Фармацевти
Контакт

<< Назад

ОПАСНОСТ ОД ИЗЛОЖУВАЊЕ НА СОНЦЕ

јуни 1, 2019

Како да се заштитиме

 

Дури до 50 % од вкупната изложеност на сонце во текот на животот може да се прими до 18. година од животот, па затоа е важен моментот на едукација на родителите и децата за штетното дејство на сончевото зрачење.

 

Автор: д-р Владимир Лазовиќ

 

Сончевата светлина е највидлив и најочигледен извор на комфор во средината која нè опкружува. Таа има корисни ефекти во смисла топлина и синтеза на витамин Д, но, исто така, може да доведе до штетни последици. Сончевата енергија ја сочинува широк спектар од ултракратки, јонизирачки зраци, со висока енергија, до ултрадолги радиобранови со многу мала енергија на фотони. До површината на Земјата стигнува само тесен спектар кој го сочинува делот од ултравиолетовото (УВ) зрачење, видливата светлина и мал дел од инфрацрвеното зрачење. Озонската обвивка го спречува продирањето на потенцијално штетните зраци со мали бранови должини, со висока енергија. Затоа загриженоста поради уништувањето на озонската обвивка со хемикалии кои се ослободуваат во атмосферата доведе до меѓународни спогодби за намалување на нивното производство. УВ-Б делот од спектарот го сочинуваат бранови должини меѓу 290 и 320 nm и овој дел од фотобиолошкиот спектар е најзаслужен за создавање црвенило или еритем на кожата.

 

Акутни и хронични ефекти од изложеноста на сонце

Ефектите од изложеноста на сонце може да се поделат на акутни и хронични. Акутни ефекти од изложеност на сонце се изгореници и синтеза на витамин Д. Изгорениците се најчеста последица предизвикана од изложеност на УВ-зрачење. Општо кажано, способноста нечија кожа да толерира сончева светлина е директно пропорционална со количината на пигментот меланин. Меланинот е комплекс од полимерот тирозин кој има улога на ефикасен, непропустлив филтер со широк спектар на апсорпција во УВ-делот од сончевиот спектар. Толеранцијата според изложеноста на сонце обично може да биде потврдена со поставување на две прашања: 1. Дали горите после сончање? 2. Дали поцрнувате после сончање?

Хроничните ефекти од изложеност на сонцето можат да се поделат на немалигни и малигни. Клиничката слика после долготрајно изложување на сонце е претставена со збрчканост, пигментации, проширени капилари, груба кожа, како удирана од времето. И покрај наведените, добро познати последици, кои уште се нарекуваат фотостареење или дерматохелиоза, сè уште не е разјаснет процесот кој доведува до нив.

 

Немеланомски карциноми

Една од најпознатите последици од хронично изложување на кожата на сонце се немеланомските карциноми на кожата. Постојат два типа на кожни немеланомски карциноми: базоцелуларен и спиноцелуларен карцином. Хроничната изложеност на УВ- зрачење доведува до структурални (мутагени) промени во ДНК кои предизвикуваат неповратно оштетување на целните клетки (кератиноцити), што води до тумороген процес.

Доказите за поврзаноста на хронично изложување на сонце со развојот на немеланомски карциноми се бројни, додека таа врска не е така јасно потврдена кај настанок на меланом.

Приближно 80 % од немеланомските кожни карциноми се развиваат на сонце изложените регии на телото, вклучувајќи ги лицето, вратот и шаките. Кај мажите со светол тен кои работат на отворено два пати е поголема веројатноста дека ќе го развијат овој тип на карцином отколку кај жените со ист тен. Мажите од бела раса со потемен тен (на пр., Хиспано) носат ризик 1:10 за развој на малигнитет во однос на лицата со светол тен. Црнците носат најмал ризик за развој на сите форми на кожни карциноми.

 

Фотосензитивност и заштита

Изложеноста на сонце влијае и на локалниот и на системскиот имунолошки одговор. Не така ретка последица на изложеност на сонцето е фотосензитивноста. Разни лекови и хемикалии може да предизвикаат фотосензитивност, без разлика дали е фототоксична или фотоалергиска. Мирисите, како мошусот кој порано се користел за бројни козметички производи, исто така, се силни фотосензибилизатори.

Природна заштита од сонце даваат структурните протеини на епидермот на кожата, посебно кератинот и меланинот. Количината на меланин и неговата распореденост во клетките генетски се регулирани, а лицата со потемен тен се во група за намален ризик за појава на малигни кожни промени. Останатите облици на фотопротекција се облека и антисоларни креми. Облеката е задоволувачка заштита кога е направена од густо ткаени материјали без разлика на бојата. Шешир со широк обод, долги ракави и ногавици можат значително да ја намалат директната изложеност. Препаратите за заштита од сончево зрачење постојат во два основни типа: хемиски и физички. Тие се рангираат според фотозаштитниот ефект кој се изразува како фактор за заштита од сонце (SPF – sun protective factor). SPF е, едноставно, однос на времето потребно за создавање соларен еритем со примена и без примена на антисоларен агенс. SPF 15, и оној со поголеми фактори, овозможува ефективна заштита од УВ-Б и нешто послаба од УВ-А зрачење. Физичките фотопротектори ги опфаќаат цинк-оксидот, талкот и титаниум-оксидот кој ја одбива светлината и на тој начин ја штити кожата од штетното дејство на зрачењето. Освен апсорпција на светлина, критичниот параметар на фотозаштитниот ефект на овие препарати е нивната способност да останат на кожата, особина која се нарекува постојаност. Општо е познато дека естри на p-аминобензоева киселина во влажни подлоги обезбедуваат најдобра постојаност. Мерките за заштита, исто така, подразбираат намалено изложување на сонце. Едноставно, избегнувањето директна изложеност на сонце во период помеѓу 11 и 17 часот значајно ќе се намали вкупната изложеност на УВ-Б зрачење.

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>