Пегите и дамките на лицето најчесто се несакани спомени од изминатото лето. Иако може да се појават и на сите останати делови од кожата, посебно на оние делови кои често се изложени на дејството од сонцето, оние на лицето се сметаат за посебен естетски проблем.
Автор: Весна Марковиќ
Под пеги и дамки подразбираме отстапувања од нормалната пигментација на кожата. Причините за нивно создавање може да бидат наследни, тие може да настанат како последица на биохемиски процеси во организмот поради одредена болест, земање некои лекови, хормонски промени. Настануваат и како последица на надворешните влијанија како што се сонце, ветер, топлина, ладно време, а можат да се појават и како комбинација од наведените фактори. Лошите здравствени навики како пушење и консумирање алкохол, исто така, се на листата предизвикувачи, исто како и изложеноста на стрес.
Начини на отстранување
Правилната и редовната заштита од сончевото зрачење, умереното изложување на сонце и придржувањето кон здравите животни навики се клучни фактори за спречување на појавата на дамки. Доколку тие, сепак, се појават, тоа не значи дека не можеме да ги победиме.
Хемиски пилинг е делотворен метод за отстранување пеги и дамки, меѓутоа не очекувајте чудо по само еден третман. Кој било пат да го изберете, мора да бидете подготвени за упорна борба. За овој вид третман препорачуваме посета на стручен козметичар.
Ласерски третман се прави под надзор на дерматолог и се користи во случај промените да се упорни и да не реагираат на поблаги начини на отстранувања.
Против пегите можеме да се бориме и со помош на природни препарати направени во домашни услови, а со својот фармацевт можете да се консултирате за изборот на креми кои на пазарот се достапни во голем број и се креирани така да ви помогнат што полесно да го решите овој проблем.
Природни состојки како помош
Маска направена од лажица мед измешана со лажичка куркума и две лажички лимонов сок има позитивно дејство врз отстранување на дамките. Зелениот чај е богат со антиоксиданти. На лицето треба да ставите изладени ќесички од зелен чај претходно потопени во зовриена вода и малку исцедени. Ќесичките треба да се замотаат во памучна фина ткаенина. Тоник направен од еднакви делови јаболков оцет и лимонов сок можете да го нанесете на лицето со нежно тапкање пред спиење. На повеќето домашни маски можете да им додадете и витамин Е, кој има исклучително благотворно дејство на кожата.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци