Фармацевти
Контакт

<< Назад

ИБУПРОФЕН

октомври 1, 2019

Дали го користиме правилно?

 

Официјалните статистики издадени од страна на регулаторните установи во областа на промет на лекови (СЗО, ФДА, МАЛМЕД) потврдуваат дека ибупрофенот е еден од најпродаваните лекови во светот.

Автор Душан Гољиќ

м-р по фармација

Кога ќе ги изземеме 5 % од лицата кои се алергични на него, речиси и да нема семејство кое во својата домашна аптека нема некој облик на препарат со ибупрофен. Лекот се користи во самомедикација кај болни состојби како главоболка, забоболка, болка во грлото, како и кај болки во мускулите и зглобовите. Ваквата употреба е индицирана и оправдана, со задолжителна консултација со лекар или фармацевт. Меѓутоа, широката достапност и големата стапка на употреба создале сценарио за некритична употреба на лекот, па ибупрофенот се користи и кај болни крвавења, мамурлак, нервоза, несоница, како и кај болки во стомакот. Притоа, многумина го користат лекот секојдневно, со тек на време зголемувајќи ги дозите.

Се поставуваат следниве прашања: Дали знаеме за што сè и како се користи овој лек? Дали со примена на високи дози ибупрофен се доведуваме себеси во состојба на ризик?

Што е ибупрофен и како дејствува

Ибупрофен е аналгетик, антиревматик и антипиретик. Со своето дејство го сузбива воспалителниот процес во ткивата и ја намалува чувствителноста на болка во централниот нервен систем.

Индициран е за употреба кај акутни болни состојби (главоболка, забоболка, болки во мускулно-скелетниот систем), хронични воспалителни процеси (ревматоиди заболувања, невролошки заболувања), како и кај покачена температура. Генерално добро се поднесува, па се наоѓа во продажба без рецепт (ОТЦ доза), а се користи и кај мали деца со претходна консултација со педијатар.

Дозирање

Достапни дози се 100 мг, 200 мг, 400 мг, 600 мг и 800 мг. Примената на адекватна доза е од големо значење за правилен исход на лекувањето. Земање поголеми дози не доведува до побрзо излекување, но може да го зголеми ризикот од настанок на несакани дејства. Кај деца под 7 кг телесна тежина лекот смее да се користи само во присуство на лекар. Тераписките дози за возрасни почнуваат од 600 мг на ден, поделено во повеќе поединечни дози. Кај хронични болни состојби дозата се зголемува на 1800 мг до максимално 2400 мг дневно. Секако, во врска со дозата треба да се консултирате со својот лекар или фармацевт.

Контраиндикации и мерки на внимание

Ибупрофенот е контраиндициран кај пациенти кои имаат компромитиран гастроинтестинален тракт (гастритис, чир на желудник или на дванаесетпалечно црево), кај болести на црн дроб и бубрези, како и во третиот триместар на бременоста.

Посебни мерки на внимание се препорачуваат кај сите состојби кои носат зголемен ризик од крвавења, кај пациенти кои се во ризик од развој на мозочен или срцев удар, кај планирање на бременост и воспалителни болести на дебелото црево. Потребно е да се обратите на стручњак доколку земате антидепресиви, кортикостероиди, некои видови антибиотици и препарати од гинко билоба.

Со земање на лекот треба да се престане доколку се јават силни болки во стомакот, покачена температура и повраќање, појава на крв во искашлокот или изметот, отежнато дишење, осип по целото тело или заматување на видот.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>