Betty: Која е тајната на долговечноста? Ве молам, споделете со нас како да бидеме витални, здрави и насмеани како Вас?
Добрила: Најголемиот мој двигател е љубовта, едноставно пливам во морето на љубовта. Комуницирам со целиот свет токму за ова прашање и секогаш мојот одговор е љубов кон сите и кон сѐ. Годините се само години на хартија, а јас живеам како да имам 40.
Живеам во Дојран и овој град е воздушна бања, енергетско место, прекрасно гратче, кое овозможува здрав живот. Морам да напоменам дека си имам направено и свој еликсир на младоста, кој ми го бараат многу луѓе.
Но, пак ќе нагласам дека здравата мисла и менталното здравје, како и љубавта кон сите, е токму тој рецепт до кој се придржувам на патот кон стотката.
Betty: Како ги надминувате проблемите што доаѓаат во текот на животот?
Добрила: Имав свекрва што живееше 102 години и бевме во заедница. Таа многу ме научи како треба секој проблем да го прифаќам како нормален тек на животот, со смирено, разумно и мудро решение, а решение има за сѐ! Во една година имав две сообраќајни незгоди, едната ми беше од Белград кон Скопје бидејќи сама возам сѐ уште на долги патувања.
Излетав од патот и сите мислеа дека сум мртва, но, фала му на бога, немав ниту една гребнатина. Исто така, другата ми беше од Охрид кон Скопје - е тука имав скршени ребра и самоволно ја напуштив болницата, дојдов дома и сама се лекував.
Секогаш максимално ја држам секоја ситуација под контрола за да немам нервози. Но, животот е многу стресен, не треба да му се дава толку важност. Не давам фокус на минатото, исклучиво што ме интересира е како следниот ден да го направам да биде подобар од претходниот.
Никогаш не се навраќам на минатото, тоа е завршено и нема потреба да се оптоварувам со него бидејќи ништо не можам да сменам.
Betty: Во што сѐ наоѓате задоволство?
Добрила: Од мојата 18. година станав една од првите глумици во Македонија, играв на неколку претстави во Скопје. Потоа заминав во Париз и играв во најпопуларното кабаре и тука се запознав со Оназис, кој еднаш месечно беше наш гостин, со Брижит Бардо и со многу други познати светски јавни личности.
Навечер играв претстави, а преку ден шиев интересни модели за да бидам впечатлива на париските улици. Пеењето е моја пасија, секој ден си пеам, секој ден си правам свој репертоар за уживање.
Betty: Какво Ви беше чувството кога победивте на „Никогаш не е доцна“?
Добрила: Популарноста повторно ми почна на мои 90 години благодарение на сосетката која ме пријави. Српската естрада многу убаво ме прифати, со некои од нив сум блиска пријателка... навистина уживам во голема популарност не само во Србија туку ми се јавуваат и наши луѓе од целиот свет за да ми дадат мотив да продолжам понатаму.
Betty: Каде сѐ имате настапувано во светот?
Добрила: Како што напоменав, кариерата првин ја почнав во Скопје, продложив во Белград, играв во Белградскиот народен театар, потоа заминав за Русија, каде што најдолго се задржав и играв и пеев во многу театри во цела Русија. Пеам и ден-денеска во Грција, кога ќе дојдат гости во Дојран, многу често знаат да ме поканат да им испеам неколку песни. Сега сум на релација Белград - Скопје, во Македонија играм во претставата „Преспав“, како и во други кратки серии, што сега се снимаат.
Добрила: Од секојдневната комуникација со луѓе и прашањата за мојот живот, за начинот на кој живеам - дојдов на идеја дека треба да оставам зад себе пример како треба да се живее животот, кој воопшто не е едноставен. Пристапот ми е дека животот е слика што секој треба да си ја креира и да живее во својата имагинација. Но, притоа мора да сфати дека треба да биде радосен, среќен и, пред сѐ, несебичен, со главно начело како водилка да му биде љубовта.
Имавте промоција на книгата на многу медиуми во Србија, како и карван на промоција речиси во сите градови во Србија, па како таа беше прифатена?
Добрила: Многу беа благодарни што искрено споделувам она што сум јас и за што треба да се бори секој човек. Во ова време на многу пандемии, на депресија, осаменост, лаги, себичност - сакам да му посочам на народот да не бега од сопствената природа, туку да биде во склад со неа. Тоа беше мојот мотив за оваа книга. Книгата ја издадов во Србија, има огромен интерес, а до крајот на месецот ќе биде издадена и на македонски јазик.
Кој е клучот за патот кон 100 години?
Добрила: Негувајте ја младоста во себе; Немојте да мислите лошо никогаш; И на лошите посакајте им добро; Сакајте го животот; Сакајте ги луѓето и дарувајте љубов; Слушајте добра музика и негувајте уметност; Дружете се со позитивни и хумористични луѓе.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Април 2023).