д-р Коста Цветковиќ
специјалист по дерматовенерологија
ДЕРМА ПЛУС
|
Што претставува изразена појава на влакна на разни делови од телото кај мажите и жените?
Влакнавоста може да биде вродена состојба, односно природна, вродена влакнавост, а, исто така, може да биде и симптом при некои хормонски дисбаланси. Мажите природно имаат повеќе влакна на кожата поради нивниот хормонски профил и тоа се разликува драстично од распоредот и густината на влакната кај жените. Сепак, кај двата пола се среќаваат влакнести регии, а дали тоа секогаш изгледало така (повеќе, помалку, изретчено, згуснато) ќе ни помогне земањето анамнеза.
Дали ваквата појава кај некого почнува уште во периодот на пубертетот и дали со текот на годините може да се намали?
Во принцип, физиолошкиот раст на влакната пикот го доживува по навршување на пубертетот. Но, за жал, има и состојби кои знаат таа слика да ја сменат во целост и да се јави поголема влакнавост во текот на подоцнежниот живот.
Која е причината за ваква појава кај жените (во смисла дали е последица на некое хормонско нарушување)?
Најчесто станува збор за хормонско нарушување каде тестостеронот патолошки се покачува и со тоа се зголемуваат секундарните полови карактеристики кои се типични за машкиот пол. Вакви состојби се дијагностицираат мултидисциплинарно, односно во консултација со гинеколог и ендокринолог.
На кои делови од телото најчесто се јавува зголемена влакнавост?
Патолошката влакнавост кај жените првите симптоми најчесто ги дава на работ на долната вилица, вратот, како и грбот. Влакната кои се таму се многубројни, дебели и потемни од нормалните. Оваа состојба е честопати проследена и со појава на акни. Физиолошката влакнавост, односно природната влакнавост се гледа најчесто на рацето и нозете, како и на грбот. Овие влакна се тенки, многубројни и имаат долг раст. Овие карактеристики не се дефинитивни и секогаш постојат варијации, затоа скоро секогаш е потребна конзилијарна поддршка од веќе споменатите специјалности.
Каков е третманот, т.е. како се постигнува привремено или трајно отстранување на влакната?
Постојат неколку варијанти за третман на зголемената влакнавост. Во сите случаи третманот е ерадикација со екстракција или кратко кажано отстранување. Најпрепорачан третман за оваа проблематика дефинитивно би бил ласерскиот третман. Брз, ефикасен, безболен и со многу малку несекани ефекти тој претставува златен стандард во модерни времиња за елиминација на несакани влакна.
Дали и кои се предностите на ласерската епилација?
Предностите се во поглед на посттретманските несакани ефекти и во поглед на трајноста на резултатите. За разлика од класичната депилација, ласерското отстранување не остава простор за инфекција или, пак, за појава на враснати влакна со што фоликулитот станува минато. Втората предност на ласерот е во неговата трајност. По навршување на третманите кај пациентите може да се очекува дека на тие регии влакна нема да растат со месеци, па дури и до година.
Кога е идеалнио време да се направи првиот третман?
Во принцип не постои идеално време, но, сепак, препораките велат третманите да се прават во ладните месеци од годината кога и сонцето е сведено на минимум. Во суштина ова е поради несаканите ефекти што ги има сонцето врз кожата во летно време, а во комбинација со ласерот може да направат промени во пигментацијата.
Колку третмани се потребни за трајно отстранување на влакната?
Одговорот на третманите е индивидуален во најголем број случаи, што значи дека секој пациент има различен број на фактори кои ќе влијаат врз крајниот резултат. Во принцип, нашиот просек изнесува барем 4 третмани за да можеме да кажеме дека сме го постигнале крајниот резултат.
Што треба да знаеме пред почнување на третманот со ласерска епилација?
Најбитното што треба да се знае е дека непосредно пред третманот не треба влакната да се депилирани. Ефектот на ласерот е врз коренот на влакното и со тоа го постигнува својот ефект. Доколку нема корен, ни ласерот ќе нема ефект. Освен тоа секакви кожни промени треба да се видат и да се проценат дали се можна контраиндикација, но доколку ги нема тогаш третманот може непрекинато да се изведува.
Можни ли се несакани ефекти (во смисла на појава на дамки на третираното место)?
Несаканите ефекти се сведени на минимум. Дамки не се појавуваат после третман (доколку се прави во соодветната сезона), нема изгореници, нема зрачење, единствено се јавува едно локализирано црвенило кое исчезнува во наредните 24ч.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ФЕВРУАРИ 2021).