Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРОЛЕТЕН УМОР

април 1, 2019



Намирници кои ни помагаат

 

Изнемоштеност, безволност, болки во зглобовите, нервоза, главоболка, хронично чувство на ненаспаност, како и бројни други проблеми, претставуваат симптоми со кои многумина од нас се соочуваат со доаѓањето на пролетта.

 

Автор Билјана Божовиќ

 

По долгите зимски месеци, нашиот организам е прилично исцрпен. Доаѓањето на топлото време носи бројни промени, а приспособувањето на нив не е моментно. Во текот на зимата, поради пократките интервали на дневна светлина, се лачи повеќе мелатонин, хормон поврзан со спиењето. Пролетта е проследена со пораст на лачење на серотонин, кој го поттикнува нашето тело на акција. Покрај тоа, го напуштаме зимскиот калоричен начин на исхрана и преминуваме на нешто полесна храна. Сето ова можеме да го доживееме како сериозен пад на животната енергија, проследен со сите останати симптоми на пролетен умор. Доколку ваквата состојба  потрае подолг период, задолжително посетете лекар, со оглед на тоа што може да биде знак дека нешто друго не е во ред со вашето здравје.

 

Како да си помогнеме?

Исхраната мора да биде приспособена на нованастанатите услови и заснована на намирници достапни во овој период од годината. Помагаат и редовна физичка активност, одморање и воспоставување правилен ритам, кога одењето на спиење е во прашање, доволен внес на течности и избегнување стресни ситуации. Оброците мора да бидат разновидни, лесни и редовни, додека внесот на кафе би требало да се ограничи.

 

Глуварче и лимон

Салата од листови од глуварче со додаток на лимонов сок ќе ви помогне во организмот да ги внесете витамините А, Ц и Б, како и минералите калиум, калциум, магнезиум, манган, железо, цинк и бакар. Глуварчето има и диуретско дејство, па помага во детоксикација на организмот, а дејствува и како будилник за забавениот метаболизам.

 

Целер

Покрај неутрализирање на киселоста на организмот, целерот нè снабдува со природни антиоксиданти бета каротин, лутеин и кумарин. Исто така, содржи и витамини А, Ц и К.

 

Црно чоколадо

Изберете го она што содржи најмалку 70 % какао. Црното чоколадо го поттикнува лачењето серотонин и е богато со магнезиум. Има позитивно дејство на расположението, а богато е и со антиоксиданти кои го чуваат срцето. Затоа неколку коцки се дозволени секој ден.

 

Цитруси

Покрај изобилството на витамин Ц, овој вид овошје содржи и бројни минерали, како калиум, но и каротиноиди, моќни природни антиоксиданти. Имаат дејство на будење на организмот. Можете да ги јадете за ужина, како додаток на салати и јадења, но и цедени. Кога ги користите во облик на сок, задолжително искористете ја и пулпата, влакната кои ги содржи се корисни за процесот на варење.

 

Авокадо

Ова овошје претставува збир на состојки кои ни се потребни во борба против пролетниот умор. Покрај витамините А, Б12, Ц и Д, содржи и калциум, калиум, како и олеинска киселина. Авокадото помага во усвојување корисни состојки од другите намирници, а интересен е податокот дека во 100 г содржи 7 г влакна.

 

Јаткасти плодови, мед и суво овошје

Миксот направен од овие состојки, покрај брзата енергија добиена од медот, на нашето тело му дава сериозна поддршка кога е во прашање внесот на микронутриенти.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>