Фармацевти
Контакт

<< Назад

ТРАДИЦИОНАЛНИ РАСТИТЕЛНИ ЛЕКОВИ

мај 1, 2019

Спој на природата и искуството

 

За еден производ да може да биде препознаен и регистриран како традиционален растителен лек, мора да задоволи некои многу специфични услови.

 

Автор Душан Гољиќ

м-р по фармација

 

Во долгата традиција се користат многу производи на растителна база, што пак не ги прави доволно безбедни и ефикасни за да бидат декларирани како лекови. На пазарот наидуваме на многу препарати кои своето дејство го должат на традиционалната состојка, меѓутоа повеќето од нив немаат јасно дефинирани дози и индикации, па не може да бидат регистрирани како лек. Официјално, аптекарите за традиционален лек го сметаат оној кој може да биде заснован на научни принципи и да е резултат на традицијата или други традиционални тераписки пристапи. Не се сите чаеви и фитопрепарати традиционални растителни лекови, повеќето се регистрирани во вид на диететски додатоци на исхраната, т.е. како дополнение на исхраната.

 

Дефинирано индикациско подрачје, состав и период на традиционална употреба

Традиционалниот растителен лек има јасно дефинирано индикациско подрачје. Наменети се за лекување без интервенција на лекар, па најчесто наоѓаат примена кај полесни заболувања на дигестивниот тракт, симптоми на респираторни заболувања, како и кај кожни заболувања. Во зависност од валидноста на достапните податоци, одделни традиционални лекови може да се користат и како помошна терапија во лекување заболувања на внатрешни органи или на нервниот систем.

Ваквиот лек мора да има јасно дефиниран и контролиран состав, првенствено по прашање на специфични екстракти кои влегуваат во неговиот состав и е предвиден за употреба во согласност со пропишаната јачина и дозирање.

Состојките мора да го задоволат периодот на традиционалната употреба – да се во традиционална употреба најмалку 30 години, од што најмалку 15 години на пазарот на Европската Унија.

 

Докажано дејство

Мора да биде јасно покажано дека лекот не е штетен при пропишани услови на примена, како и дека може да се очекуваат неговите фармаколошки ефекти или неговата ефикасност врз основа на неговата долготрајна употреба и искуства. Сув екстракт од плод од млечен трн традиционално се користи како хепатопротектив, па неговата примена во терапија на заболувања на црниот дроб е јасно индицирана. Течен екстракт од херба од бел пелин, цутови од камилица, корен од бел бозел, и корен од сладок корен со векови се користат за ублажување симптоми кај отежнато варење, како подуеност и полесни грчеви, па затоа јасно дефинирана нивна комбинација јасно ги задоволува условите на традиционален лек.

Растителниот лек кој во својот состав има витамини или минерали чија тераписка безбедност добро е документирана може да се смета за традиционален растителен лек, ако дејството на тие витамини или минерали е само помошно во однос на дејството на активните растителни состојки. Екстракти од корен од јаглика, херба  од тимијан, или лист од машки тегавец традиционално се користат за ублажување симптоми на кашлица. Може да бидат збогатени со витамински комплекс, што дополнително ја потполнува нивната ефикасност.

 

Јасно дефиниран начин на употреба

Традиционалните растителни лекови се наменети за орална употреба, надворешна употреба или инхалација. Алкохолниот екстракт од мешани растенија може истовремено да биде индициран за орална употреба, како и за масажа на болни места, но и кај специфични алергиски реакции на кожата.

Полиците во аптеките се исполнети со производи кои поединечно носат огромен број информации. Пребарувачите на Интернет ретко нудат селекција на вистински и корисни информации од оние кои тоа не се. Во аптека таа селекција ја прави аптекарот. Прашањето Дали нешто е традиционален лек или само личи на тоа? треба да му се постави нему.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>