Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПРЕСПА

август 3, 2019

РЕСЕН И КУРБИНОВО

На крајниот југозапад на Македонија, во близина на Преспанското Езеро, во областа Преспа се наоѓа малиот град Ресен, со најзначајниот објект Сарајот на Ахмет Нијази-бег. А кога сте веќе во Преспа, црквата во село Курбиново задолжително морате да ја посетите.

Ивана Коцевска

Подрачјето околу Ресен се смета за еколошки ентитет од глобално значење. Овде можете да сретнете разновидни биотопи ‒ езера, планини и шуми со специфични, единствени карактеристики. Освен по јаболката, Преспа е позната и по керамиката која била развиена уште во минатото и сè уште е присутна благодарение на Ресенската керамичка колонија. Секоја година во летниот период многу светски познати керамичари учествуваат на неа.

Сарајот на Нијази-бег
Ресен е мала градска населба и економски, здравствен, културен, образовен, управно-административен центар за околните подрачја на регионот. Величествената зграда со која ресенчани се гордеат задолжително морате да ја посетите. Сарајот е објект висок 25 метри, со површина од 4 800 км внатрешен простор. Со својата големина, симетричност и складни пропорции отскокнува од сè што претходно било изградено во Ресен, но и во периодот кога бил граден 1905-1909 година. Во изградбата на ентериерот се користени префинето обработени материјали со висок квалитет. Го граделе локалните тајфи на градители, кои успеале да го реализираат со голема умешност, што говори за нивното совршено познавање на градителскиот занает.

Дворецот е еден од најрепрезентативните примери на згради изградени во неокласичен стил во Македонија и е еден од најважните примери на архитектурата од почетокот на 20 век, со елементи на европски историски архитектонски стилови.

Интересна е приказната како е изграден. Нарачател на градбата е Ахмет Нијази-бег, студент на воена академија во Истанбул и веројатно припадник на младотурското движење, кој бил испратен во Ресен. Една испратена разгледница со дворец од Париз, засекогаш ќе ја промени историјата на Ресен. Нијази-бег според разгледницата во 1904 ја почнува изградбата на Сарајот. До денес не е потврдено кој е објектот на разгледницата. На прв поглед Сарајот наликува на дворецот во Версај, а други го споредуваат со резиденцијата на парискиот градоначалник. Ахмет Нијази-бег имал визија за тоа што сака да направи во градот. Сакал да гради мостови, слични на париските на реката Сена. Сакал да ја урне чаршијата и да направи нова, со улици кои би личеле на париските. Но, трговците не го прифатиле предлогот. Огорчен поради тоа во 1910 година запалил 30 продавници на ресенските еснафи. Подоцна ја платил штетата, но не успеал во идејата од Ресен да направи Мал Париз. Во 1912 во Драч богатиот ресенски бег е убиен, пред дворецот да биде во целост завршен.

Денес на првиот кат во објектот е сместен Домот на културата „Драги Тозија“ и постојната изложба на творби на македонската уметница Кераца Висулчева и галерии на творби од Ресенската керамичка колонија, една од десетте керамички колинии во светот под покровителство на УНЕСКО. Вториот кат се користи како археолошки музеј.

Манастирот во Курбиново
Во пазувите на Баба планина се наоѓа скромниот дом на Ангелот од Курбиново под будната стража на својот патрон, свети Ѓорѓи Победоносец. Црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново е духовен бисер на Македонија и најзначаен споменик на сакралната архитектура, со непремостлив контраст меѓу скромната надворешност и раскошната ренесансна внатрешност. Сместен во околина која не е толку живописна, но затоа величествениот поглед кон планината и особено панорамата на волшебното и речиси секогаш мирно Преспанско Езеро го земаат здивот. Св. Ѓорѓи е мала и неугледна црква, оддалеку и не се забележува дека е црква сè додека не го здогледате олтарот на источната страна. За постарите истражувачи од 19 и 20 век, црквата Св. Ѓорѓи била само незабележителна селска црква.

Црквата е најголемата еднокорабна градба во Македонија, со полукружна апсида, долга 17 метри и широка 7 метри, со ѕидови дебели 1 метар. На западната страна нема нартекс ‒ двор каде се собираат верниците. Има два влеза и изградена е главно од камен и помалку од тули, во 1191 година, што се гледа од натписот над олтарот, за време на владеењето на Исак II Ангел. Во XVII век била запуштена, а во текот на XIX век била обновена. Конзерваторските работи на архитектурата и живописот биле завршени во 1958 година.

За жал, не постојат пишани податоци, ниту, пак, е зачуван ктиторски натпис кој би го открил идентитетот на градителот на црквата. Живописувањето започнало на 25 април 1191 година. Живописот никаде во Македонија, во престолнината Цариград и надвор од неа не е толку изразито предаден, со чувство за реалноста на внатрешните доживувања на личностите во драматичните сцени, како што се страдањата на Христос. Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески од тој период. Дело се на непознати мајстори во Курбиново кои го создале највредниот уметнички ансамбл на средновековието, ренесансниот бисер на Преспа. Остануваат во сеќавањата ликовите на светителите, издолжени, со раскошно развиорени облеки, небере лебдат во просторот. Тоа се ликови распоредени во сцени, беспрекорно избалансирани. Ликови со внатрешен набој. Таков е архангел Михаил, таков е и архангел Гаврил. Стилот на ателјето на мајсторот кон крајот на XII век ќе биде пренесен и употребен во катедралите во Пистоја и Пиза, градови во Тоскана, каде што подоцна, врз основа на овој тип на фрескосликарство, ќе се развие и светски познатата италијанска ренесанса.

Концепциски живописот е распореден во три зони: во првата зона се насликани поединечни претстави на светители во раст, во втората циклусот на големи празници, а во третата пророци и е вистински врв на уметничката вештина за време на византиската уметност на Комнените во Македонија.

Црквата е изградена на стари темели од 9 век. Околу црквата некогаш постоеле и манастирски конаци. Но, една случка од минатото засекогаш ќе го промени тоа. На 6 мај, на празникот Ѓурѓовден, кога селото има слава, традиционално тука се одржувале веселби. Зависно од тоа дали Ѓурѓовден се паѓал пред или по Велигден, се послужувала посна или мрсна храна. Една година, кога за Ѓурѓовден требало да се служи посно, селаните одлучиле славата да ја поместат по Велигден, за да имаат мрсна гозба. Се случило лизгање на земјиштето и целиот конак се урнал, се раскажува дека и многу луѓе загинале. И оттогаш, црквата низ вековите опстојува како самостоен објект затоа што никој, никогаш не ги изградил конаците повторно. Токму поради тие конаци многумина црквата ја викаат манастир.

До 50-те години на 20 век била напуштена, отворена и откриена. Зад црквата, преку рекичката што тука тече, има извор со вода за која се верува дека е лековита, помага за главоболка, за несвестица.

Денес манастирската црква Свети Ѓорѓи е споменик на културата и е заштитена со закон. Во чест и спомен на оваа најзначајна црква во Преспа, сегмент на фреската на светецот Архангел Гаврил „Ангелот од Курбиново“, се наоѓа на банкнотата од 50 денари. Да не дозволиме да остане само испишан на хартија, бидејќи стоел низ вековите спротивставувајќи се на илјадници војски, окупатори и природни непогоди.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>