Фармацевти
Контакт

<< Назад

НЕГУВАНА КОСА

мај 1, 2019

Растенија кои помагаат

 

Природната ризница изобилува со состојки корисни за нега на косата, искористете го тоа на најдобар начин.

 

Автор: Весна Марковиќ

 

На нашата коса, пред летните месеци, покрај редовното кратење на врвовите, ѝ е потребна дополнителна нега за да ги дочека подготвена сите искушенија кои ги носи овој период од годината. Пред да наведеме некои од растителните состојки кои имаат докажано поволно дејство на влакната, ќе ве потсетиме на некои од основните правила за нега на косата. Косата не би требало да ја миете со претерано топла вода, а после миењето треба да се замота во пешкир, без триење. Кога сте во можност оставете ја косата да се исуши по природен пат, без употреба на фен. Пред миење добро расчешлајте ја косата, чешлањето влажни влакна води до нивно кршење. Редовното миење е задолжително, косата кога ќе се замасти повеќе опаѓа.

 

Благотворни растителни масла

Кокосовото масло со векови се употребува како проверено средство за нега на косата во Индија. Тоа содржи лауринска киселина, продира длабоко во влакното, го регенерира, ревитализира и штити од оштетувања. Индијките често го користат во комбинација со ним масло, за кое веруваат дека има антибактериски и антигабични својства. Овие две масла заедно дејствуваат против јадеж, првут и сува кожа на главата.

Аргановото масло влијае на намалување на лачење на лојните жлезди и ја регулира појавата на првут. Би требало да го втривате во коренот на косата два пати неделно.

Рицинусовото масло содржи омега масни киселини и витамин Е. Тоа лесно продира во влакното и длабински го хидрира. Поволен ефект има и на кожата на главата, па се препорачува да се втрие и да се остави да дејствува во текот на ноќта. Потоа наутро треба да се измие со млака вода и благ шампон. Третманот со ова масло го намалува опаѓањето на косата.

Чичковото масло е богато со витамини Б, Ц и Е, железо, калциум и масни киселини. Покрај негата на оштетените влакна, тоа го поттикнува и растот на косата.

Етеричното масло од лаванда го смирува јадежот и помага во отстранување на првутот. Доколку го втриете на темето пред спиење, поубаво ќе спиете и ќе се будите поодморни. Косата ќе изгледа посјајно, а ќе го намалите и нивото на стрес на кое секојдневно е изложена.

Бадемовото масло содржи природни протеини кои имаат исклучително благотворно дејство на косата и кожата на главата. По неколку третмани ќе забележите дека косата ви е појака, посјајна и поеластична.

Маслиновото масло е традиционална состојка на домашните маски за испукана коса. Богато е со витамини А и Е и придонесува за хидратација на косата и кожата на главата и подобра состојба на фоликулите на влакната.

 

Коприва кралица за нега на косата

Ова повеќекратно корисно растение може да се користи за нега на косата однадвор, но нејзиното дејство може да се зголеми со пиење чаеви од лист и корен од коприва. Силициумот кој го содржи копривата има улога во структурата на кожата и ноктите, па неговиот недостиг доведува до испуканост. Покрај тоа, копривата придонесува за подобра циркулација на кожата на главата и со самото тоа за подобра исхранетост на влакната.

 

Проверени рецепти

Во аптеките постојат бројни препарати за нега на косата засновани на природни состојки, а наведените состојки можете да ги користите и како дел од маски за коса произведени дома. Консултирајте се со својот дерматолог и фармацевт околу тоа што најмногу му одговара на вашиот тип на кожа и коса, како и за начинот на примена на одредени состојки.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>