Фармацевти
Контакт

<< Назад

КАРАТ

мај 1, 2019

Древна вештина

 

Иако денес за каратето најчесто се зборува како за спорт, не смееме да заборавиме на неговите подлабоки аспекти кои поизлегле од повеќевековната традиција.

 

Автор Душко Шашиќ

 

Приказната за потеклото на каратето нè води во далечното минато и е испреплетена со бројни легенди. Клучно место за настанок на оваа вештина е архипелагот Рју Кју, сместен југозападно од Јапонија во Тихиот Океан. Географската положба на овие острови ги направила подложни на разни културолошки влијанија, од Индија, преку Кина, до Кореја и Јапонија. Нивната положба, исто така, ги направила интересни за сите кои сакале да доминираат со тој дел од светот, па низ историјата жителите на овие острови биле изложени на постојани напади од освојувачите. Сè се тоа елементи кои влијаеле на развивање посебен менталитет и начин на размислување.

 

Рана фаза на настанок на каратето

Во текот на 14 век доаѓа до почеток на формирање на Рју Кју кралство, кое и покрај својата незначителна големина, ќе игра клучна улога во поморската трговија во тој дел од светот сè до крајот на 19 век. Развојот на трговијата обично е придружен со економски процут, што пак за последица има доаѓање на оние кои се во потрага за подобар живот. Во тој период на овие острови се доселуваат бројни жители на Кина. Локалните жители прифаќаат некои од обичаите и вештините кои стигнале од копното. Меѓу тие вештини била и кунг фу, боречка вештина развивана од 6 век во кинескиот Шаолин манастир. Се верува дека Шаолин монасите својот боречки систем го развивале дел под влијание на индиските будистички монаси.

Окинава е најголем остров на архипелагот и на него во текот на 15 век дошло до развој на локални боречки стилови, настанати под влијание на кинеските вештини. За развојот на каратето придонела и забраната за поседување оружје, која, во обид да го одржи владеењето, ја вовел кралот Шо Шин во 1477 година. Ова за последица имало повлекување на каратето во речиси илегални текови. Знаењето се пренесувало во семејството, со строго водење сметка за тоа кој смее да стане кандидат за учење. Забраната придонела за развојот на специфични видови оружје, кои и денес се дел од арсеналот на источните боречки вештини. Поради потребата за поефикасна самоодбрана, луѓето почнале да кристат секојдневни земјоделски алатки наместо оружје, со оглед на тоа дека нив не можеле да им ги забранат.

Прочуените нунчаки од боречките филмови првобитно биле наменети за одвојување на зрното од житните растенија од класот. Тонфа, палка со дршка сместена бочно, која денес е во редовна употреба во многу полиции на планетава, била рачка за движење на каменот кој мелел жито. Развивана е и вештина на борба со помош на стап или долга мотка.

Најголемо внимание, сепак, е придавано на развојот на вештината на голи раце. И самото име карате се преведува како празна рака. Меѓутоа, тоа толкување е прифатено дури во претходниот век, со оглед на тоа дека знаците со чија помош се испишува овој збор може да бидат протолкувани и како кинеска рака. Ова во текот на долгата низа години укажувало на потеклото на вештината, меѓутоа политичката атмосфера во Јапонија во почетокот на 20 век била таква што требало да се избегне спомнувањето на Кина.

 

Излегување од анонимност и освојување на Јапонија

Во текот на 19 век мајсторите од Окинава веќе практикувале неколку различни стилови на вежбање со јасно дефинирани движења и техники. Стилот кој го оформил мајсторот Мацумура Сокон денес е познат како шорин-рју. Неговиот ученик, Анко Итосу, кој се смета за дедо на модерното карате, помогнал за воведување на каратето во редовната настава во училиштата во Окинава во 1901. Во тој момент архипелагот Рју Кју веќе припаѓа на Јапонија (по анексијата во 1879 година), а бројните жители се селат на север, носејќи го со себе и знаењето на карате.

