Нашата кожа има одредени природни заштитни механизми за борба против штетното дејство на сончевото зрачење, затоа е важно на време да им овозможиме да се искажат во полн потенцијал.
Автор Весна Марковиќ
Доаѓањето на топлите денови неизбежно буди асоцијации на сончање и престој на плажа. Меѓутоа, и во текот на секојдневните активности кои ги извршуваме често сме изложени на дејството на сончевите зраци. Деновите се потопли, носиме сè помалку облека, а тоа за последица има изложување на поголем дел од кожата на потенцијално штетните ефекти од сончањето. Без оглед на тоа дали се подготвуваме за одење на летување или продолжуваме со секојдневните обврски, постојат неколку работи на кои би требало да посветиме внимание.
Пилинг
Ослободувањето на кожата од површинскиот слој изумрени клетки придонесува за подмладен изглед. Посебно внимание треба да се посвети на кожата на лицето. Со консултации со козметичар и фармацевт изберете пилинг метода која најмногу одговара на вашиот тип кожа и нејзината моментална состојба. За секојдневна хигиена изберете нежни средства што чистат, а не ја иритираат кожата. Пилингот можете да го направите и со помош на природни состојки, а доколку тој дел од негата веќе темелно сте го направиле по зимата, тогаш понекогаш е доволно и нежно триење на кожата по туширање со пешкир со погруба структура.
Исхрана и хидратација
Урамнотежената исхрана заснована на внес на свежи природни состојки придонесува за здравјето на нашата кожа. Во борбата против штетното дејство на УВ-зраците на нашите клетки од посебна важност им се витамините Д, Е и Ц, минералите калциум и селен, како и антиоксиданти како бета-каротин, ликопен и астаксантин. Овие супстанции можеме дополнително да му ги обезбедиме на организмот преку додатоци на исхраната, за што е најдобро да се консултирате со својот лекар и фармацевт. Со нив можете да се консултирате и околу примената на креми кои го поттикнуваат создавањето меланин. Тие, исто така, ќе ве предупредат на тоа дали постојат нуспојави на лековите кои ги земате во рамки на редовната терапија во комбинација со изложување на сонце. Редовниот внес на течности, исто така, е од исклучително големо значење за здравјето на кожата, затоа би требало секаде со себе да носите шише вода.
Избор на шминка и препарати за нега
Помасните креми би требало да се исфрлат од употреба и за се заменат со хидратантни препарати кои немаат комедогено дејство. Течните пудри и тешките коректори заменете ги со пудер во прав и тонирани креми. Посебно обратете внимание на составот на препаратите кои ги користите, со оглед на тоа дека некои од состојките може да имаат негативни ефекти под влијание на сончевото зрачење. Пример за ова се креми што содржат ретинол, како и препарати на база на кантарион.
Средства за заштита
Заштитните креми би требало да го покриваат УВА и УВБ делот од спектарот. Вредностите на заштитниот фактор приспособете ги на својот тип на кожа и јачината на сончевото зрачење, како и нивото на изложеност во текот на денот. Се препорачува употреба на средства со SPF ознака поголема од 15. Слојот на заштитен крем обновувајте го во текот на денот на секои два часа, а задолжително по излегување од вода.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци