Фармацевти
Контакт

<< Назад

ГИНГИВИТИС ‒ ВОСПАЛЕНИЕ НА НЕПЦАТА

август 3, 2019

Природни начини на лекување во домашни услови

Гингивитисот претставува воспаление на непцата. Настанува поради наталожување на дентален плак, односно наслаги на забите полни со бактерии кои предизвикуваат инфекција. Најчесто се манифестира со крвавење од непцата по четкање. Гингивитисот е прв и почетен симптом на периодонталната болест (парадентоза), кој може да се излекува и да се спречи во оваа рана фаза. Доколку не се дејствува навреме, може да премине во напредна фаза, кога забите се расклатуваат и доаѓа и до нивно губење.

автор: д-р Ана Генчовска-Доленц
доктор по стоматологија

Симптоми
Ова се некои од симптомите, доколку не се лекува гингивитисот:

• Црвени, чувствителни и отечени непца
• Крвавење од непцата по четкање
• Гној помеѓу забите и непцата
• Појава на парадонтални џебови
• Повлекување на непцата
• Непријатен здив
• Забоболка
• Расклатување и губење на забите

Како да се спречи гингивитисот?
Прв чекор во спречувањето на појава на гингивитис е одржување добра орална хигиена, избор на правилна четка за заби и користење правилна техника на миење на забите.
Четкањето на забите треба да биде најмалку два пати дневно по две минути. Покрај четка, треба да се употребува и забен конец за чистење на просторите помеѓу забите, како и течности за плакнење на устата. Покрај сето ова, треба редовно да се посетува стоматолог, кој најмалку два пати годишно треба да го исчисти забниот камен и меките наслаги од забите.

Како се лекува во домашни услови?
Откако убаво ќе ги исчеткате забите, можете да ги употребувате следниве средства:
• Плакнење на устата со:
‒ 3 % хидроген пероксид (максимално еднаш до два пати дневно)
‒ Листерин, Стоматидин и други средства за плакнење уста на база на хлорхексидин
‒ раствор од Бетадине за уста
‒ чај од жалфија
‒ чај од кантарион или камилица (ги имаат сличните својства како и жалфијата)
‒ физиолошки раствор (солена вода)
• Масажа на непцата со:
‒ гелови за непца (гингивал, гингигел) ‒ се нанесува мала количина од гелот на прстите и се масираат непцата за да се зајакне структурата и да се забрза циркулацијата.
‒ сода бикарбона ‒ се нанесува на прстите или на четката
• Друг домашен лек за болни и отечени непца е премачкување со масла. Најголем ефект е забележан кај кокосовото масло. Се зема една супена лажица од маслото и се држи во устата неколку минути, и половина час потоа не треба да се јаде. Замена за кокосово може да биде сусамово или сончогледово масло. Маслата ги обложуваат непцата и имаат антивоспалително дејство.
• Исто така, за премачкување постојат и гелови на база на куркума, каранфилче и
прополис.
• Ефикасен лек за гингивитис е употребата на витамин Ц од 500 мг два пати дневно, бидејќи го спречува крвавењето и го зајакнува имунитетот.

Заклучок
И покрај сите горенаведени средства и методи, најважна е посетата на стоматолог барем два пати годишно, за навремено да се дијагностицира болеста и да се дејствува брзо и ефикасно, и секојдневно одржување на оралната хигиена.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>