Основачот на шото-кан стилот, Гичин Фунакоши, бил ученик на Итосу. Тој придонел за формирање на основата на денешното модено карате. Покрај него не смееме да ги заборавиме и другите бројни мајстори како Кенва Мабуни, Мотоку Чоко, Чојума Мијаги, Канбуна Уечи, и сите останати великани на историјата на каратето (за жал, просторот не ни дозволува сите да ги споменеме).

Промените низ кои Јапонија минувала по отворањето кон остатокот на светот отвориле пат за популаризација на каратето. Јапонскиот министер за просвета во 1922 година го повикал Гишин Фунакочи во Токио да одржи демонстрација на својата вештина. Набрзо потоа почнува основање карате клубови на јапонските универзитети, а самата вештина стекнува бројни поклоници. Фунакочи во согласност со тогашната ситуација ги редифинирал имињата на катите и техниките и ги приспособил на јапонскиот јазик за да избегне тешкотии кои би можеле да настанат поради кинеското потекло на вештината.

Планетарната популарност каратето ја достигнало како јапонска вештина, а покрај четирите стила со најмногу поклоници (Шото кан, Шото рју, Гоѓу рју и Вадо рју), постојат и мноштво други стилови кои ја чуваат традицијата на своите основачи, како Уечи рју карате. Мајсторот Масутацу Ојама во крајот на шеесетите години го развил својот Кјокушинкаи стил, познат и како фулконтакт карате.

 

Светска популарност и развој на натпреварувања

Филмовите чии јунаци ги победуваат соперниците, користејќи боречки вештини, доживеале планетарна популарност во шеесетите години на минатиот век. Тоа само придонело за ширење на каратето, кое во САД и Европа стигнало десетина години подоцна. По Втората светска војна Окинава станала официјална американска поморска база, а американските војници почнале да учат карате кај локалните мајстори. Тоа знаење потоа го пренесувале на своите ученици по враќањето дома.

Иако старите мајстори сметале дека во каратето нема место за натпреварување, новото време донело формирање натпреварувачки сојузи и потреба за воведување правила. Каратето попримило одлики на модерен спорт со јасно дефинирани натпреварувачки правила. Сè уште постојат оние кои каратето го прифаќаат исклучиво како систем вежби насочен исклучиво кон личен психофизички развој. Таквото сфаќање на каратето го признава единствено натпреварувањето со самиот себе со оглед на тоа дека токму поединецот е најголема препрека на самиот себе на патот кон усовршување. Кога ќе успееме да ги победиме сопствените слабости, тоа значи дека сме постигнале повисоко ниво на вештина. Иако ова сфаќање е блиско на изворното поимање на каратето, денес далеку пораширен е модерниот натпреварувачки пристап.

Во зависност од системот на натпреварувања, во борбите е дозволен полуконтакт и полн контакт. Фаќањата и фрлањата се елиминирани од списокот дозволени техники. Натпреварувањата се одвиваат и во дисциплина изведување кати. Катите се традиционална форма за увежбување низа техники. Најчесто се опишуваат како борба со замислен противник.

 

Рангирање и звања

Повеќето стилови го прифатиле системот на рангирање на вежбачите кој го презел Гишин Фунакочи од џудо традицијата. Ученичките степени на знаење се означени како кју, се движат од десети, до најнизок, прв кју. Прв кју добиваат кандидатите за мајстор. Мајсторските степени на знаење се означуваат како дан, со десетти дан како највисок ранг. Во зависност од стилот, ученичките степени се обележуваат со различна боја на појасите, додека за мајсторско звање е вообичаено носење црн појас.

 

Каратето и светот на познатите

Бројни личности од светот на глумата и музиката не ја кријат својата љубов кон каратето. Прочуениот Елвис Присли бил восхитен од тренинзите кои редовно ги практикувал. Ќе го споменеме и Шон Конери и Весли Снајпс. Жан Клод Ван Дам пред филмската кариера првобитно вежбал карате, за потоа да се посвети и на други боречки вештини.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>