хистамин кој доведува до зголемена циркулација, ширење на крвните садови, контракција на мазната мускулатура и појава на соодветните симптоми.
Што ги предизвикува алергиите?
Алергиската реакција ја предизвикуваат супстанции од нашата непосредна средина, познати како алергени.
Алергените може да бидат различни, но најчести се: домашна прашина и грини, животински влакна и пердуви, полен од дрвја, треви и плевел, спори од мувли, одредени видови храна (најчесто тоа се протеините од јајца, млеко, кикириките, соја, пченица и риба), лекови, отрови од артроподи и инсекти.
Некои алергиски реакции може да предизвикаат анафилактичен шок и да имаат фатален исход кај преосетливите лица.
Видови алергии и нивна манифестација
Алергиски заболувања на дишните органи:
- алергиски ринитис (повремен и континуиран), се манифестира со носна опструкција, ринореа, кивање, чешање на носот,
- алергиска бронхијална астма, се карактеризира со надразнителна сува кашлица, краток здив, тешко дишење и недостиг на воздух поради спазма на бронхиите што може да доведе до гушење и стегање во градите.
Алергиски заболувања на очниот апарат:
- алергиски конјунктивитис, најчесто се карактеризира со чешање и солзење на очите.
Алергиски кожни заболувања:
- атопичен и контактен дерматитис, се карактеризира со осип проследен со јадеж и црвенило по целото тело.
Други видови на алергиски болести:
- алергија на храна
- алергија на отров од инсекти
- алергија на вакцини и лекови
Дијагноза
Дијагностиката на алергиските болести се спроведува врз основа на препознавање на симптомите на алергија. Клучни параметри кои се важни за дијагноза на болеста се добро земена анамнеза, добро направен физикален преглед по системи, фамилијарна историја и алерголошки тестови (кожен тест и вкупен IgE во серумот). Во дијагнозата на алергиските болести најважна улога игра субјективниот исказ на пациентот. Со оглед на тоа дека пациентот најчесто не е свесен за надворешните причинители и симптомите на болеста, докторот преку добро формулирани целни прашања значително може да ја зголеми дијагностичката вредност на исказите од болниот и во таа насока да ги продолжи и дополнителните дијагностички испитувања, сè со цел да дојде до дефинитивната дијагноза.
Терапија
Современата медицинска наука вложува големи напори во потрага по вистинскиот терапевтски пристап против алергиите. Клучни параметри за успешно лекување и намалување на симптомите на алергиската болест се:
- едукација на пациентите,
- избегнување на алергените за кои претходно со сигурност се знае дека предизвикуваат алергија,
- соодветна медикаментозна терапија,
- имунотерапија.
Во лекувањето на алергиската болест се употребуваат различни групи на лекови:
- антихистаминици (loratadine, desloratadine, cetirizne). Важно е да се напомене дека оралната примена на антихистаминиците треба да се спроведува секогаш на гладно, т.е. на празен стомак. Затоа нивната примена наутро, по будењето е најправилна, со напомена дека еден час по таблетата/сирупот не смее ништо да се јаде/пие. Со придржување на ова правило имаме гаранција дека во циркулацијата ќе се постигне максималната можна концентрација од антихистаминикот,
- кортикостероиди,
- деконгестиви,
- хормони,
- антихолинергици,
- антилеукотриени,
- имунотерапија.
Постојат методи во лекувањето со кои може да се намали алергискиот одговор, да се намалат симптомите, а со тоа и да се намали потребата од антиалергиски препарати. Најважно е да се избегнуваат алергените и изложеноста кон нив. Заштита на слузницата на носот и очите со помош на топични кортикостероиди кои се шприцаат во носот или се капнуваат во очите. Доколку ова не е доволно, се употребуваат и антихистаминици. Важно е лекувањето да почне на време и да трае до крајот на деjствувањето на алергените (лекувањето на поленската алергија треба да започне најмалку 15 дена пред почетокот на поленизацијата и да трае до крајот на периодот на поленизација).
За детално читање на овој текст, погледнете на 16-17 стр. во електронското издание на BETTY магазин (АПРИЛ 2022).