Тргнува без план, но секогаш има визија.
Аријана Коскарова е младата девојка чие име за кратко време почна се почесто да се споменува меѓу македонската бизнис заедница. Таа ја освои наградата ‘Форбс 30 под 30’ за Европа – во категоријата социјално претпримаштво на која се избираат млади луѓе кои преку своите бизнис идеи прават општествено добро.
Млада, шармантна и полна со идеи.
Заедно со нејзиниот брат Бојан Коскаров го основаа концептот Creative Hub кој е иновативен тренинг центар и кој работи по 5П пристап – со предавачи кои се експерти во својата област, со програми кои одговараат на потребите на пазарот и со организирање на настани во текот на програмата.
- Секоја нова година ја започнуваме со нови ветувања и се предизвикуваме за нештата да бидат подобри. Кои се најсјајните ѕвездени моменти за твојата 2019-та и со што се мотивираш за 2020?
-Наградата “Форбс 30 под 30” сакам да ја издвојам како нешто по што ќе ја паметам 2019 година. Тука е и организирањето на првиот “Балкански претприемачки самит” – кој можам да кажам дека е меѓу настаните што ја обележаа изминатава година. Меѓу другите успешно реализирани планови, за мене Албанија е значаен чекор, каде отворивме деловен простор на Creative Hub – Скопје и се појавивме на нов пазар.
Со специјална покана, во јуни присуствував и на самитот “Forbes Women”, кој се одржа во Њујорк и на кој бев во друштво на 50 успешни жени како Кристин Лагард и Ева Лонгорија. 2020, е пред прагот а мене ме мотивира помислата Creative Hub да се прошири на уште еден пазар.
- Веруваш дека неограничената слобода е дел од огромната одговорност која ја носи секој претприемач. Кога и како знаеше дека навистина си подготвена да зачекориш скалило погоре?
-Кога стекнав доволно работно и животно искуство – тоа би бил најверојатно вистинскиот одговор. Во своите 20ти имав можност да работам во Шангај, Њујорк, Мајами, Бали и да стекнам искуство на работна дисциплина како и себемотивираност. Откако се вложив за МБА дипломата на Интернационалниот Универзитет во Монако, направив технолошка апликација, работев од најниска на највисока позиција и во еден момент сфатив дека позицијата на која сум повеќе не ме предизвикува на интелектуално ниво. Тогаш сфатив дека е време да се предизвикам како претприемач.
- Живееше во повеќе држави, посети многу светски култури и сепак се одлучи да се вложуваш на домашен терен. Што најмногу те мотивираше за тоа? Имаше ли пресуден момент што те донесе до таа одлука?
-Па како што кажаа и сите колеги претприемачи што ни беа гости на Балкански самит, “Македонија има многу можности, поради фактот што има многу работи што недостасуваат”. Недостатоците во образовниот систем беа само еден од тие можности кои не инспирираа да создадеме бизнис модел кој за 2 години ќе стане препознатлив бренд за иновативно образование. Воедно, мора да признаам дека емотивно бев врзана за Скопје па можеби едноставно се поклопија работите.
- Вистински ‘лав’ во бизнис водите... Дали хороскопските карактеристики те отсликуваат и на приватно поле?
-Да бидам искрена, да. Оние што ме познаваат, во мене јасно ги препознаваат карактеристиките на лавот - амбициозност, лидерство, упорност и преземање на ризик. Од друга страна мора да кажам дека се обидувам да балансирам и се залагам за компромис. Верувам во комуникација и меѓусебно разбирање и се трудам со сите да работам заедно во тим .
- Покрај големата желба, потребен е неуморен темперамент и ентузијазам за трудот и напорното вложување во она што го правиш. Од каде го црпиш изворот на енергија?
-Пред неколку години на едно интервју кое беше меѓу првите во мојата кариера како претприемач реков дека ме мотивира стравот од неуспех. Мислам дека енергијата доаѓа токму од фактот на голема одговорност за бизнисот, за луѓето кои се дел од него и за луѓето кои веруваат во мене. Луѓето околу мене ми велат; знаев дека ќе успееш - кога и јас самата не сум била сигурна дали воопшто ќе можам да го направам тоа.
- Веруваме дека имаш многу поголеми желби и планови. Каде се гледаш во следните десет години?
-Интересно прашање, јас во суштина не планирам, воглавно сум човек од акција и најчесто тргнувам и без план но со визија. Кога го отворивме Creative Hub во Скопје немавме бизнис план, немаме ни денес. Не верувам многу во планови, верувам во акција и егзекуција. Многу луѓе имаат многу идеи и планови но не превземаат ништо за да ги остварат. Кога се најдовме на листата на Форбс помислив, би сакала 10 години од сега, Creative Hub да е интернационален бренд со свои акции на берза во Њујок. Јас веќе започнав со нашата интернационална идеја. Во однос на приватен план, би сакала да имам 5 деца и да имам исполнет емотивен живот.
- Со оглед на честите патувања, дали имаш можност да внимаваш на храната што ја внесуваш? Што најчесто јадеш?
-Љубител сум на морски плодови. Често јадам риба, а понекогаш и телешко месо. Секое утро го започнувам со цеден сок. Тоа е ритуал на кој ме научи мајка ми бидејки кога бевме мали, таа секое утро не будеше со свежо исцеден сок во кревет или пак вода со лимон за детоксикација на организмот.
- Беше една од најпофалените што се однесува до комплетниот изглед и стајлингот на гала вечерата на Форбс. Што претставува модата за тебе?
-Како за многумина, модата и за мене претставува лично задоволство. Не ги следам модните трендови по секоја цена. Начинот на облекување и изборот на парчињата облека го правам првенствено за себе и за да се чувствувам убаво. На гала вечерта носев semi-couture креација на млад македонски дизајнер, за разлика од повеќето кои беа во класични фустани или формално облечени. Креацијата привлече внимание, но мене ми беше позначајно тоа што јас излгедав баш онака како што посакував. Сметам дека е многу поважно да се чувствуваме убаво во своја кожа, отколку да водиме сметка како изгледаме за туѓите очи.
- Дали имаш време во кое се посветуваш само на себе? Колку имаш можност да бидеш физички активна и колку се стремиш да водиш здрав живот?
-Кога не патувам, вежбам секој ден по 1 час со персонален тренер. Здравјето, верувам како и сите, така и за мене, 90% зависи од храната што ја внесуваме, додека 10% од физичката активност. Диети не држам, но се трудам да пијам доволно количество вода и да избегнувам нездрава храна. Кафето ми е единствен порок. Од него неможам да се откажам.
- Што би им препорачала на оние кои стравуваат од неуспех? Која порака ја отсликува твојата дневна доза на мотивација?
Треба да се плашат ако не пробаат, а не ако не успеат. Успехот никогаш не е права линија. Со Creative Hub сме имале месеци што ни биле предизвик, но никогаш не помисливме да се oткажеме. Ниту еден успех не е вечен. Истото важи и за неуспехот. Животот треба да се живее денес. Затоа пробајте и вложете се. Успехот сам ќе си дојде.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2019).