Препораки од матичен доктор
Кога одиме на летен одмор, покрај костимот за капење и млекото за сончање, задолжително мора да понесеме и патна аптека.
автор: д-р Ѓорги Каракотев
Во куферот за патување мора да оставите место и за најосновните лекови. Пред патувањето е пожелно да истражите каде е најблиската ординација и аптека во местото каде што се упатувате на одмор. Луѓето кои примаат хронична терапија и секојдневно земаат лекови треба да понесат доволна количина од лековите со цел да имаат за секој ден во текот на патувањето. За време на летниот одмор може да се појават алергии, стомачни тегоби, изгореници и повреди, па мора да сте подготвени и да имате лекови при рака.
Лекови за намалување на покачена телесна температура ‒ антипиретици
Благо покачената температура не е потребно да се третира со лекови, но доколку се покачи над 38,5 потребно е да се земе парацеталол или ибупрофен. Освен намалување на покачена телесна температура, овие лекови дејствуваат и при појава на болка.
Лекови против алергија – антихистаминици
Алергиските реакции се многу честа појава за време на летување. Кај нив многу е важна брзата реакција, односно терапија. Многу е важно да имате со себе лоратадин или деслоратадин. Овие лекови се доста ефикасни кај обична алергиска реакција (уртикарија), а помагаат и при ублажување тегоби предизвикани од изгореници од сонце. Исто така, тие се лек на избор и при каснувања од инсекти, при појава на чешање.
Капки/спреј за нос
Иако настинките се ретка појава при летување, сепак, може да се појават, особено на планина. При затнат нос, освен отежнато дишење, може да дојде и до воспаление на средно уво. Затоа е пожелно да се понесат соодветни капки или спреј за нос.
Пастили/спреј за дезинфекција на уста и грло
Овие препарати помагаат при пецкање или болка во грлото, особено ако сте чувствителни на газирани и ладни пијалаци.
Капки за очи
Контактот со песок и морска вода многу често знае да предизвика воспаление на очната лигавица (конјунктивитис). Иако скоро секогаш станува збор за благо воспаление, не е на одмет да се понесат антибиотски капки за очи.
Електролити (при дијареја и повраќање)
Дијареја и повраќање се најчести болести со кои може да се соочите за време на одмор. Најчесто се работи за стомачни вируси или труења со храна. Кој и да е изворот на болеста, најважна е рехидратацијата и надоместок на електролитите во организмот.
Пробиотици (препарати за нормализирање на цревната флора)
Пробиотиците се препарати кои содржат т.н. „добри бактерии“, кои им помагаат на цревата за подобро варење на храната. Затоа при појава на стомачен вирус пробиотиците помагаат во нормализирање на цревната функција, која обично е нарушена во такви случаи.
Лекови против повраќање пред патување – антиеметици
Овие лекови се земаат пред патување, а не кога веќе ќе се појават симптомите, затоа што во тој случај лицето ќе го поврати и лекот. Ваквите лекови обично немаат несакани ефекти, освен зголемена поспаност.
Препарати за ублажување на каснувања од инсекти и репеленти
Репеленти се препарати кои кога ќе се нанесат на кожата ги одбиваат инсектите со својот непријатен мирис. Постојат и гелови за разладување, кои се користат после каснување од некој инсект со цел да се намали црвенилото и чешањето.
Раствори за обработка на рана, стерилна газа и фластер
Може да понесете некој антисептичен раствор, 3 % хидроген и јод. Ова ви е потребно за да санирате некоја исеченица, со цел да се спречи секундарна инфекција на раната.
Се надеваме дека нема да ви затребаат, но, сепак, добро е да се понесат неколку препарати кои нема да ви одземат многу простор, а и нема да го оптоварат буџетот за летување. Ако патувате во странство, истите препарати некогаш се многу поскапи и нема да можете да ги купите без лекарски рецепт. Внимателно со сонцето, внимателно со водата за пиење и внимателно со храната, за да немате потреба да ја користите вашата патна аптека.
Без разлика каде патувате, секогаш имајте здравствено осигурување кое ќе ги покрие трошоците за евентуално лекување (медицински третман во случај на незгода, болничко лекување).