Глаукомот има повеќе дефиниции, но она што е заедничко за сите е дека кај оваа состојба постои оштетување на очниот нерв, нервот кој го спојува окото со мозокот, а тоа кај пациентите се манифестира со појава на испади (слепи точки во видното поле), а во напреднатите форми може да води до комплетно губење на видот.
Колку е чест глаукомот?
Глаукомот е главна причина за слепило во светот, со повеќе од 64 милиони луѓе заболени и глобална преваленца од околу 4 проценти.
Како да го препознаат пациентите? Дали постојат некои симптоми?
Постојат повеќе форми на глаукомот, од кои едната од нив, акутниот глауком, којшто оди со екстремно покачен очен притисок, дава маркантни симптоми, со многу јака болка во предел на окото и главата, гадење и повраќање, заматен вид и халоа околу светлината. Другата форма пак, хроничниот глауком, за жал на почеток нема симптоми, бидејќи очниот притисок не е многу покачен, а може и да е нормален, немаат болка и заматен вид. Овие пациенти имаат симптоми дури кога ќе почнат да се јавуваат испади (заматувања) во централниот дел на видното поле.
Кои се ризик-фактори за глауком?
Како ризик-фактори се:
• возраст - почесто се јавува кај повозрасната популација, иако има форми кои се јавуваат во помлада возраст, дури деца и млади.
• генетика - родители со глауком
• рефрактивни аномалии - пациенти со висока миопија и хиперметропија
• системски заболувања - како покачен крвен притисок и шеќер,
• одредени леков - најчесто поврзано со кортикостероиди
Како може да се превенира?
Единствената превенцика од глаукомот е со редовни очни прегледи, кои кај здравата популација би требало да се изведуваат еднаш годишно, а кај постарите пациенти, пациентите со хронични заболувања (дијабетес, хипертензија и сл.) треба да се прави најмалку два пати годишно. Доколку постојат и одредени ризик-фактори, наведени погоре, исто така е добро да се прават почести офталмолошки прегледи со редоцно мерење очен притисок. Исто така, откако ќе се открие глаукомот неопходно е редовно користење на дадената терапија, строго придржување до советите на офталмолог, редовно месечно следење на очниот притисок, како и редовно следење на состојбата на очниот нерв со соодветни офталмолошки дијагностички методи, како што се видно поле и оптичка кохерентна томографија на очниот нерв.
Пишува: Д-р Маја Иванова Спец. офталмолог
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци