Фармацевти
Контакт

<< Назад

БАЛЕТ

октомври 1, 2019

Префинета убавина на движењата

 

Лесно и наизглед без напор играчите на балет се движат по сцената правејќи да помислиме дека сè што прават е едноставно. Меѓутоа, ова е една од човечките активности која бара најмногу физичка подготвеност.

Автор Душко Шашиќ

Иако оваа рубрика е посветена на спотот, постојат многу причини поради кои не згрешивме кога за октомвриската тема го избравме балетот. Физичката подготвеност, неопходна за изведување на балетските движења, се стекнува со долгогодишно напорно вежбање и само најупорните и најталентираните играчи имаат прилика својата вештина да ја искажат во соло точките. Она што може да го излаже окото на набљудувачот е леснотијата со која балерините се движат на врвовите на прстите и изведуваат скокови и свртувања. Нивните колеги играчи сосема лесно ги подигаат над главата и сето тоа заедно изгледа како нешто сосема едноставно, додека не се обидете тоа сами да го изведете.

Играта како составен дел од животот

Искажувањето емоции со движење е дел од човековата историја веќе илјадници години, уште од примитивните племенски танци изведувани околу запален оган. Преку игра и движење е остварувана духовната врска со неоткриените тајни на вселената. Племенските врачеви играјќи паѓале во транс и потоа им соопштувале на припадниците на племето што виделе. До денешни дни танцот останал битен дел од многу народни обичаи, често со специфично дефинирани правила на однесување и јасно одреден социјален ефект. Модерните времиња донеле поопуштени норми кога е во прашање кореографијата, така што денес во танцот е дозволено апсолутно сè што ви годи и што ви помага по завршената забава да се чувствувате подобро. Сепак, некои работи останале засекогаш забранети, а газењето на стапалата на партнерот високо котира на таа листа.

Интересно е дека многу психолози го советуваат танцувањето како одличен начин за подобрување на расположение. Многумина од нас тоа го прават и несвесно, погледнете само околу себе и ќе видите луѓе со слушалки во уши кои полека се нишаат во ритамот додека чекаат превоз, или возачи кои удираат со рацете по воланот додека стојат на црвено светло на семафор. За оние на кои тоа не им е доволно, за среќа, денес постојат и бројни варијанти на курсеви по балет, модерен и класичен, чија цел не е од вас да направи примебалерина, туку да ви помогне своето слободно време да го поминете на здрав и креативен начин.

Кратка историја на настанокот на балетот

Она што би можело да се нарече претходник на денешниот класичен балет почнало да се дефинира во текот на периодот на ренесансата во 15 и 16 век, на италијанските дворови. Самиот збор балет настанал од италијанскиот збор balletto, што е деминутив од зборот ballo – танц, игра. Во италијанскиот јазик овој термин стигнал од латинскиот (ballo, ballare – да се игра), а оригинално потекло води од старогрчкиот термин за игра – ballizo. Зборот преминал во францускиот јазик, а потоа и во англиското говорно подрачје. Преминувањето на балетот на тлото на Франција се случило благодарение на тоа што Катарина Медичи станала француска кралица. Таа на дворот со себе ги зела и играчите на балет, а набрзо се покажало дека новото опкружување неверојатно поволно влијаело на развојот на овој вид уметност.

Во почетокот танцувачите биле аматери, главно регрутирани од редовите на благородништвото. Своите кореографии ги изведувале во пространи балски сали додека набљудувачите ги опкружувале од три страни. На почетокот на 17 век играта полека станува професионална преокупација на некои луѓе, а се дефинира и првата издигната бина која јасно ги издвојува изведувачите од публиката. Кралот Луј XIV е заслужен за основање на Кралската академија за танц во 1661 година, како и за формирање на првата професионална балетска трупа на Балетот на париската опера. На чело на оваа трупа кралот го поставил Жан Баптист Лилиј, чиј соработник бил Пјер Бошамп. Тие го унапредиле пристапот на игра и ги дефинирале основните положби на стапалата кои и денес се дел од секој балетски тренинг.

