Фармацевти
Контакт

<< Назад

СКИЈАЊЕ НА ВОДА

јули 1, 2019

Загарантирана забава

Веќе речиси цели сто години луѓето уживаат во овој единствен спорт, а бројот на обожаватели на скијањето на вода расте од година во година.

Автор: Душко Шашиќ

Кралот на рокенролот Елвис Присли во филмот Вива Лас Вегас, во моментот кога Ен Маргарет го споменува скијањето на вода, рекол: Ги изговори волшебните зборови. Елвис, секако, многу добро знаел за што зборува, а скијањето на вода и денес е подеднакво волшебно како што било пред 55 години кога е снимена споменатата сцена.

Почетоци, падови и конечен успех
Приказната за настанувањето на скијањето на вода нè враќа во далечната 1922 година, во градот Лејк Сити во американската држава Минесота. Таму живеел Ралф Семјуелсон, тогаш деветнаесетгодишен, кој активно се занимавал со тогаш достапниот спорт на вода – аквапленинг. Овој вид забава се состоел во стоење на штица која по површината на водата ја влечел моторен чамец. Меѓутоа, Семјуелсон сакал ова да го направи уште позабавно, па дошол на идеја да се обиде со нешто слично како скијањето на снег. После низа експерименти со штици кои ги врзувал за нозете (користел и делови од дрвени буриња, бидејќи сфатил дека краевите треба да бидат искривени), младиот Семјуелсон конечно успеал да се извлече од водата и да го направи првиот круг на скии. Чамецот го возел неговиот брат Бен, а достигнал брзина од 32 км/ч. Во наредните петнаесет години Ралф ја унапредувал опремата и патувал низ Америка, промовирајќи го овој спорт и учејќи ги луѓето како да скијаат на вода.

Уште некој има слични идеи
Во 1925 година Американскиот завод за патенти регистрирал скии за скијање на вода, но Семјуелсон не бил лицето кое се пријавило како пронаоѓач. Независно од неговите обиди, Фред Волер од Хантингтон во државата Њујорк дошол на слична идеја. Својот изум Волер го нарекол Делфин Аква-скии. Долги години се сметало дека тој е основач на спортот, а за тоа придонела и неговата успешна кариера како пронаоѓач (Волер е далеку попознат по придонесот во филмската индустрија). Кон тоа верување придонел и Дик Поуп Сениор, човек заслужен за развојот на туризмот на Флорида. Поуп печател бројни рекламни материјали кои оваа дестинација ја промовирале и со помош на слики со скијање на вода, а останал забележан во историјата на овој спорт како прв човек кој извел скок од скокалница додека го влечел чамец. Неговиот син Дик Поур Јуниор својот придонес за скијањето на вода го дал така што ги отфрлил скиите, измислувајќи скијање на боси стапала.
Независно од Семјуелсон и Волер во текот на 1928 година (треба да се земе предвид дека информациите тогаш не патувале со денешната брзина, па е сосема можно овие луѓе да не знаеле за тоа дека уште некој се обидува да скија на вода), на американскиот Западен брег со оваа вештина почнува да се занимава Дон Ибзен. Приближно во исто време во Шведска младиот инженер Гунар Лјунгсторм доаѓа на слична идеја, со тоа што тој се обидел во слалом како дисциплина. Како и Волер, и овој човек е далеку попознат по други свои животни успеси, а шведската фабрика за автомобили SAAB сигурно не би ја зазела позицијата која денес ја има во историјата на автомобилизмот да не бил придонесот на Гунар.

Потребни услови и опрема
Овој спорт е можно да се практикува на мориња, реки, езера, воопшто на секоја водена површина која ги задоволува основните услови за безбедно скијање. Тоа во превод значи дека е потребна стаза од најмалку 60 м ширина за скијачот да има место да се сврти кога ќе ја напушти трагата на чамецот, како и минимум 1,5 м длабочина. Водата би требало да биде што помирна, па морето поради брановите се смета за помалку погоден полигон.
Големината на скиите зависи од бројни фактори, како што се возраста, тежината и нивото на знаењето на скијачот. Да се скија може со две скии, како и со една т.н. моно или слалом скија. При скијање на моноскии доминантната нога на скијачот е пред другата, стапалата се ставени во посебно приспособени везови кои имаат можност за приспособување на должината. Детските скии најчесто се долги од 110 см до 150 см. Често се споени со што се држат на константно растојание. Ова им ги олеснува на малите скијачи првите чекори во овој спорт, бидејќи ги ослободува од трошење сила за одржување на скиите во паралелна положба. Кога децата ќе зајакнат доволно да можат самостојно да ги контролираат двете скии, цврстиот спој се отстранува.
Чамецот кој го влече скијачот мора да има доволно силен мотор, како и да биде стабилен. Посебно приспособените чамци за овој спорт имаат додаток на задниот дел за кој се врзува едниот крај од јажето, а другиот крај е во рацете на скијачот. Овие чамци се дизајнирани така што прават што помалку бранови за да не го отежнуваат скијањето. Некои од моделите на чамци кои официјално се одобрени за употреба на натпреварувањата се Mastercraft ProStar 197, MasterCraft ProStar 190, Nautique 200, Malibu Response Txi и Centurion Carbon Pro. Покрај возачот, во чамецот е задолжително и присуство на уште едно лице, спотер. Негова должност е следење на скијачот и одржување на комуникација помеѓу возачот и скијачот. Пред почетокот на возењето сите три учесници договараат сет од основни знаци за комуникација со помош на кои се сигнализира поаѓање, забрзување или забавување, свртување...
Скијањето е можно и со помош на жичарници конструирани за таа цел. Тие ги влечат скијачите во круг, одлични се за учење и вежбање, но ја немаат таа магија која ја носи возењето зад чамец.

Техники на скијање
Постојат два основни начина за почеток на скијање на вода: сув и мокар старт. Сувиот старт подразбира скијачот на вода да влегува со скиите на нозете директно од брегот (всушност, од платформа дизајнирана за таа цел), под дејство на влечните сили на чамецот. Ова е техника која ја користат професионални скијачи, а може да биде многу опасна за неизвежбано лице.
Мокар старт, или поаѓање од вода, е далеку пораширена техника. Скијачот лебди на водата (носењето појас за спасување е задолжително) и на нозете монтира скии кои му ги додава екипажот на чамецот. Кога се скиите на нозете (претходно на суво е приспособена големината според стапалото на скијачот), екипажот на скијачот му дава јаже на чиј крај е врзана рачка за држење. Кај скијањето со две скии, скијачот се поставува во згрчена положба, така што јажето ќе биде поставено помеѓу двете скии чии врвови излегуваат од водата. Кога скијачот дава знак дека е подготвен, чамецот почнува да забрзува, затегнувајќи го јажето. Затегнатото јаже го повлекува скијачот нанапред, тој во чучната положба излегува од вода и се исправува, наведнат наназад (сè ова претходно се вежба на суво). Со промената на тежиштето од една на друга страна скијачот излегува од трагата на чамецот и свртува. Важно е брановите да ги сече под прав агол, инаку се зголемува можноста за паѓање. Кај моноскиите излегувањето од вода е нешто покомплицирано, но, исто така, многу брзо се учи.

Популарност
За тоа колку овој спорт е забавен и омилен зборуваат бројките од, како што се проценува, единаесет милиони скијачи на вода во САД, и повеќе од милион и шестотини илјади обожаватели на овој спорт во Австралија. Само во САД на годишно ниво се одржуваат повеќе од 900 натпреварувања во различни категории. Летото е пред нас, па ако ви се укаже прилика да го пробате овој вид на забава, задолжително искористете ја.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>