Лесен и шик
Идеален е оној кој дури и во најтоплиот ден не го чувствувате на себе, додека сите останати забележуваат дека го имате.
Автор Милица Ѓокиќ
Еден од првите хитови на некогашната група Хаустор, на почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, ги навел стотици луѓе да потпевнуваат: Дјевојке у љетним хаљинама волим... И навистина, летниот фустан е неодолив дел од летната магија, било да се работи за едноставно парче платно замотано околу телото или за креации на врвните магови на модната индустрија.
Ослободување од вишокот ткаенина
За разлика од античките времиња кога жените топлината на летото ја победувале нагрнати со платно префрлено преку едното рамо, средниот век во женската гардероба вовел строги правила кои подразбирале и голема количина материјал потрошен за фустан. Покрај тоа, задолжително било и носењето корсет, па претпоставуваме дека на дамите од она време не им било ни најмалку пријатно од пролет до есен. Англиските сатирични списанија од крајот на 18 век објавувале цртежи од жени облечени во фустани шиени од проѕирни материјали. Тие списанија покажувале како односните дами се ослободиле од сиот вишок облека под фустанот. Меѓутоа, тоа било тогашното сфаќање на хуморот, додека во пракса жените сè уште секојдневно морале да ја поднесуваат топлината закопчани до грло.
Пресвртот, токму во време на објавување на споменатите цртежи, го донела француската кралица Марија Антоанета, која во јавноста се појавиле облечена во бел фустан сошиен од лесен муслин. Иако од денешно гледиште chemise a la reine, како што бил нарекуван овој фустан, бил прилично конзервативен и оптоварен со вишок материјал, во тоа време претставувал револуција во модата. Марија Антоанета неславно завршила во една друга револуција, но кога на жените еднаш им е дадена можност полесно да ги пребродат топлите денови ни една сила на светот повеќе не може да ги запре. Всушност, потребни биле повеќе од 150 години за мини-модата од шеесеттите години на минатиот век да стане општоприфатена, на згрозување на моралистите, но еднаш покренатата модна револуција неуморно е продолжена. Не можеме да ја изоставиме големата улога која во борбата за удобно и елегантно женско облекување ја одиграла Коко Шанел, а малиот црн фустан сè уште е на листата задолжителни детали за летни вечерни излегувања.
Што велат креаторите за оваа сезона?
На ревиите на кои се прикажувани модели за лето 2019 можевме да видиме неверојатен распон на идеи и предлози, од кроеви до употребени материјали и нивен дизајн. Иако општиот заклучок кој можеме да го извлечеме од сето видено е дека, всушност, не постојат никакви ограничувања, сепак, некои правци преовладале. Во случај да се прашувате која е сличноста помеѓу летен фустан и чевли, одговорот е едноставен ‒ никогаш не може да ги имате премногу. Не заборавајте дека нивната основна функција е летниот ден да ви го направат попријатен, иако, секако, нема да штети ни ако сите забележат дека сте убаво облечени.
Рамења изложени на погледи
Оваа година речиси сите креатори им понудија на дамите варијанти на летен фустан кој отрива едно рамо или двете рамења. Во вториот случај најчесто во прашање е комбинација на корсет и фустан, кој, сепак, е попримерен за вечерни излегувања отколку за на работа. Доколку, сепак, не можете да му одолеете преку ден, можете да го дополните со ешарпа со која ќе ги покриете рамењата. Тоа дополнително ќе ве заштити од дејството на сончевите зраци.
Варијантата со едно откриено рамо во модата е присутна неколку илјади години, така што ако ваквиот фустан е ваш избор тука сигурно нема да згрешите.
Долго, лесно, пријатно
Иако на модните писти видовме предлози за мини и миди фустани, ова лето доминантната улога на себе ја има преземено макси модата. Во превод тоа значи дека мора да си обезбедите барем еден долг фустан. Предложените модели се разновидни, од лелеави и широки, преку оние кои од половината надолу формираат кружен облик, до оние кои со кројот ја следат вашата силуета. Вечерните модели понекаде се дополнети со предизвикувачки долг шлиц. Во мода се и ретро варијанти збогатени со фини набори, кои на фустанот му даваат ефект на волуменозност.
Напред пократко, назад подолго
Типот на фустан како mullet веќе десетина години има свои поклоници. Неговиот крој подразбира предниот дел од фустанот да е пократок, некогаш и до над колена, додека задниот се спушта до зглобовите. Со оглед на тоа дека немаме сите долги нозе, што е идеален стас за овој вид креација, тој проблем можеме да го решиме со комбинирање mullet фустан со чевли со висока потпетица. Ова, исто така, е една од оние комбинации кои се соодветни за вечерно излегување.
Колосано – хеклано
Ако сте мислеле дека благородната вештина хеклање, со која суверено владееле нашите баби и прабаби е замината во заборав, сте се излажале. Мрежестите летни фустани имаа забележителна улога на ревиите за ова лето, а во зависност од начинот на изработка и големината на отворот во ткаењето можете да ги носите во различни прилики, од одење на плажа до свечени приеми.
Саронг и сродни варијанти
Парче ткаенина замотано околу телото, освен што претставува најпријатно и најудобно решение, може да биде и многу елегантно и шик. Овде навистина единствено вашата фантазија е ограничувачки фактор, а дополнителна убавина на овој избор нуди можноста да го направите дома, со речиси занемарливи трошоци. Кога се работи за изборот на фустан за плажа, тогаш ова, секако, е едно од најдобрите решенија.
Пердуви и останати додатоци
Дополнителна интересна нота вашиот летен фустан може да добие доколку го збогатите со разновидни додатоци. Пердувите често се гледани на ревии како детаљ кој дава доза на различност во морето слични модели. Светликавите додатоци како кристали и пулејки сè уште имаат свои следбеници, но, сепак, оваа сезона се потиснати во втор план.
Материјали и бои
Сатен, свила, памук – овие природни материјали се најчесто користени ткаенини ова лето, иако имавме прилика да видиме и предлози за летни фустани шиени од кожа. Основна работа кај летниот фустан е пријатност во текот на носењето. Имајте го тоа на ум, пред да одвоите поголема сума пари за нешто во што ќе изгледате убаво, но во што ќе ви биде топло.
Неон зелената го одбележа ова лето, токму како и останатите флуо-бои. Црвената секогаш е сигурен избор кога сте во недоумица, но претставените модели, исто така, нè убедија дека веќе не постојат правила кога е во прашање комбинирањето бои. Така, имавме прилика да видиме комбинации на пруги, точки и психоделични шари. Точките потсетуваат самостојно на педесеттите и имаат свои фанови. Животинските шари не се повлекуваат, а сега ги гледаме и сите одеднаш на еден фустан. Омбре ефектот на преминување бои од потемни во посветли, исто така, беше забележан.
Пред да почнете да купувате, проверете уште еднаш во својот гардеробер. Не е невозможно во него да се кријат некои заборавени фустани, кои сосема одговараат на опишаните стилови. Уживајте во летото облечени во пријатни фустани, во добро расположение.