Причини, симптоми и лекување
Статистиката покажува дека во развиените земји дури 50-80 насто од населението почувствувало болка во грбот.
Автор д-р Јелена Биџиќ.
Лумбоишијалгија (ишијас) е синдром кој се манифестира со болка во долниот дел од грбот, долж едната или двете нозе. Болката во крстот , после главоболката е најчеста појава кај човечката популација. Ишијасот е термин за воспаление на нервус ишијадикус. Ишијадикус е најголем периферен нерв во телото, со дебелина на мал прст, а го формираат пет гранки корени на нервите, од 4 лумбален прешлен до 3 сакрален.
Речиси секој од нас доживеал болка во лумбалниот, односно долниот дел од грбот. Самата болка во грбот се нарекува лумбаго, а доколку се спушта низ едната или низ двете нозе се нарекува лумбоишијалгија или ишијас. Најчесто настанува после незгодно движење или кревање товар. Болката е интензивна, пациентот тешко оди, подвижноста на ’рбетниот столб е ограничена, се јавува напнатост во мускулите во лумбалниот дел на грбот, може да се јави жарење, чувство како да ве лазат мравки, долж едната или двете нозе, како и слабост во мускулите.
Стручњаците наведуваат дека болката во грбот која се спушта до ножните прсти е почеста. Се јавува подеднакво кај двата пола, во сите возрасти.
Причини
Причините се многубројни. Една од најчестите причини е хернијација на дискот (поместување на меѓупрешленскиот дискус) надвор од опсегот каде обично се наоѓа. Дискусот старее, се менува дегенеративно и станува нееластичен, па во некој момент, кога подигаме товар, доаѓа до поместување на јадрото на самиот дискус и излегување од неговиот опсег. Фиброзниот прстен пука, а нуклеус пулпозус излегува и доведува до иритација или притисок на коренот на нервот. Со самото тоа болката е остра, интензивна и се спушта долж ногата. Други причини може да бидат мали сублуксации без пукање на дискот. Дегенеративните промени на ’рбетниот столб не се поврзани само со годините, често може да се јават и кај помлади луѓе, од 30 до 40 година. Останати причини може да бидат повреди, воспаленија, тумори, вродени и стекнати деформитети на ’рбетот, остеопатии на ’рбетниот столб, како и екстравертебрални причини (скелетни, мускулни, сврзни, васкуларни).
Симптоми
Болката е пријател, односно информација дека некаде нешто не е во ред. Не треба да земате сами аналгетици кои ја намалуваат болката како хемиска реакција на блокада на рецепторите кои ја пренесуваат таа информација. Не сте си помогнале туку сте си наштетиле, бидејќи мозокот престанува да ја препознава информацијата или престанува да ја брани или да ја штити таа зона, односно коригира или ограничи некоја активност или положба. Болката е најчест симптом и често оваа дијагноза се врзува со болката низ ногата. Болката која се шири низ ногата не мора да биде долж целата нога. Може да се чувствува болка во натколеницата, почесто во задната ложа, во задниот дел од коленото, во зоната на потколеницата често од надворешна страна, како и долж целата нога, односно до стапалата. Постои трнење, пецкање, жарење, па дури како најсериозен симптом загуба на функцијата на нервите, односно загуба на движењето и чувствата. Првиот напад на лумбоишијалгија се јавува во средна животна доба, кога се чувствува јака болка во долниот дел од грбот, вкочанетост, отежнато наведнување, отежнато станување и болки долж ногата.
Првиот напад најчесто поминува спонтано или со примена на антиревматици, потоа следува празен период без болки кој може да трае неколку месеци и неколку години, потоа се јавува нов напад. Доколку се јават неколку напади, болеста поминува во хроничен тек и се манифестира со перманентна болка со средна јачина во долниот дел од грбот и долж двете нозе со тоа што најјаката болка е во натколениците. Во тој период пациентите тешко се движат, тешко стануваат, тешко ги извршуваат сите физички активности и лошо спијат. Со напредување на болеста и кај постари луѓе доминантната болка од натколениците преминува во потколениците што се објаснува со поизразена полиневропатија, односно значајно оштетување на самите нерви. Таквите пациенти имаат и лоша циркулација, поради лоша инервација и се жалат на студени нозе, а ноќе имаат изразено жарење и печење во стапалата.
Дијагностика и терапија
Дијагнозата се поставува со физички преглед, со рендген на лумбо-сакралниот дел на ’рбетот, со магнетна резонанца или компјутеризирана томографија (скенер). Неопходно е да се јавите на физијатар доколку имате болка во лумбалниот дел од грбот. Терапијата почнете ја со лекови. На пациентот му е најважно да ја намали болката која може да биде многу интензивна и да го онеспособува во секојдневните активности. Потоа следуваат методи на физикална тепарија како што се: ласер, ултразвук, струја, магнет. Кога болката ќе се намали, се почнува со најважниот дел од физикалната терапија, а тоа се вежби во здравствена установа, а потоа е неопходно пациентот да продолжи со вежбите и дома. Само со редовно вежбање и јакнење на мускулите ќе се спречи повторна појава на болки.
Кај помлади луѓе со примена на соодветни антиревматици, односно аналгетици и антиревматици, со некој вид блокада, болката може да се стави апсолутно под контрола и да се запре понатамошно напредување на ревматскиот процес. Кај некои пациенти е неопходно и оперативно лекување. Се советува редовна физичка активност, прошетки, пливање, земање доволно течности, намалување на телесната тежина.
Последици на модерниот начин на живот
Болката во грбот е придружник на човекот од самиот негов развој па сè до денес, како последица на еволуцијата, но и последица на современиот начин на живот, сè помалку движење, сè повеќе седечки начин на живот, на работа, во автомобил, пред компјутер. Физичката активност е сведена на минимум, се зголемува телесната тежина, а се намалува внесот на вода. Ако не се внесува доволно вода, дискусот станува нееластичен и склон кон полесни повреди. Болката обично се јавува во утринските часови, јака е и ненадејна, се спушта низ колкот, долж левата или десната нога, дури и до малиот прст на ногата. Постои страв да се направи какво било движење. Кај некои луѓе се јавува и пад на стапалото. И самото вдишување создава болка. Болката најчесто настанува како последица на спазма на мускулите, како одбранбен механизам на организмот. Доаѓа до паника и неможност за движење. Интензитетот на болката зависи од самата повреда на дискусот.