Фармацевти
Контакт

<< Назад

КОСТИМ ЗА КАПЕЊЕ

јуни 1, 2019

Повеќе од облека за плажа

 

Развојот на ова парче облека низ историјата исклучително добро ги отсликува важечките морални норми во дадениот момент.

 

Автор Милица Ѓокиќ

 

Креирањето костими за капење е активност на која своето постоење го заснова цела гранка од модната индустрија, а од година во година, се појавуваат сè посмели и попровокативни модели. Како што тоа е обичај и во останатите модни трендови, некои работи циклично се повторуваат, па таков е случајот и со кроевите на костимите за капење, како и со нивните дезени. Она што е заедничко за сите нив е советот, доколку сакате да ги носите и во следната сезона, да ги чувате добро испрани и исушени во гардеробер, спакувани во хартиена кеса. Доколку ги користите во текот на целата година, тогаш веќе сигурно знаете дека хлорот од водата во базените влијае на нивниот век на траење. Но, затоа креаторите се трудат веќе во следната сезона да се појавите на плажа во уште поатрактивен модел.

 

Кога луѓето почнале да носат облека за капење?

Во античко време, според расположивите историски извори, било вообичаено во вода да се влегува без облека. На некои мозаици од римско време се прикажани жени облечени во парчиња платна врзани околу градите и под половината на начин кој потсетува на денешните бикини. Меѓутоа, не постои доказ дека така облечени влегувале во вода.

Старите јапонски графики прикажуваат мажи кои се капат облечени во традиционални фундоши, вид долна облека која во Јапонија престанала масовно да се употребува дури со продорот на западната култура и начин на облекување. За разлика од источната непрекината традиција на уживање во пливањето, западниот свет во текот на средниот век речиси во потполност ја занемарил оваа дисциплина. Тоа е и причина зошто нема многу податоци за облеката за капење од тоа време, иако се верува дека оние кои сакале да запливаат тоа го правеле необлечени.

 

Враќање на пливањето со строги норми на облекување

Иако во Англија сè до половината на 19 век не постоел закон кој би им бранел на луѓето да се капат без облека, во пракса секое место можело да донесе сопствени прописи со кои тоа би се санкционирало. Така, во градот Бат, во грофовијата Самерсет, уште во 1737 година е објавено дека сите мажи постари од десет години смеат да ги посетуваат локалните места за капење исклучиво облечени во точно дефинирана облека која го покрива телото до глуждовите и зглобовите на рацете. Жените морале да влегуваат во вода облечени во облека која целосно ги покривала и која наводенета не се прилепувала за телото и не ги оцртувала нивните облини.

Строгите правила на облекување важеле и во наредните векови, а Викторијанското време останало запаметено и по машината за капење, вид мобилна кабина која им служела на жените за влегување во вода. Во неа се капеле во својата со закон дозволена облека, а машината дополнително ги штитела од погледите на околината.

 

Кршење на крутите норми

Австралиската пливачка Анета Келерман во почетокот на 20 век гостувала во САД покажувајќи го својот подводен балет, претходник на синхронизираното пливање. Со оглед на тоа дека својата точка ја изведувала во костим кој ги откривал рацете, нозете и рамењата, била уапсена под обвинение за непристојно однесување во јавност. Меѓутоа, еднаш покренатиот процес за ослободување од вишокот ткаенина веќе не можел да биде запрен. Келерман покренала своја линија на костими, во почетокот ги вратила ракавите и ногавиците, но кројот бил прилепен за телото. Како што одминувало времето, сè повеќе жени ја прифаќале практичноста на нејзините модели, а се појавиле и други креатори на кои под рака им одела и појавата на нови материјали. Покрај памукот, волната и свилата, сега луѓето се капеле во облека изработена од рејон и жерсеј. Новите откритија, како најлон и еластин, многу брзо нашле примена во изработка на костими за капење. Примената на вештачки добиените влакна придонела и во рационализација на потрошувачката на природни материјали во текот на Втората светска војна.

Коко Шанел го вовела потемнетиот тен во светските модни трендови, и како последица на тоа сè повеќе се одело на плажа за телото да се изложи на сонце, а не да се влегува во вода. Тоа довело до дополнително намалување на количината на употребена ткаенина, па веќе во текот на 20-тите години се појавуваат и првите верзии на дводелни костими за капење. Нивната популарност, сепак, расте дури кон крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите години на минатиот век, благодарение, меѓу другото, и на холивудските глумици кои ги носеле. Бикини е назив вообичаен за дводелен костим за капење, а таков во тоа време почнал да се употребува. Оригинално, Бикини е име на мал атол во Тихиот Океан, на кој се вршени нуклеарни проби, а произведувачите на костими за капење тоа го искористиле во маркетиншки цели, со тврдењето за експлозивниот ефект кој го има нечија појава на плажа кога е така облечен. Машките костими за капење, исто така, станале сè помали, па веќе пред Втората светска војна било нормално да се видат мажи со голи гради на плажа.

Минимализам кој сè открива и ништо не покажува

Од 60-тите години на 20 век па до денешни денови количината на ткаенина упоребувана за изработка на костим за капење во неколку наврати е сведена на апсолутен минимум. Дури и едноделните костими откривале многу повеќе отколку што можело да се замисли пред само неколку децении. Тангите станале вообичаени на плажите ширум светот. Интересно е дека и машката мода во еден момент, во почетокот на 90-тите, тргнала во правец на долги шорцови за капење со должина до колената. Куриозитет претставува правилото кое забранува мажите да носат такви костими на француските базени. Оваа забрана наоѓа објаснување во хигиенски причини. Лекарите најчесто советуваат пресоблекување на костимот за капење по излегување од вода, со цел превенција на појава на габични заболувања.

 

Брзина и технологија

Развојот на модерни материјали довел до појава на пливачки одела кои ги подобруваат хидродинамичките карактеристики на натпреварувачите. Технологијата почнала да влијае во таа мера на резулатите што било ставено под знак прашалник дали победата ја извојувал пливачот или оделото. Поради тоа ФИНА (Меѓународната пливачка федерација) донела строги правила кои ја дефинираат употребата на овие одела.

 

Што се носи ова лето?

На ревиите на кои се прикажувани модели за лето 2019 во претходниот период е виден голем избор на модели, од класични до посмели предлози. Принтовите кои ги имитираат животинските шари се актуелни, но ништо помалку модерни нема да бидете ако се одлучите за некоја од металик варијантите. Во тој случај задолжително набавете и очила за сонце во соодветна боја. Костимите со изрези (популарен cutout стил) се интересни, но водете сметка да не се сончате исклучиво во нив, бидејќи нивниот облик ќе се одрази на вашиот тен. Ретро пристапот со подлабоки долни делови има свои поборници, а свежина на ова решение даваат модерните цветни принтови. Дури и наједноставниот едноделен или кариран костим добива убавина со додаток на панделки, што одделни дизајнери го искористиле кај моделите за оваа сезона.

 

 

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>