Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЛАЗАРОПОЛЕ

април 1, 2019

Бисерот на Бистра

 

Лазарополе е едно од најубавите села во Македонија кое опстојува со векови, денес како викенд населба. Интересна е неговата историја, местоположбата, прекрасната клима и високите куќи изградени од камен. Лазарополците се гордеат со своето село, без разлика каде и да ги однел патот низ светот. Нека Лазарополе биде ваша следна дестинација.

 

Ивана Коцевска

 

По влегувањето во живописната клисура на реката Радика и поминувањето на   импресивниот манастир „Свети Јован Бигорски“, доаѓате до Бошков Мост. Тука вртите лево, по добар асфалтен пат, па околу 5 километри почнувате да се искачувате до асфалтен пат кој ве води во планинските висини на планината Бистра. Патот е кривулест и по малку тесен, километрите можеби ќе ви се чинат како вечност. На 145 км од Скопје стигнувате во второто по големина малореканско мијачко село, Лазарополе. Се наоѓа на 1 350 метри надморска височина, на карстно-варовничко поле по име Коритник, и е една од највисоките селски населби во Македонија. Пред вас се отвора голема висорамнина на чии карпести делови се појавуваат куќи, најчесто двокатни и трокатни, изградени од камен, кои потсетуваат на средновековни тврдини. Од Лазарополе има извонреден поглед кон Гарска Река и планината Стогово, а местоположбата е таква што изгледа малку затскриено од останатиот свет.

 

Историјата на Лазарополе

 

Легендата која се пренесува како предание до денешен ден за настанокот на Лазарополе е следна: бегајќи од Турците селаните од Главино Село се сокриле во тесната и темна пештера Калина Дупка. Турците не успеале да ги најдат и биле на работ да ги одминат. Но, една млада и наивна мома Калина почнала прерано да се радува и да пее. Ја чул некој од турскиот аскер, Турците се вратиле и сфатиле дека пештерата е полна со луѓе. Го наполните влезот на пештерата со слама и гранки и ги запалиле, со намера селаните живи да изгорат. Загинале сите освен еден ‒ Лазар, кој ползејќи успеал да го најде другиот крај на пештерата и да излезе жив и здрав пред некое поле. Тука се населил и по него населбата го добила името.

 

Етимолошкото објаснување на името на селото има свои корени во старословенскиот јазик, во кој поимот лазор означува „голем простор, оголен и истребен од шуми“. Меѓу жителите се зачувани спомените дека тие морале да го ослободат просторот, така што ја отстраниле дабовата и букова шума за да можат да добијат погодно место за градење куќи.

 

Големата височина не дозволувала да има никакво земјоделско производство, но затоа Лазарополе има богата и долга историја од втората половина на 15 век. Поради своите природни карактеристики на високопланинско село со многу пасишта, селаните отсекогаш се занимавале со сточарство и со правење на млечни производи од млекото од овците. Лазарополе било сточарско, но и дервенџиско село.  Дервенџиите биле вид на локална војска, составена од локални вооружени селани ополномоштени директно од султанот со цел да обезбедуваат значајни патишта (најчесто, тешкопроодни клисури помеѓу два града) и да го штитат населението од насилствата на редовната турска војска. Лазарополци биле задолжени да го чуваат блискиот премин на патот што водел од Дебар преку Кичево за Прилеп. За тоа дека патот е прооден гарантирале со своите глави.

 

 

Лазарополе прв пат се споменува во историски документ во втората половина на XV век, во Кондиката (книгата на дарителите) на Слепченскиот манастир.

Жителите на ова село припаѓале на познатото македонско словенско племе Мијаци. Мијаците се населиле во долнореканскиот регион на Македонија во V и VI век.  Биле познати по својата култура, архитектура, обичаи и културно и национално наследство. Од нив потекнуваат највештите дрворесци и иконографи, кои насликале голем број цркви во Македонија.

 

 

Црквите во Лазарополе

Во Лазарополе е изградена првата црква во малореканскиот крај во периодот на османлиската окупација, тоа е главната селска црква „Св. Великомаченик Ѓорѓи“.  Таа го зазема средишното место во селото и е негов заштитен знак. Била градена во периодот 1832-1841 година, а во XX век ѝ е додаден трем. Опкружена е со ѕидини од делкан камен, високи и до 4 метри. Токму нејзината местоположба ја спасила од намерите на Османлиите да ја уништат. Нејзиниот ентериер е прво самостојно дело на прочуениот Дичо Зограф. Нејзин ктитор бил општественикот, кнезот и големопоседникот од Лазарополе, Ѓурчин Кокалески, кој во неа имал свој престол. Погребан е во дворот на црквата до олтарот на барање на народот. Во 1997 година  Министерството за култура ја прогласило  црквата за споменик на културата.

 

 

Малата црквичка „Св. Петка“ е една од неколкуте цркви во Лазарополе. Се наоѓа во длабока шума во непосредна близина на селото, во правец на запад. Во 1908 година ја изградил лазарополецот Јосиф Аврамов Куноски, а во текот на 2004 година била целосно обновена од страна на црковниот одбор на селото. До црквата се стигнува по патека која почнува од самото село, продолжува кон месноста Крс, а потоа патеката започнува да се симнува кон Тресонечка Река. Патеката поминува низ падини, а подоцна навлегува во шума, каде што е сместена и самата црква. До црквата се наоѓа чешма, од која постојано тече вода, без разлика на годишното време. Постои верување дека водата лекува заболувања на очите.

 

Селска слава на Лазарополе е Илинден. Тогаш во селото е најраздвижено, бидејќи   оние кои потекнуваат од тука повторно се враќаат во родниот крај. Празникот се  слави со ора со звукот на зурлите и топаните, неизбежни при каква било веселба во овие краишта.

 

Извонредно место за одмор

 

Лазарополе е познато како место каде воздухот е најчист на Балканот, а во Македонија е единствено место со мерна станица каде резултатите покажуваат чист воздух преку цела година. Лазарополе е одлично место за планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдерство и едноставно уживање во природата и уникатната архитектура. Најспособните и најхрабрите може да ја посетат пештерата Калина Дупка. Искачувањето е внимателно, а во внатрешноста мора да се влезе со неопходна опрема и придружба.

 

Најубав период за посета е доцна пролет, кога можете да се восхитувате на боите кои само природата може да ги создаде. Нема да можете да одолеете на боите и мирисите од билките кои овде растат. Следејќи ги ќе прошетате до околните шуми или по висорамнината што води кон планинските висини на Бистра. Овде единствено во Македонија расте лазарополската дива ружа. Уживајте релаксирани во глетката, во чистиот воздух, во домашно подготвената храна, во пријатниот амбиент кој опушта. Овде природата ќе направи да се почувствувате препородени.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>