|
Вистинската цел на овие базари е проилезена од практични причини. Луѓето уште во 17 век, духот на празниците го споиле со збир на тезги, кои нудат новогодишни украси што претставувале примерок за новогодишен подарок.
Талин – Естонија
Замислете, во оваа бајковите земја, првата новогодишна елка била поставена дури во 1441 година.
На историскиот плоштад, среде најстариот главен град во Северна Европа, меѓу малите куќички се шири мирис на топло црвено вино и леб од ѓумбир, каде и се продаваат божиќни декорации, ракотворби и деликатеси.
Овогодинешната тема на новогодишните украси е срцето кое се појавува како најзастапена форма на украс врз елката во центарот на плоштадот Раекоја (Raekoja Plats). Декорациите во облик на срце се избрани од повеќе причини. Една од нив е тоа што божиќниот маркет во Стариот Град Талин има форма на срце кога ќе се погледне од птичја перспектива. Талин новата година ја прославува во срцето на градот!
Веќе започнатиот новогодишен базар ќе трае до 7 јануари 2020 година.
Будимпешта – Унгарија
Во Будимпешта можете да посетите два новогодишни базари. Еден помал - на плоштадот Vorosmarty (Верешмарти) и еден поголем - кој е лоциран веднаш покрај базиликата Св. Стефан.
Она што го прави овој град спектакуларен е магичното визуелно доживување со огромно тродимензионално ласерско шоу, кое ги привлекува сите обожаватели на веселото новогодишно шаренило.
Унгарците внимаваат производите продавани на овие тезги да бидат традиционални со автентичен приказ на унгарската култура.
Новогодишната атмосфера на базарите во Будимпешта завршува на 6 јануари 2020 година.
Стразбур – Франција
Базарот на Стразбур, како најстар во Европа е омилен божиќен центар во Франција. Првиот поставен базар бил во далечната 1571 година, што е причина повеќе градот да се смета за дом на Божикот. Оваа година е поставен во срцето на Грандел (GrandeIle), место кое е дел од листата на светски наследства на УНЕСКО. Родното место на новогодишните базари, ветува восхит додека талкате низ 300 дрвени куќарки поставени во градот. Интересно е тоа што базарот завршува токму пред пречекот на новата година, на 30 декември 2019 година.
Виена – Австрија
Сигурно многумина од вас помислуваат токму на овој град кога се споменуваат божиќните украсувања и новогодишните забави. Слободно може да се каже дека во Виена нема конкретен новогодишен базар бидејки срцето на целиот град чука во ритамот на новогодишните празнувања. Иако целиот град изобилува со божиќни базари, еден од најпознатите и најголемите е Виенскиот Божиќен Свет кај Ратхаусплац (Weihnachts Markt Rathausplatz). Оваа година тој трае од 15ти ноември до 26ти декември, каде сите посетители имаат можност да уживаат во топло течно чоколадо, варено вино, колачиња од ѓумбир, празнични ракотворби и слатки закуски. Царскиот град ја има магијата составена од култура, традиција, историја и музика. Можеби ќе сакате да имате убав поглед додека трае спектакуларниот огномет на новогодишната ноќ. Тоа можете да го сторите од:
- Упатете се кон виенските ридови, Каленберг
- Резервирајте го вашето место во некој од рестораните познати по својот поглед над градот: Onyx Bar (Do&Co Hotel), Sky Bar, Лас Лофт или пак Кула Дунав.
- Резервирајте апартман на некоја висококатница или зграда во близина на плоштадот.
Ерфурт – Германија
Можеби малкумина од вас слушнале за оваа скриена убавина близу до географскиот центар на државата, но кога станува збор за прекрасно организираниот новогодишен базар, Ерфурт зад себе остава воодушевени посетители.
Покрај елката која е висока 25 метри, во Ерфурт има и божиќна пирамида висока цели дванаесет метри. Ликовите од бајките се уште една атракција за најмалите посетители што се театрално прикажани низ улиците на градот.
Доколку сакате да го посетите, имајте во предвид дека овој божиќен базар завршува доста порано од пречекот на новата година, на 22 декември 2019 година.
Зимските туристички прошетки знаат да бидат непријатни, особено ако планирате поголемиот дел од денот да го поминете надвор. Она што можете да го направите покрај облекување на алишта кои загреваат е да консумирате некои од следниве зачини, кои на природен начин ја покачуваат телесната температура:
- Цимет: Ароматичен зачин кој содржи танини кои ја стимулираат и сушат слузокожата и на тој начин го загреваат телото. Вареното вино со цимет и портокал е одлична можност за затоплување при прошетка на новогодишните базари.
- Ѓумбир: Покрај тоа што може да ви ги смири мачнините на желудникот, ѓумбирот може да ја покачи и телесната температура. Во текот на денот, додадете го ѓумбирот во вашата храна и обидете се да го затоплите телото.
- Црн бибер: Каде и да одите, лесно достапниот бибер содржи пиперин, супстанца за која е докажано дека делува на термогенезата преку стимулирање на нервниот систем.
Бонус Betty совет:
Размислете на тоа дека понесувањето ранец со вас би било од огромна помош. Во него може да имате: термос топла вода, волнени чорапи и основни медикаменти за настинка.
За детално читање на овој текст, погледнете на 30-31 стр. во електронското издание на BETTY магазин (ДЕКЕМВРИ 2019).