Фармацевти
Контакт

<< Назад

14 јуни – Светски ден на крводарителство

јуни 1, 2020

|



Секоја година во целиот свет се одбележува Светскиот ден на крводарителството  – 14 јуни. Преку разновидни настани организирани на овој ден, сакаме да им се заблагодариме на доброволните, неплатените крводарители и да ја подигнеме јавната свеста за потребата од редовни крводарители, со цел обезбедување квалитетна, безбедна и достапна крв и крвни продукти за пациентите на кои им е потребна. Акцент на овогодинешната кампања е крводарителството како чин на солидарност, преку кој се нагласуваат основните човечки вредности – алтруизам, почитување, емпатија и љубезност.
Идејата е да се фокусираме на придонесот што може да го даде секој дарител за подобрување на здравјето на другите во заедницата. Даруваните единици крв се потребни со цел да се обезбеди индивидуите и заедниците да имаат пристап до безбедна крв и крвни продукти, како во секојдневието така и во итни ситуации. Преку кампањата и мотото „Безбедната крв спасува животи. Дарувај крв направи го светот поздраво место за живеење“, ги повикуваме луѓето ширум светот да станат спасители на живот преку чинот на крводарување и редовно да даруваат крв.



Доброволното дарување крв претставува одраз на високи етички, хуманирани и морални вредности. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот, воден од алтруистички побуди е благородно дело. Во нашата земја, крводарителството се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти. Со самото дарување крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност. Крводарителството ги развива особините на хуманост и солидарност кај граѓаните, а особено кај младите, придонесува за подигнување на нивото на здравствена култура и јавна свест. Од тие причини мотивирањето на населението за доброволно дарување  крв е исклучително важно за градење позитивен однос кон крводарувањето.

Црвениот крст на Република Северна Македонија и Институтот за трансфузиона медицина преку мотивација и анимација на доброволното крводарителство преку планска, масовна и континуирана активност ги обезбедуваат потребните количини  крв и крвни продукти (55.000 единици крв), ја поттикнуваат јавната свест кај граѓаните за важноста и значењето на крводарителството и вршат правилна и насочена здравствено-едукативна и мотивациска активност. Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во РСМ и Законот за безбедност во снабдувањето со крв, се спроведуваат преку континуирана и постојана соработка со Институтот за трансфузиона медицина во текот на годината, а најголем дел од активностите ги спроведува заедничкиот тим за координација кој работи на планирање и организација на крводарителски акции, ги следи и ги координира сите крводарителски акции предвидени со Годишниот интегрален план и дава стручни совети и препораки до општинските организации на Црвениот крст и службите за трансфузиона медицина.



За успешна промоција на доброволното крводарителство, Црвениот крст на Република Северна Македонија континуирано изготвува пропагандни материјали, јубилејни признанија за крводарителите, спроведува анкети, организира предавања, трибини и кампањи со различни целни групи, организира едукативни семинари и работилници за едукација на мотиватори за доброволно крводарување, спроведува активности во согласност со  Стратегијата за крводарителство, води електронска и пишана евиденција за крводарителите и подготвува месечни, периодични и годишни извештаи.

Црвениот крст на Република Северна Македонија посветува големо внимание на волонтерската работа на клубовите на крводарители со цел да се мобилизираат поголем број  крводарители кои редовно се информираат за сите активности и проблеми со кои се соочуваат во дејноста крводарителство. Популарни се и активностите на Клубот 25 – клуб на млади и потенцијални крводарители. Активностите на Клуб 25 сè со цел да се зголеми бројот на млади дарители, правилно да се регрутираат и да се задржат во процесот на крводарителство и да создадат мрежа на млади крводарители за вршење промоција и мотивирање нови крводарители во образовните институции.



Чекор понапред во процесот на унапредување на крводарителството на територијата на град Скопје претставува и отворањето на Центарот за дарување крв. Позитивните искуства од работењето на Дневниот центар придонесуваат за понатамошно успешно функционирање, негово афирмирање, самоиницијативно крводарување, организирање  поголем број промотивни активности и крводарителски акции кои се веќе препознатливи за граѓаните на Скопје и за крводарителите.

Црвен крст на Република Северна Македонија

За детално читање на овој текст, погледнете на 4-5 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ЈУНИ 2020).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>