Фармацевти
Контакт

<< Назад

МАНАСТИРОТ ЗРЗЕ

септември 1, 2019

Духовно светилиште на падините на Даутица

Фото Влатко Петревски

 

Ако патот ве води накај Прилеп задолжително треба да го посетите и манастирскиот комплекс Зрзе, сместен во идилична природа над истоименото село.

 

Ивана Коцевска

 

25 км северозападно од Прилеп, на 1000 метри надморска висина, подигнат на  рамнина над селото Зрзе, врз бигорна карпа, се наоѓа манастирскиот комплекс Зрзе.  Тоа е еден од најубавите македонски манастири, духовно светилиште кое плени со местоположбата, со архитектурата, со гостопримството на монашкото братство.

Манастирот се наоѓа на падините на планината Даутица, од сите страни е опколен со дабова шума, а пред него како на дланка е распослана Пелагонија. До oвој природен бисер и духовен конак од македонската културно-историска ризница се стигнува по асфалтен пат што поминува низ прилепските села Ропотово, Пешталево, Костинци, а остатокот од 7 км до селото Зрзе е макадамски пат.

 

Селото Зрзе

Додека се качувате по патеката природата секаде околу вас е величествена. Мирисите од лековитата жалфија и мајчина душица и црцорењето на птиците што прелетуваат ви се постојани придружници. Зрзе е село од збиен тип со многу куќи, но со сè помалку жители. Куќите оставени на забот на времето ја покажуваат својата убавина. Изградени се од камен кој бил грижливо биран, со задолжителните надвиснати чардаци. Во близина на селото тече планинската река Бојаник, легендата вели дека од зрзорењето на реката селото Зрзе го добило името. Во лето и за време на празниците Зрзе е посетено од голем број туристи и намерници кои уживаат во недопрената природа.

 

Како што се искачувате до манастирскиот комплекс, на неговата северна, источна и јужна граница ги забележувате испосничките ќелии издлабени во вертикалниот засек на бигорната карпа. Нивниот голем број го потврдува манастирот како значаен религиозен центар и богатиот духовен живот на монасите, кои низ вековите припаѓаат на највисокиот монашки ред. Монашката населба е од времето на свети Климент Охридски, од втората половина на 9 век.

 

Манастирски комплекс

Манастирскиот комплекс е со површина од 7000 м2. Во североисточниот дел се изградени конаците, во западниот – економските згради, а во јужниот и југозападниот дел – други помошни згради. Некогашниот комплекс заземал многу поголема површина од денешниот. Целиот простор на манастирот одговара на површината која е природно оградена и заштитена со долини од јужната страна, и со значителен вертикален засек од источната страна. За заштита од западната страна порано бил издигнат висок дебел ѕид, кој денес е во остатоци.

 

Комплексот опфаќа неколку средновековни цркви под еден свод: црквата Свето Преображение ‒ која е најстара, црквата Свети Петар и Павле, капелата на Свети Ѓорѓи и Свети Никола, кои покрај остатоците од ранохристијанска базилика од 5 или 6 век укажуваат на богата културна традиција на овој крај. Целиот комплекс е покриен со стари турски ќерамиди. Јужно од црквата Св. Преображение, кон источниот дел е подигната кула – камбанарија.

 

Манастирот Зрзе го подигнал монахот Герман во средината на 14 век. Тремот е додаден пред 1368/1369 година. Седиштето на митрополијата во тоа време било во Прилеп, а на нејзиниот престол се наоѓал митрополитот Јован. Тој и неговиот брат Макариј животот го посветиле на црквата, но се школувале и како сликари во некое византиско уметничко средиште. Тие биле главни сликари на прилепскиот двор за време на кралот Марко и неговиот брат Андријаш, а своите животи ги завршиле во манастирот Зрзе. Браќата сликари со помош на монахот Грирориј се грижеле за манастирот Зрзе и во 14 век го живописале.

 

Делумно сочуваните фрески се одликуваат со прецизен цртеж и вешта композиција на стариот стил, хармонизирана и со ладни бои, што упатува на тоа дека сликарите веројатно учеле во некоја традиционална школа каде имало искусни наставници. Намерите биле јасни со крупни облици, со епски јасни композиции често позајмени од 13 век да се долови ширината и свеченоста на стариот стил. Фреската Богородица со Исус во нишата над влезот во црквата е сигурно непотпишана работа на Макариј.

 

Иконите на Богородица и Исус

Две големи икони во манастирот Зрзе се издвојуваат од останатие по својата убавина и сочуваност ‒ Христ Животодавец, насликана во 1394 од зографот Јован и Богородица Пелагониска која во 1422 г. ја насликал монахот Макариј. Овие две икони се поставени обратно од она што го налагаат православните канони, т.е. иконата на Христос е лево од иконостасот, а иконата на Богородица десно. Легендата вели дека монасите ги поставиле иконите според каноните, но во текот на три ноќи тие ја менувале положбата. Кога монасите ја прашале Богородица зошто се случува тоа, таа им одговорила дека не сака да му го врти грбот на Христос, по што иконите ги оставиле во таа положба.

 

Браќата сликари-зографи, Јован и Макариј, насликале многу манастири во регионот од тоа време. Кога Турците го зазеле Балканот, браќата ја довериле грижата за манастирот на градоначалникот Константин и на неговите синови. Манастирот Зрзе бил напуштен за време на владењето на султанот Бајазид I, па тешко е оштетен на  почетокот на 16 век. Обновен е 1535 г., а во 17 век е додаден трем и е извршено проширување. Црквата Свети Петар и Павле е изградена во северниот дел на манастирскиот комплекс, подоцна е позната како свештеничка црква.

 

Живописот од 19 век е со послаб квалитет. Од него се изделува со прозрачна убавина портретот на овчар облечен во народна носија. Оттука произлегло популарното име на оваа црква – „овчарска црква“. За портретот на овчарот постои една легенда, која раскажува за храброста и за трагичната судбина на едно момче-овчарче, кое застанувајќи да им се спротивстави на заканите на арнаутите дека ќе го опустошат и уништат овој божји храм, загинало на самото место. Поради тоа, во негова чест била изработена оваа фреска.

 

Црквата не била поштедена од грабежи и пустошења, но манастирот во Зрзе како да е роден под среќна ѕвезда, успеал да се спротивстави на сите оние лоши, разурнувачки духови што го следеле низ вековите на неговото постоење.

 

На 19 август, на празникот Св. Преображение Христово, се слави манастирската слава, па во духот на монашкото предание и вековните традиции братството приготвува посно гравче, риба, грозје и жито. Во манастирската иконописна работилница монасите изработуваат икони во традиционалната техника со позлата од 24-каратно злато и природни бои.

 

Специфичната местоположба и отежнатата пристапност ја условуваат посетеноста на манастирот. Во зимскиот период поради снежните врнежи тој речиси е отсечен од светот. Отворен за посети е од рана пролет до доцна есен. Во околината на манастирот растат лековити билки, печурки и чаеви. Природата, панорамскиот видик кон Пелагонија, воздухот, микроклимата и мирот на Зрзе, никого не оставаат рамнодушен. Оваа убавина ги чисти и очите и душата. Зрзе е парче рај на земјата.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>