Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПАНТАЛОНИ

септември 1, 2019

Незаменлив дел од елеганцијата

 

Иако сме склони да веруваме дека се изум на новото време, панталоните се дел од гардеробата на човекот веќе илјадници години.

 

Автор: Милица Ѓокиќ

 

Практични, елегантни, со еден збор – незаменливи! Панталоните се составен дел од машката и женската гардероба и, едноставно, не е можно да се замисли некое друго парче облека кое е толку универзално применливо. Ги гледаме на ревиите на висока мода, на престижни приеми и свечени банкети подеднакво како и на улица, во фабрики, на полиња. Многу од нив имаат различни кроеви, од оние припиени до линијата на телото до оние кои како вреќа се спуштаат од половината, оставајќи нè во недоумица дали тоа можеби, сепак, е здолниште.

 

Почеток на носење панталони

Најстарите сочувани панталони биле изработени од волна и се откриени при археолошки истражувања во Турпан во западниот дел на Кина. Се претпоставува дека биле направени пред нешто повеќе од три илјади години и биле наменети за јавачите. Постои висок степен на можност дека први корисници на панталоните биле војниците-јавачи. Панталоните им давале дополнителна подвижност додека се наоѓале на грбот на коњите и тоа често можело да биде пресуден фактор за победа над соперникот облечен во наметка или во нешто слично.

Некои научници веруваат дека луѓето изработувале панталони веќе во доцниот палеолит, период кој нè враќа уште неколку десетина илјади години во историјата. Меѓутоа, не постојат сочувани примероци од овие панталони, единствено што оди во прилог на овие тврдења се фигури од тоа време пронајдени во Сибир. Овие артефакти прикажуваат луѓе кои најверојатно се облечени во првите панталони во историјата, па оној кој ги изработил е меѓу првите модни креатори во универзумот.

 

Грци, Римјани и варвари

Скитите, Сарматите и останатите стари номадски народи пристигнувале од исток и се сретнувале со хеленската цивилизација облечени во панталони. Грците имале свој начин на облекување и со подсмев зборувале за панталоните што ги носеле Персијанците, нарекувајќи ги вреќи. Старите Римјани се сметале себеси за наследници на грчката цивилизација и од тие причини носењето панталони го препуштиле на варварите. Меѓутоа, како што се ширела Римската Империја подалеку од топлите медитерански брегови, им станувало јасно дека панталоните може да бидат многу корисни, особено во зима. Со текот на времето почнале да ги изработуваат од лен, памук, волна, кожа или свила, во зависност од статусот на сопственикот.

 

Среден век, различни должини

Старите империи се распаѓале, но модата на носење на овие панталони опстанала. Се верува дека ги носел и Карло Велики, иако во официјалните прилики се појавувал облечен по углед на римските владетели, претендирајќи на тој начин да покаже континуитет на царството. На византискиот двор под туниките се носеле широки панталони, а панталоните биле и дел од облеката на германските племиња. Некаде околу VIII век почнала модата на носење два пара панталони, едни врз други. Со време овие горните станале пократки, сè до над колената. Долниот пар, исто така, ја менувал должината додека на крајот нè прераснал во она што денес го нарекуваме долна облека. Истовремено е развиена и идејата за носење тесни навлаки кои го покривале делот на ногата под коленото и биле прикачени за горните панталони (денешните чорапи се потомци на овој дел од облеката). Високите општествени слоеви предводеле во разработка на нови модни комбинации, што често водело во непрактични и скоро гротескни решенија. За тоа време обичниот народ најчесто носел удобни широки панталони кои не му пречеле во извршување на секојдневните работи.

 

Чекори кон модерното време

Во 1701 година рускиот цар Петар Велики, во рамките на модернизацијата на својата земја, издал наредба сите мажи да мора да носат панталони. Почетокот на Француската револуција донел потреба за прекинување со старите обичаи, па револуционерите ги отфрлиле дотогашните модни стилови и почнале да носат панталони со должина до глуждовите. Самиот збор панталони е позајмен од италијанската комедија дел арте, каде што еден од главните јунаци го носел ова парче облека, а и се викал Pantalone.

За популарноста на панталоните придонеле и морнарите, кои поради пораст на поморската трговија посетувале сè пооддалечени пристаништа. Тие се заслужни и за првите џинс панталони, кои, сепак, вистинскиот процут го доживеале во XIX век во САД. Сето ова водело кон дефинирање на кројот на панталони какви што денес ги познаваме. Модните диктати понекогаш влијаат на ширината или на должината на ногавиците, висината на појасот, материјалите од кои се шијат, но во суштина, тоа е сè уште она парче облека кое опстанало илјадници години.

 

Жените и панталоните

Кога зборувавме за првите панталони во историјата, не напоменавме дека во тоа време ги носеле и мажите и жените. Таа традиција некако се прекинала и на жените им бил потребен многу труд да го вратат своето право за носење панталони. Втората половина на XIX век е обележана со почетоците на движењето за поголеми права на жените и еднаквост со мажите, а ослободувањето од непрактични вишоци ткаенина бил составен дел од таа борба.

Пол Пуаре бил еден од втемелувачите на модната индустрија во XX век. Неговите харем панталони од 1913 година биле наменети за жени и многу брзо наишле на широко прифаќање. Во САД веќе било популарно носењето т.н. blumers панталони, а популарноста на новите спортови, вклучувајќи велосипедизам, едноставно, ја наметнала потребата за женски панталони. Холивудските икони Марлен Дитрих и Кетрин Хепберн во 30-тите години на минатиот век често им позирале на фотографите облечени во панталони. Сепак, дури 60-тите години на минатиот век го донеле тој голем бран на слободно носење женски панталони.

Како што времето поминувало, сè почесто ширум светот се укинати бесмислените закони и правила кои на жените им забрануваат носење панталони. Најсвеж пример е една прочуена авиокомпанија која дури од оваа година му дозволила на женскиот персонал да носи панталони во рамките на униформата на компанијата.

 

Што велат креаторите за оваа есен?

Додека мажите нема да погрешат сè додека се држат до класичните кроеви и одела за деловни состаноци, кај жените оваа ситуација е далеку посложена. Ѕвонестиот  крој на ногавиците, сепак, сè уште е во тренд, така што би требало да имате вакви панталони во својот гардеробер. Што се однесува до дезенот, можете да изберете класичен изглед на сиво одело со тенки линии, карираните дезени, исто така, се актуелни, а линиите и животинскиот принт сè уште имаат свои верни фанови. Како и малиот црн фустан, еден пар црни панталони може да ви дојде на помош кога не сте сигурни што да облечете. Панталоните на пегла со својата дефинирана линија даваат одредена доза дополнителна елеганција на вашиот изглед. Можете да се одлучите и за должина на панталоните до половина на листовите на нозете, во комбинација со високи чизми, а креаторите претставувале и комбинации во кои фустаните кои досегнуваат до колена се носат врз панталони или фармерки. Во секој случај, основната идеја за носење панталони е удобност, не го заборавајте тоа.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>