Фармацевти
Контакт

<< Назад

30 годишно искуство пред малите екрани! – Ексклузивно интервју со Ирена Спировска

јули 1, 2023



Betty: Како е да сте на малите екрани веќе 30 години, со што се соочувате како позитивни и негативни анегдоти?
Ирена: Пред ТВ-камерите првпат се појавив кога наполнив 18 години, односно веднаш по завршувањето на средното училиште, пред да почнам со студиите на факултет. Тоа што мислев дека ќе ми биде разонода за време на студентските години и извор на студентски џепарлак без некои долгорочни планови и амбиции, сепак, стана моја животна определба и професија.

Лесно се навикнав на животот пред камера и го засакав истиот. Практично растев и созревав пред камерите и слободно можам да кажам дека целиот живот ѝ го посветив на телевизиската работа.

Betty: Како почна Вашата кариера и која е првата емисија што ја водевте?
Ирена: Сè започна со една аудиција во Македонската радио-телевизија на која се пријавив заедно со уште други 200 кандидатки, од кои беа одбрани 20 девојки на кои ни беше овозможено да поминеме обука за работа пред ТВ-камерите.

Обуката ја вршеа искусните и докажани ТВ-лица Лилјана Крстева, Благоја Крстевски, беа вклучени новинари и уредници од Македонско радио, се работеше многу професионално и одговорно, несебично се работеше со нас како млад кадар и затоа всушност од таа генерација излегоа ТВ-лица кои до ден денес ги има на малите екрани (Татјана Стојановска, Билјана Дебарлиева и јас)

Betty: Како ги одржувате младешкиот изглед и става? Многумина велат дека не стареете, кој е рецептот за убав изглед и фит фигура?
Ирена: Ви благодарам за комплиментите. Убавиот изглед се должи на добрите гени, но и на дисциплината во однос на одржувањето на истиот. Избалансирана исхрана (која вклучува многу овошје, зеленчук, јаткасти плодови) и редовното спортување, кое во мојов случај е планинарењето, се одлична формула за одржување добра физичка и психичка кондиција.

Не пијам газирани сокови, не консумирам месо, не пушам цигари, алкохол пијам умерено...сето тоа верувам дека влијае на општата благосостојба на организмот. Особено е важно да се практикуваат здрави животни навики во овие зрели години затоа што организмот полека ги чувствува првите знаци на стареењето, забавувањето на метаболизмот, хормонскиот дисбаланс...

За нас жените ова се години кога се соочуваме со поизразени брчки на лицето и опаѓање на тонусот на мускулатурата, како и еластичноста на кожата. Тие процеси, за жал, се неизбежни и несопирливи и мислам дека не треба да им робуваме на актуелните трендови за „вечна младоликост“, но тоа што можеме и, според мене, треба да го правиме е да го контролираме тој процес и да го забавиме колку што можеме на природен начин, да користиме добра природна козметика која ќе ѝ овозможи на нашата кожа нега и потхранување, да спортуваме и здраво да се храниме.

Betty: Колку често планинарите и што е тоа што ве плени од природата?
Ирена: Секој слободен миг сакам да го искористам во природа и на планина. Сонцето, зеленилото, чистиот воздух и физичката активност секогаш ме ревитализираат и опуштаат.
Планините ги сакам уште од дете и низ годините таа љубов постојано растеше и се засилуваше. На планина се чувствувам слободно и опуштено, без шминка, потпетици и елегантни фустани, сосема спротивно од мојот секојдневен работен амбиент... Можеби токму затоа планинарењето ми е неопходно за да воспоставам рамнотежа и да се чувствувам задоволно и исполнето.

Го препорачувам на сите без разлика на нивната возраст или физичка подготвеност. Македонија е земја со прекрасни планини, планински водопади, реки и езера.... Секој може да пронајде терен и темпо коешто ќе му годи, а здравствените придобивки од одење на планина ќе ги почувствувате мошне брзо.

Betty: Дали кога одите на планинарски експедиции барате енергетски места низ Македонија?
Ирена: Силната и позитивна енергија што ја нуди природата е насекаде околу нас, без разлика дали ќе искачите некој врв или ќе се одлучите за прошетка низ природен амбиент некаде во близина на местото каде што живеете.

Македонија има преубави стари села, за жал најчесто запуштени и заборавени. Секое такво населено место, старите селски куќи, селските чешми, старите чардаци, некогашните активни воденици, селските цркви и особено македонските православни манастири се места кои се извор на најубава и најпријатно енергија. Треба само да посегнеме по овие убавини кои се тука околу нас и ни се лесно достапни. Стресот и напнатоста кои се сè поприсутни во урбаното секојдневие најдобро и најлесно може да се амортизираат токму преку ваквите енергетски локации.

Betty: Раскажете ни како почнува вашиот ден и ритуал за одржување на изгледот и позитивниот дух?
Ирена: Секое утро го почнувам со неколку минути лесни вежби за истегнување и расонување, а потоа си подготвувам овошно смуди без кое не можам да го замислам почетокот на денот. Одвојувам неколку минути за утринска нега на лицето и редовно нанесувам дневна хидрантна крема и антирид, ставам само основна лесна шминка за преку ден, односно маскара, моливче за очи и сјај за усни. Неизоставен дел од утринските ритуали е секако и утринското кафе, по кое може да почнат сите други дневни активности.

Betty: Дали љубовта е водилка на вашиот живот и кој е патот до хармонија и возвишена љубов?
Ирена: Љубовта е најмоќниот и најважен двигател во животот на секој човек. Без разлика дали е тоа љубов кон вашиот партнер, љубов кон домот, семејството, работата, вашето хоби, љубовта е емоција која има моќ да нè движи напред и да нè мотивира во животот. Љубовта има различни форми во различни периоди од животот, но нејзината суштина е токму таа емоција која ја раѓа во нашето срце и која ни е водилка во животот.

Betty: Дали дополнително консумирате додатоци во исхраната?
Ирена: Повремено консумирам гел од алое вера наутро или спирулина затоа што сум вегетаријанец па морам да внимавам на нивото на железото во крвта. За време на сезонските грипови и настинки редовно пијам витамин Ц како додаток. По спортски активности пијам магнезиум за опуштање на мускулатурата.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јули 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>