Различни стилови и методи на игра

Францускиот стил на игра е основа на класичниот балетски тренинг. Самиот балет почнал да ја губи својата позиција во Франција на почетокот на 19 век, но затоа развојот на играта е продолжен во Данска, Италија и Русија во тој период, а значајно влијание има и англиската балетска школа. Ерата на романтизмот влијаела на стилот на игра во текот на 19 век. За ревитализација на францускиот метод придонел и големиот играч Рудолф Нурејев во текот на 80-тите години на минатиот век.

Со текот на времето во различни земји истакнати кореографи развивале сопствени методи на подучување. Најистакнатите претставници на значајните балетски школи се Агрипина Ваганова, заслужна за развој на рускиот класичен балет, и Енрико Чекети, чие разбирање на анатомијата многу придонело за полесно изведување бравури. Антоан и Август Бурнонвил своето умеење го вткале во развој на данската балетска школа.

Неокласичниот балет е развиен во почетокот на 20 век со музиката на Стравински и други значајни композитори на тоа време. Значаен печат на развој на балетските движења во тој период оставиле кореографите Сергеј Ѓагиљев, Марта Греам, Џорџ Баланшин, Пол Тејлор. Тие со својот иновативен пристап ја отвориле вратата за развој на модерниот балет.

Современиот балет комбинира различни танцувачки техники со глума; кореографиите се ослободени од класичните стеги и нормативи, додека музиката е разновидна, од стандардни класични делови преку џез до модерен електронски звук или вокална поддршка.

Облеката на играчите

На самиот почеток на развој на балетот на играчите, покрај недостиг на дефинирани техники, работата дополнително им ја отежнувала и неадекватната облека, која им ги ограничувала движењата. Денешниот костим на балерините во класичниот балет им дозволува изведување целосни движења, додека лелеавото здолниште, познато као туту или пачка, визуелно придонесува за општ впечаток. Играчите на модерен балет често настапуваат во едноставни припиени трикоа, кои понекогаш откриваат голем дел од телото. Класичните кореографии подразбираат употреба на балетски чевли, конструирани така што го олеснуваат движењето на врвовите на прстите. Зад грациозноста и убавината често се кријат болни плускавци на нежните стапала. Модерниот балет им дозволува на играчите да бидат боси, ако е тоа дел од костимографијата.

Школување и кариера

Кога не фантазираат за тоа да бидат принцези, многу девојчиња сонуваат да станат балерини. Но, мал број од нив се одлучуваат и да запишат вистинска балетска школа. Пред овие девојки е напорен пат исполнет со макотрпни напорни тренинзи, ризици од повреди, голема конкуренција и мали изгледи за добро платена работа. Меѓутоа, тие не се откажуваат, привлечени од магијата на балетот, префинетите движења и светлата на сцената. Над нив бдеат сенките и делата на големите играчи како Ана Павлова, Маја Плисецкаја, Галина Уљанова, Маргот Фонтејн, Артур  Мичел, Михаил Баришњиков и многу други. Момчињата кои ќе го изберат балетот како работа лесно може да ги разбијат предрасудите дека ова не е доволно машка активност.

Тие во своите глави многу добро знаат колку се всушност јаки и колкава е таа нивна сила култивирана и внимателно контролирана. Во однос на сопствениците на мускули произведени во терената, кои, освен што се нефункционални, имаат и сомнителна естетска вредност, играчите на балет се врвни атлети. Рекреативното занимавање со балет е добро за здравјето. Денес постојат програми приспособени за разни возрасти, па не е ретко да се сретнат припадници на трета доба кои изведуваат пируети, се разбира, во склад со своите можности. На професионалните играчи дополнителна отежнувачка активност, токму како и на професионалните спортисти, им е тоа што постои оптимален период за занимавање со балет, потоа е време балетските чевли да бидат само спомен.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>