Фармацевти
Контакт

<< Назад

ЖИВОПИСНИОТ ОХРИД

јуни 1, 2019

Што да посетите во балканскиот Ерусалим

 

Охрид е град каде на релативно мала површина има голем број градби со единствена архитектура и ненадмината уметничка вредност. Секој љубител на уметноста со лесна прошетка низ улиците во стариот дел на градот може да ги запознае најзначајните претставници на културните текови.

 

Ивана Коцевска

 

Куќата на Робевци

Во стариот дел на Охрид, покрај брегот на езерото, не можете да ги одминете охридските куќи а да не подзастанете со желба подобро да ги видите и да ги фотографирате. Со својот впечатлив стил и најчесто бели фасади доминираат во стрмните и тесни улички. Имаат интересна градба, приземјето им е најтесно, а горните нивоа и катови се шират, односно секој нареден е поширок од претходниот. Прозорците им се вперени кон Охридското Езеро, за да ја впијат неговата зелена боја и да се ужива во зајдисонцата.

 

Едeн од најрепрезентативните објекти на градската архитектура кој вреди да се посети е куќата на Робевци. Робевци биле трговско семејство, учесници во економскиот, духовниот и политичкиот живот во последните два века од османлиското владеење со Македонија. Според големината и архитектонскиот израз, куќата на Робевци претставува своевиден статусен симбол за семејството.

 

Изградена е во 1827 година, за во 1862 година познатиот злосторник од Охрид, Устреф бег, да ја запали до темел. Две години подоцна Тодор Петков од село Гари  ја гради денешната куќа и под негово раководство бил направен и ентериерот: резбаните тавани, долапи и други украсни елементи. Куќата има три ката, вертикално е поделена на два дела, за двајцата браќа. Во текот на работата во двете половини на објектот на копаничарските тајфи им било забрането да се гледаат помеѓу себе, па затоа левата половина на куќата се разликува од другата половина. Семејството овде живеело до 1900 година кога се преселиле во Битола, а во Охрид доаѓале само за време на летото.

 

За време на Балканските војни и Првата светска војна во куќата биле сместени српски војници, а по нивното заминување дел од резбите во куќата се пренесени во Ниш. Од 1945 година куќата е заштитена како културно-историски споменик. Во долниот дел се наоѓаат изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, и вредни експонати: Миљоказ (пронајден на патот Виа Игнација), двете торза на божицата Изида и др. Археолошките експонати од праисторијата до средновековниот период се изложени и на вториот и третиот кат. Најгорниот кат т.н. ширван добил функција на охридска резиденција, каде се презентирани предмети изработени во охридска резба, дела на познати мајстори од градот и околината. Во источниот дел од катот има етнолошка поставка на предмети од покуќнината на семејството Робевци. Последната реконструкција е направена во 1990 година и куќата е повторно отворена како музеј.

 

Света Софија

Црквата Света Софија е една од најголемите средновековни цркви на овие простори и е една од најзначајните знаменитости во Македонија според средновековната архитектура и фреските. Подигната е врз темелите на стара сакрална градба по големата мисија на св. Кирил и Методиј, кога Македонските Словени го примиле христијанството на словенски јазик. Најверојатно црквата служела како катедрала уште во времето на цар Самуил, кој кон крајот на 10 век својата престолнина ја пренел од Преспа во Охрид. Времето на изградбата не може точно да се утврди. За денешната црква се споменува дека била изградена или обновена за време на архиепископот Лав, кој во периодот 1035-1056 година се наоѓал на престолот на црквата.

 

Во еден долг временски период таа била соборна црква на Охридската архиепископија, чија црковна власт се протегала на територијата на север од Дунав, до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток.

 

Првобитно црквата имала само една главна купола, а во 14 век било изградено раскошно надворешно предворје. Живописот на оваа црква бил од врвен дострел во средновековното сликарство во Македонија и пошироко. Ктиторот на живописот, архиепископот Лав, еден од најобразованите луѓе во тоа време, непосредно влијаел при изборот на композициите насликани во 11 век. Внатрешноста на црквата е зачувана со фреските од 11, 12 и 13 век, кои го претставуваат врвот на византиското фрескосликарство во своето време. Според научните сознанија, единствено овде се насликани заедно шестемина римски папи, а таков случај не бил познат во византиската уметност и во уметноста на словенските земји.

 

Во втората половина на 15 век со доаѓањето на Турците црквата била претворена во џамија и тогаш биле извршени најголемите измени. Фреските биле премачкани со вар, орнаментираните плочи од иконостасот биле искористени за изградба на мимбар, а над северозападното кубе било соѕидано минаре.

Во текот на 1912 година била користена како складиште за оружје. Во 1949 г. започнало чистењето на фреските. Истовремено било извршено и нивно копирање за изложбата Средновековната уметност на народите на Југославија, која се одржала во палатата Шајо во Париз. Во периодот 1951‒1957 биле откриени сите фрески и се заштитени од натамошно пропаѓање. Од јужниот ѕид биле симнувани според најновите конзерваторски методи што се применувале во Италија. Во 1953 г. со помош на специјални рамови на најсовремен начин повторно биле враќани на нивните места.

 

Охридската катедрална црква Св.Софија е најакустична православна црква во Македонија, а некои велат и на Балканот. Во неа се одржуваат концерти на сериозна музика. Морниците кои поминуваат по телото додека се слушаат оперски арии или звуците на пијано, виолина во вечерните часови кога ќе завладее тишина во целиот град е доживување кое тешко може да се опише со зборови. Се будат сите сетила, се активираат неверојатни чувства, а сеќавања остануваат цел живот.

 

Антички театар

Античкиот театар се наоѓа под Самоиловата тврдина, во близина на Горна Порта, од каде се протега незаборавен поглед на Охридското Езеро и планините што го опкружуваат. Овој театар на отворено има совршена положба, помеѓу две ритчиња кои го опкружуваат и го штитат од ветрови, кои би можеле да пречат на акустиката во текот на претставите.

 

Изграден е при крајот на 3 век пр.н.е., во периодот на доцниот хеленизам и бил наменет за прикажување драмски, музички и поетски претстави на љубителите на театарската уметност. Во периодот кога имал функција на класичен театар за претстави имал полукружна сцена, со гледалиште театрон и театарска зграда. На седиштата и во овој антички театар се врежани имињата на видните граѓани кои биле распоредувани според сталежот и угледот, а кои биле претплатени или имале сезонски билети за претставите. Бил граден по угледот на прочуените грчки камени градби од овој вид, со богата архитектонска декорација, особено на театарската зграда која била украсена со плочи на кои биле вклесани сцени од животот на боговите. На две такви мермерни плочи, кои денес се чуваат во Охридскиот музеј, е претставен богот Дионис во друштво со Музите.

 

По римските освојувања на овие краеви во 148 година пр.н.е., театарот бил приспособен за потребите на римскиот начин на живот и бил преуреден во театарски простор со арена за гладијаторски борби и борби со диви ѕверови, при што неколку од долните редови седишта биле урнати и на нивно место биле изградени кафези за животните, а почесните седишта биле заградени со заштитен ѕид. Подоцна во горната, надворешна зона бил изграден епитеатрон, со што капацитетот на театарот се зголемил до 5 000 гледачи. На сцената на отворениот реконструиран простор на Античкиот театар од 2001 година се изведува традиционалната меѓународна манифестација „Охридско лето“.

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>